Македонија
„Ромалитико“: Минимална е казната за возачот што усмрти 10-годишно дете и побегна, да се постапи соодветно по жалбата
Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“ изразува незадоволство од донесената пресуда на судијката Марија Клетничка за прегазувањето на десетгодишно дете на булеварот „Никола Карев“, кое почина на самото место.
Од Институтот велат дека лицето што го изврши делото возело со прекумерна брзина, односно 26 километри повеќе од дозволеното. Тој исто така избегал од местото на настанот и извршил дело неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода. По ударот, 10-годишното дете починало на самото место, а за ваквиот чин сторителот доби казна затвор од само две години и три месеци.
Според досудената казна, велат од „Ромалитико“, судијката го осудила сторителот со минимална или казна под пропишаниот минимум не земајќи ги предвид членовите 300 ст. 2, каде што е пропишана казна затвор од најмалку четири години, и 301 ст. 2 бидејќи секое лице што ќе се затекне на место на кое има повреден има обврска да укаже помош. Во овој случај сторителот самиот ја предизвикал сообраќајната несреќа и притоа не укажал помош, иако бил должен тоа да го стори, што треба да се смета за отежнителна околност.
„Овој случај ги потврдува забелешките за владеењето на правото и селективната правда, кои дојдоа на сметка на судскиот систем во нашата земја од последните извештаи на американскиот Стејт департмент за човекови права и извештајот на Европската комисија за напредокот на државата. Притоа се потврдува ниската доверба на јавноста во судскиот систем, која и така е многу мала“, велат од „Ромалитико“.
Институтот укажува дека губењето на животот на детето е трагедија и болка што ќе го следи семејството до крајот на животот и најмалку што може судот да направи за овој случај е да донесе праведна одлука за казна на сторителот. Меѓутоа, како што се додава, ваквите пресуди во кои сторителите добиваат минимални казни, а има човечки жртви, во случајот 10-годишно дете, дополнително ја потврдуваат недовербата на граѓаните во правосудниот систем во државата.
„Во одмерувањето на казната се земаат предвид годините на сторителот дека е млад и дека нема претходно извршено кривично дело, меѓутоа не се зема предвид тоа дека починатото лице е дете од 10-годишна возраст, чиј живот е прерано згаснат од страна на несовесен возач“, велат од Институтот.
„Ромалитико“ бара да се постапи соодветно по поднесената жалба од страна на родителите на починатото дете, да се земат сите околности предвид, а особено тоа што лицето возело со прекумерна брзина и не застанало на местото на настанот да укаже помош, која можеби би била круцијална во спасувањето на животот на детето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

