Македонија
Новинарите утре на протест по пресудата против ИРЛ: Судот си одреди кој смее, а кој не да работи како новинар

Здружението на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници утре, 17 ноември со почеток во 11:00 часот ќе организираат новинарски протест.
Протестот се однесува на судската пракса која беше воведена со пресудата против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) каде што судот си одреди улога да решава кој смее, а кој не смее да работи како новинар, велат од ЗНМ.
Предвидени се и изјави за медиумите.
ИРЛ беа осудени за клевета по тужба на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и компанијата „БРАКО“ за емисијата „Заговор против воздухот“.
Во образложението на пресудата судијката, Јованка Спировска Панева, наведува дека истражувањата на ИРЛ не смееле да се публикуваат пред граѓаните, туку требало исклучиво да се користат за внатрешна едукација на вработените. Таа го отфрли исказот на уредничката на ИРЛ Сашка Цветковска со образложение дека таа и ИРЛ не се новинари и медиум.
Од ИРЛ по пресудата реагираа дека тие не се осудени за клевета, туку осудени се оти постојат, а поддршка добија од голем број новинари и медиуми. Основниот граѓански суд, велат од ИРЛ, преку судијката Јованка Спировска Панева протолкува дека непрофитните организации кои во земјава се занимаваат со истражувачко новинарство – не претставуваат медиумски организации, па поради тоа таа ги отфрлила доказите на ИРЛ во спорот со Анѓушев.
Против судијката Јованка Спировска Панева, Здружението на новинари поднесе претставка до Судскиот совет на 19 октомври. Бара да се утврди дисциплинска одговорност против неа, кога без објаснување и решение, одлучи да ги исклучи новинарите од судница за да ги соочи главната уредничка на ИРЛ Сашка Цветковска и Анѓушев. Медиумите беа спречени да известуваат од рочиштето, а јавноста немаше шанса да биде информирана за оваа судска постапка.
По пресудата реагираше и претседателот Стево Пендаровски.
„Етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање на новинари и медиуми имаше и во минатото и сведоци сме дека таквите процеси не доведоа до демократски развој. Како држава која се определила за членство во ЕУ и споделување на европските вредности за демократија, транспарентност и одговорност, потребно е да ги почитуваме и спроведуваме меѓународните стандарди за медиумски слободи“, напиша Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.30 часот, корисниците од улицата Франце Прешерн, општина Карпош;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Симеон Кавраков, Петар Ацев и Анастас Митрев, општина Аеродром.
Македонија
Сончево со умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а во северните делови засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневната температура за 3 до 5 степени. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, а попладне засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Од денеска до среда во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Потоа ќе преовладува претежно стабилно време, а дневните температури ќе бидат без промени.
Македонија
(Фото) Успешна евакуација на повредено лице со хеликоптер на Армијата

Вчера, во попладневните часови, по добиено барање од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата на Република Северна Македонија, поради сериозноста на повредите и непристапниот терен, изврши итна медицинска евакуација со хеликоптер од вВИНГ, на лице кое паднало во провалија во близина на Ливадичко Езеро, Шар Планина.
Повреденото лице, при падот, се здобило со скршеници на раката, ногата и колкот, како и со обилно крварење, поради што било во критична состојба. На лице место интервенираше екипаж- тим на парамедици, кои и покрај непристапниот терен успешно го извлекоа и имобилизираа повредениот.
„Армијата во координација со ЦУК и здравствените установи изврши успешна медицинска евакуација и го предаде повреденото лице на екипа од итната медицинска помош, по што истото беше транспортирано на понатамошен болнички третман.
Армијата на Република Северна Македонија, заедно со останатите институции во државата продолжува да дејствува во интерес на граѓаните, обезбедувајќи навремена и професионална поддршка“, се наведува во соопштението на Генералштабот на Армијата