Култура
Костадиновска-Стојчевска: Македонската културна дипломатија е подготвена да одговори на глобалните предизвици

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска се обрати на отворањето на Годишната меѓународна научна конференција на УКЛО 2023 во Битола, каде што врвни научници споделуваат решенија за остварување на целите на Обединетите нации до 2023 година.
„Исправени пред глобалните предизвици,“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска, „крајните решенија произлегуваат од обединетоста на културата, науката и политиката“ и додаде: „Сиромаштијата, нееднаквоста, климатските промени и гладот не се изолирани борби туку поврзани битки. За да се справиме со нив, треба да се обединиме, преминувајќи ги академските дисциплини, географските поделби и идеолошките линии“.
Министерката говореше за моќта на културата која го облагородува секое општество, ги поврзува и ги спријателува народите, има активистичка улога по сите прашања што го засегаат светот. Затоа, Костадиновска-Стојчевска на Конференцијата, која се одржува на Светскиот ден на науката за мир и развој, посочи:„ Македонското општество, со своите многубројни предизвици, комплексност и меѓусебни зависности, бара пристап што ги надминува границите. Северна Македонија има голем потенцијал за развој на својата културна дипломатија, таа има свое препознатливо место на културната мапа во регионот на кој припаѓа, но и многу пошироко, благодарение на богатото културно наследство, изворната фолклорна традиција, светски познатата сакрална уметност до современиот препознатлив литературен, музички и сценски израз“.
Темата на денешната конференција е „Мултидисциплинарен пристап кон Целите за одржлив развој”, затоа министерката истакна дека глобалните предизвици повикуваат на итност, амбиција и заедништво.
„Ние не сме тука само за интелектуална дискусија, туку сме собрани за да ја трасираме патеката на единството, соработката и визијата за трансформација“, рече министерката за култура.
Годинава одбележувањето на Светскиот ден на науката е во знакот на две важни случувања – прогласување на најдобрите научници на УКЛО во три категории и пристап кон УКЛО-мрежата како платформа за поврзување со научни дејци и институции кои дејствуваат надвор од Универзитетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Музичка драма што остава без здив – „Риголето“ од Џузепе Верди на сцената на Националната опера и балет

На 10 октомври со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе една од најубавите музички драми во оперската литература „Риголето“ од Џузепе Верди. Диригент е Џанлука Мартиненги од Италија, режисер е Пјер Франческо Маестрини (Италија), сценографијата е на Гилермо Нова од Шпанија, костимографијата на Кристина Ачети (Италија), а кореограф е Саша Евтимова, концерт-мајстор е Климент Тодороски, хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ.
Насловната улога (Риголето) ќе ја толкува гостинот од Јужна Кореја, Леон Ким, во улогата на Џилда ќе настапи, Биљана Јосифов, во улогата на Војводата од Мантова, Чуан Ванг од Кина, во улогата на Спарафучил, Владимир Саздовски, во останатите улоги настапуваат: Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Александра Лазаровска Василевски, Диме Петров, Марика Поповиќ, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Риголето“ е драма на човечкиот живот која јасно, силно и емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики кај луѓето кои ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста…Трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва. Напишана според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“, „Риголето“ како опера е раскажана со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех наназад низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку уште повеќе на прекрасните арии меѓу кои и „La Donna è mobile”, и на воопшто, убавата мелодиска структура.
Култура
„Кругови“ – Концерт на пијанистката Дуња Иванова

На 8 октомври (среда) во Културно-информативниот центар со почеток во 20 часот, пијанистката Дуња Иванова ќе одржи концерт со наслов „Кругови“. Централен дел од програмата на концертот се четирите пиеси со истоимен наслов, чиј автор е пијанистот и композиторот Дино Имери. Иванова премиерно ќе ги изведе неговите: „Ни ваму ни таму“, „Валцерот на Миро“, „Мајка“ и „Дрво“.
На програмата ќе бидат изведени и дела од македонскиот композитор и аранжер Давор Јордановски („Violet et noir“ и „Alma“), како и дела од современата полска композиторка Ханија Рани („Buka“, „Eden“ и „Silent Night“).
Дуња Иванова е пијанистка со богата концертна дејност, доктор по филозофија со специјализација во естетика на музиката. Зад себе има бројни настапи како солист и со камерни состави на реномирани сцени во Македонија, Европа и Америка каде што публиката ја препознава по чувствителниот музички израз и длабокото разбирање на делата што ги изведува. Соединувајќи ја уметничката и теоретската мисла, таа ја гради својата кариера како интерпретатор, истражувач на музичката убавина, наставник и автор.
Концертот „Кругови“ обединува музика на тројца исклучителни автори кои со својот уникатен музички израз чинат неверојатна приказна.
Ханиа Рани е полска пијанистка и композиторка чија музика ги спојува минимализмот, џезот и современата класика во интимен и искрен израз.
Дино Имери е еден од најистакнатите македонски пијанисти и композитори чија кариера ги опфаќа настапите со најреномираните оркестри и фестивали во Европа и пошироко. Добитник е на повеќе престижни награди и признанија, а неговите интерпретации се одликуваат со извонредна техника, суптилна музичка мисла и силна комуникација со публиката. Покрај класичниот репертоар, Имери е активен и како композитор со дела што се изведуваат на меѓународната сцена.
Неговото дело „Кругови“ е инспирирано од истоимениот роман на македонската современа авторка Тина Иванова – четиво кое низ интимен и искрен раскажувачки тон ги отвора прашањата за повторувањата и пресвртот во животот, за круговите што нè враќаат кон себеси, но и нè водат кон нови патеки на разбирање.
Давор Јордановски, македонско-канадски композитор и пијанист, е познат по својот креативен пристап кој спојува класични и современи музички јазици, создавајќи дела со моќна емоционална длабочина и универзална привлечност. Композициите „Violet et noir“ и „Alma“ претставуваат најава за наредниот целовечерен концерт на Дуња Иванова на кој ќе биде изведен циклусот „10 пурпурни ноктурна за пијано“ на Јордановски.
Влезот е слободен.
Култура
По Гевгелија, Македонска филхармонија ќе гостува во Битола

По концертот во Гевгелија, оркестарот на Македонската филхармонија со „Бајка“ утревечер (вторник) со почеток во 20 часот ќе гостува И во Центарот за култура во Битола. Како солистка на овој концерт ќе настапи виолинистката Анна Кондратенко, концертмајстор во Филхармонијата.
На концертот во Гевгелија, Кондратенко воедно ќе го води оркестарот во изведбата на композициите „Come in!” („Чукни и влези”) од Владимир Мартинов и „Писма до пријателите” од Гија Канчели.
Кондратенко родена е во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на четиригодишна возраст. Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О. Марченко и А. Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година.
Како солист и концерт-мајстор настапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонија (Новосибирск), Интернационалниот симфониски оркестар (Мичиген, САД), Klassische Philharmonie Bonn (Германија), Philarmonie der Nationen и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така, учествува на различни мастер-курсеви (кај Z. Bron, D. Zigmondi) и фестивали, меѓу кои: Mozarteum (Австрија), Holzhausen Musiktagen (Германија) и др. Таа е победник на многубројни серуски и меѓународни натпревари, меѓу кои и Ерденко и Мравински во Русија и Ј. Ниман во Германија.
Пред две години, Кондратенко го основа квартетот „Филхармонија” составен од членови на оркестарот на Македонската филхармонија, со кој остварува настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концертмајстор и солист на оркестар на „F.A.M.E.S Project” во Скопје.