Македонија
Заедничка интерпарламентарна средба на Комисиите за европски прашања и надворешни работи во Приштина
Делегација на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, во состав, Арбер Адеми, претседател,Фаница Николовска,член и замениците членови Бети Рабаџиевска Наумовска, Абдула Салиу и Игор Здравковски учествуваа на заедничка интерпарламентарна средба на комисиите за европски прашања и надворешни работи на парламентите на Албанија,Босна и Херцеговина,Бугарија, Северна Македонија,Косово и Хрватска,што се оддржа во Приштина, Косово.
На форумот,кој го отвори г-ѓа Арбереше Криезиу-Хисени, претседателка на Комисијата за надворешни работи и дијаспора,поздравни говори имаа г-ѓа Саранда Богујевци, прв потпретседател на Собранието на Косово, како и г. Бесник Бислими, прв вицепремиер за евроинтеграции, развој и дијалог и г-ѓа Доника Гервала Шварц, втор вицепремиер и министер за надворешни работи и дијаспора во Владата на Република Косово.Во нивните излагања, беше истакнато дека овој форум претставува стратешка платформа за суштински дијалог за нашиот заеднички пат кон европската интеграција и во насока на взаемна соработка и поддршка и споделување на позитивните искуства и практики.
Адеми во своето обраќање во сесијата посветена на Движење во процесот на евроинтеграција: предизвици, можности и стратегии за соработка,ја поздрави иницијативата за регионално обединување и разменување искуства и практики во врска со евроинтегративните процеси,која ќе придонесе за позитивни резултати во смисла на нивно унапредување и пристигнување до крајната заедничка цел, а тоа е членството во ЕУ.Притоа, истакна дека, Северна Македонија во континуитет одржува позитивен тренд на соработка и интензивна, билатерална комуникација,на највисоко ниво со сите земји од ЗБ. Нашиот стратешки интерес е во насока на градење, збогатување и одржување на стабилни и просперитетни добрососедски билатерални односи, во сите области од вземен интерес,и во таа насока, надминување на отворените прашања.
Адеми истакна дека треба да се искористи позитивниот моментум во ЕУ за процесот на проширување, кој реално добива на забрзување заради гео-политичките околности и дека Северна Македонија не смее да заостане на својот пат кон ЕУ, поради условот кој ни е поставен во Преговарачката рамка, а тоа е измената на Уставот на земјата, со цел Бугарската заедница да се внесе во Уставот.Изрази надеж дека процедурата која е отпочната успешно ќе заврши и земјата ќе ги почне преговорите и ќе го отвори кластерот „Темели“.
Во дискусиите,соговорниците ги разменија своите мислења и ставови за досегашните искуства во поглед на евроинтегративните процеси, при што истакнаа дека ЕУ процесот мора да има предвидливост,со цел да биде успешен.Заедничка беше констатацијата дека регионот нема друга алтернатива, и дека земјите од ЗБ својата иднина ја гледаат во Унијата. Поради тоа, беше искажана подготвеност земјите да ги исполнат европските реформи, усогласување на националното со европското законодавство,согласно Копенхагенските критериуми, и надминување на ветото за блокирање на ЕУ процесот, поради билатерални прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.
Македонија
Мицкоски: Ако заѕиданите пари биле од продажба на нива, што би барале во ѕидот?
Којзнае колку илјадници евра биле заѕидани, изедени и потрошени, ова е последица на антиуставниот имплант СЈО, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Презумција на невиност мора секој да почитува и никој не е виновен додека тоа не биде правосилно. Но од друга страна, сега зборувам како човек, ако навистина е точно дека тие заѕидани средства се предмет на легална трансакција, продажба на нива и слично, тогаш што би правеле во ѕидот?! Логично е тие да се наоѓаат на друго место, а не во ѕидот. И ако е така, кога ќе ви дојдат дома истражители и ќе ви ја пребаруваат куќата, тогаш логично е да им кажете, видете јас за да се обезбедам од крадци ги заѕидав парите во ѕид, ако тука копате ќе најдете 350 илјади евра. Но кога ќе ги најдете треба да знаете дека тие ми се од таа и таа продадена нива. Логично, а не да чекате после два дена да бидат откриени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање упатено до него за коментар на состојбите во правосудството и актуелната афера за најдените пари заѕидани во ѕид во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов.
Според премиерот подраматично што овој случај може да е еден од стотици, можеби илјадници случаи во историјата на независноста на државата.
„Суштината на проблемот лежи во два процеси. Првиот процес е изборот на стотици судии во Собранието во периодот 1994-1998, мислам дека беше 1996, кога се бираа по пат на едноумие, бидејќи за жал тогаш опозицијата реши да го бојкотира вториот изборен круг на изборите во 1994 година, па немаше свои претставници и тука во Собранието имаше едноумие. И денес тие судии му пресудуваат на народот на Македонија и на правдата на државата. Тоа е првиот, според мене, лош пример. И вториот лош пример е оној антиуставен имплант СЈО, кое до ден денес претставува проблем за правдата во Македонија“, посочи Мицкоски и дополни дека ова со 350 илјади евра заѕидани во ѕид се само последица.
„Којзнае колку има заѕидани такви илјадници евра и потрошени и изедени и испиени и не знам што. И затоа е таква перцепцијата на сите оние кои треба да бидат заштитници на правдата. Не се сите такви, мал дел се, но тој мал дел ги контаминира сите“, изјави Мицкоски и забележа дека тоа е главната причина зошто нема правда во Македонија и се чувствува правна несигурност кај граѓаните и инвеститорите.
„Да оставиме судот да пресуди и тој што е виновен да одговара. Но да ве потсетам, овој случај имаше и прво полувреме, ова со заѕиданите пари е второ полувреме. Мораме да ги гледаме холистички работите“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека за Владата друга опција и друг избор освен борбата за правда нема.

