Македонија
Од утре бесплатни тестирања за сифилис, гонореја, кламидија и ХИВ за момчиња и мажи

– Од 20 до 26 ноември 2023 година, под слоганот „Грижи се за себе“, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување ја одбележува Европската недела на тестирање за да ги охрабри мажите редовно да се тестираат и грижат за своето сексуално и репродуктивно здравје.
„Ги охрабруваме момчињата и мажите кои се сексуално активни да дојдат во нашиот младински центар „Сакам да знам“ – Водно за бесплатен преглед кај дерматовенеролог и да направат пакет бесплатни тестирања за сифилис, гонореја и кламидија, како и брз тест за ХИВ. Тестирањата се бесплатни и доверливи, а резултатите готови за само 20 минути! По потреба, можат да добијат и доверливо советување за сексуалното и репродуктивното здравје и да си земат информативни брошури и кондоми“, изјави Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА, на денешната конференција за печат.
Според д-р Велимир Савески од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, не можеме да зборуваме за потполна физичка, психичка и социјална благосостојба ако го занемаруваме сексуалното и репродуктивното здравје.
„Европската недела на тестирање е само потсетник дека на тестирањето за сексуално преносливи инфекции треба да се гледа како на дел од грижата за сопственото здравје. Вакви тестирања, вклучително и за ХИВ, може да се направат и во амбулантата за ХИВ на Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби, анонимно и доверливо. Она што ја прави нашата амбуланта различна од останатите е поддршката што секој пациент ја добива од психологот и социјалниот работник во однос на сексуалното и репродуктивното здравје“, рече Савески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.
Македонија
Оставката на Папазов помина на владина седница

Владата ја прифати оставката на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
Советот на општината ќе треба да назначи в.д. градоначалник на Кочани, откога одлуката ќе биде објавена во „Службен весник“.
Инаку, Папазов ја поднесе оставката по пожарот во дискотеката „Пулс“ каде животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени и префрлени низ клиниките во земјава и странство.
Папазов по оставката беше приведен и одреден му беше притвор. Во куќен притвор се и неговите двајца претходници од градоначалничката фотелја.
Според истрагата, тројцата осомничени градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16 март кога се запали дискотеката, не ги извршиле своите правни обврски во согласност со Законот за заштитата и спасувањето, со што овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење угостителска дејност. За целиот овој период, како што беше истакнато, Општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.