Македонија
Светскиот ден на детето одбележан со зголемување на капацитетите во градинките
По повод Светскиот ден на детето, кој се одржува секоја година на 20 ноември, на годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето, Министерството за труд и социјална политика заедно со Општина Кисела Вода го одбележаа почнувањето на работата на доградбата на објектот „Кокиче“ во состав на ЈОУДГ „Весели цветови“.
Доградбата обезбедува место во објектот за уште 56 деца. За доградбата градежните работи ги инвестира Општина Кисела Вода, а Министерството за труд и социјална политика инвестира во набавка, испорака и монтажа на опрема во вредност од 1.377.671 денар. На одбележувањето беа присутни заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, соопшти МТСП.
Во изјавите за медиумите Фатмир Битиќи ги истакна досегашните достигнувања на Владата на Република Северна Македонија во однос на детската заштита со фокус на досегашните инвестиции во нови објекти.

„Од почетокот на мандатот на Владата во периодот од 2017 до 2023 година отворени се вкупно 83 градинки или проширување градинки во целата држава, со кои е зголемен капацитетот на деца за речиси 8.000 нови места. Во моментот од 80 општини, колку што има во целата држава, во 75 од нив имаме отворени градинки, а со новата градинка, која ќе се отвори во Арачиново, оваа бројка ќе биде 76. Градинките не се само градежен проект, туку инвестиција во потенцијалот на секое дете. Инвестираме во секое дете! Градиме едно општество за сите!“, рече Битиќи.
Тренчевска потенцира дека денешниот потфат ја одразува непоколебливата посветеност за поттикнување инклузивно, правично и прогресивно општество истакнувајќи дека тоа ги потврдува вредностите на Владата. Таа посочи дека Министерството ја препознава основната важност на достапно и квалитетно образование во раното детство.
„До крајот на 2023 година планираме да отвориме дополнителни капацитети, кои обезбедуваат грижа и образование за 529 деца, До крајот на 2024 година нашата цел е да создадеме дополнителни 1.653 места, и тоа во Гостивар, Прилеп, Велес, Арачиново, Кочани, Василево, Липково, Дебар, Могила, Гевгелија, Чаир, с. Ерџелија и во Делчево. Ова се цврсти чекори кон градење посветла иднина за нашата заедница негувајќи го потенцијалот на секое дете и поддржувајќи ги семејствата во нивната потрага по квалитетна грижа за децата“, изјави Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

