Македонија
(Видео) Спасовски: Борбата против недозволената трговија со оружје е издигната на ниво на стратешки приоритет на МВР
Денеска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, се обрати на Регионалниот состанок на претставниците на граничната полиција и Царинската управа од Југоисточна Европа, во организација на Агенцијата за контрола на мало и лесно оружје во Југоисточна Европа (SEESAC) и Европската агенција за гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС, а во присуство на заменик-амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Бен Нупнау, како и полициски службеници од граничните полициски и царински служби во регионот на Југоисточна Европа.
Истакнувајќи ја партнерската соработка со СИСАК и ФРОНТЕКС, Спасовски во своето обраќање рече дека управувањето и зајакнувањето на границите со цел справување со сите форми на прекуграничен криминал, меѓу кои и недозволената трговија со оружје, е еден од приоритетите на МВР, но во исто време и еден од најголемите предизвици, а во таа насока борбата против недозволената трговија со оружје е издигната на ниво на стратешки приоритет на Министерството за внатрешни работи.
„Во таа насока, во согласност со стратешката определба на Република Северна Македонија за пристапување кон Европската Унија и усогласување со европските директиви, оваа година ја донесовме националната стратегија за контрола на мало и лесно оружје и национален акциски план за 2022 – 2025 година. Во завршна фаза на усвојување е прирачникот за мало и лесно оружје за граничните и царинските службеници, во соработка со ФРОНТЕКС, а во соработка со ОБСЕ донесена е и стандардната оперативна процедура за прибирање и следење податоци и информации за известувања поврзани со мало и лесно оружје“, истакна Спасовски додавајќи дека Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија континуирано работи и се залага за зајакнување на своите капацитети и тоа јасно се гледа преку редовното учество на нашите експерти на регионалните состаноци за огнено оружје на земјите од Југоисточна Европа, организирани од страна на СИСАК, со цел продлабочување на регионалната соработка во борбата со нелегално поседување и трговија со огнено оружје во Југоисточна Европа преку меѓусебна размена на искуства.
Спасовски рече дека активно се работи и на спроведување на сите планирани активности за остварување поголеми резултати во подигнувањето на јавната свест за опасностите од злоупотреба на огнено оружје, спречување на трговијата со оружје, како и воспоставување ефикасни системи за размена на информации.
„Неодамна одржаната обука за етиката во информирање на јавноста за родово базираното насилство, со фокус на инциденти со злоупотреба на огнено оружје, организирана од СИСАК, на која учествуваа и вработени во МВР, но и медиуми, беше уште една убава можност да се поработи во истата насока“, рече Спасовски на крајот од своето обраќање заблагодарувајќи им се на организаторите за денешниот регионален состанок, при што ги поздрави напорите да продолжат да се организираат настани од ваква природа, со кои ќе се подигне свеста во борбата против злоупотребата на огненото оружје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

