Македонија
„Тука првпат пробав полнети пиперки“ – Столтенберг пред пратениците зборуваше и за детството во Југославија

Генералниот секретар на НАТО пред пратениците во македонското собрание говореше и за своето детство, раскажувајќи дека живеел три години на територијата на Западен Балкан кога неговиот татко работел во норвешката амбасада во Југославија.
„Тука го вкусив првиот сладолед ги јадев првите полнети пиперки. Навистина имам пријатни спомени од моето детство во поранешна Југославија“, се потсети Столтенберг и додаде дека од тогаш многупати се враќал во овој регион за да се сретне со пријатели.
Во 2018 година, генералниот секретар на НАТО допатува во Македонија на отворањето на Столтенберговата улица која што го носи името на неговиот татко, кој е почесен граѓанин на Скопје.
„Тоа беше признание за неговите напори, но и напорите на мојата мајка да им се помогне на оние кои настрадаа во земјотресот од 1963 година“, рече Столтенберг.
Неговите родители, како што потсети, ја координирале помошта која пристигнувала од Норвешка и им помагале на оние кои останаа без дом во земјотресот. Потоа помогнале и во трансформација на болницата за туберкулоза во Козле во Институт за респираторни болести на деца. Оваа болница, рече тој, и денеска се грижи за децата и затоа овој дел од светот е важен за него.
Генералниот секретар на НАТО се обрати пред пратениците за првпат откако земјата пред три години стана полноправна членка на Алијансата. По тој повод, тој најмногу се осврна на 30-годишниот пат на земјата до членството, опишувајќи го како патешествое долго и полно со предизвици, кое се заврши со политичка храброст и визија и постигнувањето на историскиот договор со Грција.
Рече дека од членството во 2020 година, до денес, во Северна Македонија има повеќе странски инвестиции и поголем број работни места.
„Мирот и стабилноста е предуслов за економски просперитет“, заклучи Столтенберг.
Во онос на аспирациите за членството во ЕУ тој кажа дека за Северна Македонија но и за многу други држави, НАТО е суштинската меѓа на патот Унијата.
„Како што сме виделе и претходно, многу често сојзуниците првин се зачлениле во НАТО, па во ЕУ. Сите политички партии имаат одговорност да работат заедно и да ја движат државата напред. Од тука ве охрабрувам постојано да работите на тоа, како што работевте и на НАТО. Да го комплетирате вашето членство во ЕУ“, рече Столтенберг.
Во говорот пред пратениците тој кажа и дека членството во НАТО е добро за Северна Макеоднија, но добро е и за НАТО.
„Вашите вооружани сили активно придонесуваат во меѓународниот мир и безбедност. Северна Македонија веднаш ја осуди агресијата на Русија против Украина и се приклучи кон е европските санкции. Северна Македонија е важен и доверлив член“, рече Столтенберг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – најнов пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.
Македонија
(Видео) Со див приклучок на водоводната мрежа полевал илјадници метри земјиште – Град Скопје поднесе кривична

Град Скопје информира дека денеска е откриен нов див приклучок на мрежата за питка вода на подрачјето на општина Сарај, при што сторителот незаконски се приклучил за да наводнува неколку илјади метри квадратни пластеници. За случајот е изготвена и поднесена кривична пријава.
Ваквите појави сериозно го нарушуваат водоснабдувањето во градот, особено во урбаните и руралните средини кои секојдневно се соочуваат со намален притисок и недостиг на вода. Покрај директната штета врз системот, сторителот избегнувал и плаќање за потрошена вода во висина од илјадници евра, нанесувајќи штета на Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“, соопшти Град Скопје.
Согласно системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка, во јуни е забележана енормна потрошувачка на вода, која на одредени денови достигнала рекордни 356.000 м³. Тоа претставува околу 700 литри вода дневно по жител. Високата потрошувачка најчесто се должи на нерационално користење на вода – за наводнување, перење возила и полнење базени – дел од тоа и преку нелегални приклучоци.
Град Скопје апелира до надлежните институции, вклучително и МВР и Јавното обвинителство, активно да се вклучат во процесот на справување со дивите приклучоци и заштита на системот за водоснабдување. Се додава и дека неказнивоста води кон безредие, а граѓаните заслужуваат безбеден, редовен и правичен пристап до вода.