Македонија
Владата одобри користење буџетски средства за набавка на „трикафта“ за пациенти со цистична фиброза
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и ја усвои информацијата од Министерството за здравство за давање согласност за преземање обврски за чие плаќање е потребно користење буџетски средства за набавка на комбинирана терапија со лекот „кафтрио“ и лекот „калидеко“ за пациентите со цистична фиброза во државата.
Владата даде согласност за преземање обврски во програмите опфатени со развојниот дел од буџетот за чие плаќање е потребно користење буџетски средства во 2024 и 2025 година на Министерството за здравство за набавка на ваквата комбинирана терапија, во вкупна вредност од 854.549.942,40 денари.
Се работи за лек што e одобрен од Европската медицинска агенција, а ефектот од терапијата, според информацијата од Министерството за здравство, е брз, значителен и одржлив и се користи како стандардна терапија за третман на пациенти со цистична фиброза на возраст над 6 години.
Задолжено е Министерството за здравство до Владата да достави предлог-програма за обезбедување терапија за пациенти со цистична фиброза за 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Положено цвеќе пред споменикот на Драго Маневски, македонски бранител и припадник на безбедносните сили
Со положување свежо цвеќе пред спомен-плочата на припадникот на македонските безбедносни сили, Драго Маневски, беше одбележана 24-годишнината од неговата смрт.
Делегација од Општина Илинден предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, положи свежо цвеќе пред споменикот на македонскиот бранител и херој од 2001 година.
Драго Маневски, роден во Марино во 1966 година, го загуби животот на 11 ноември 2001 година во село Требош, како припадник на безбедносните сили на Република Македонија, борејќи се за својата татковина.
Македонија
Алиу: Годинава обезбедени 58 лека за 430 пациенти со ретки болести
Министерот за здравство Азир Алиу заедно со Здружението за ретки болести „Живот со предизвици“ одржа прес-конференција по повод симпозиумот во рамките на кампањата „Ти си редок херој“ со заедничка цел да го унапредиме знаењето и практиката во раното препознавање и дијагностицирање на ретките болести.
„Ретките болести не се ретки за тие што живеат со нив. Оваа тема е од особена важност бидејќи матичните лекари како прва точка на контакт со пациентот имаат клучна улога за рано откривање и насочување на лицата со сомнеж за ретка болест. Во рамките на Програмата за ретки болести за 2025 година се обезбедени вкупно 58 лека за 430 пациенти, меѓу кои и три нови терапии за јувенилен ревматоиден артритис, Фридрајх атаксија и Дравет синдромот. Во регистарот на ретки болести денес се евидентирани повеќе од илјада пациенти, а Министерството останува целосно посветено на унапредување на системот за нивна дијагностика, третман и рехабилитација“, истакна на прес-конференцијата министерот Алиу.
Најави дека во следниот период Министерството ќе работи на неколку приоритети, меѓу кои процена и анализа на достапната опрема за дијагностика на ретките болести во јавните и приватните здравствени установи, ажурирање на листата на лаборатории во кои се изведуваат биохемиски и генетски тестови, со посебен фокус на континуирана едукација на докторите, особено на лекарите по семејна медицина и на специјалистите за навремено препознавање, дијагностика и превенција на ретките болести, како и воспоставување јасна патека за движење на пациентите на примарно, секундарно и терциерно ниво во согласност со медицина базирана на докази и европските протоколи.
„До Владата веќе е доставена националната стратегија за ретки болести, која очекуваме да биде усвоена до крајот на годината. Таа стратегија ќе биде основен документ за подобрување на квалитетот на животот на лицата со ретки болести, и тоа не само преку терапија, туку и преку психосоцијална поддршка, рехабилитација и инклузија. Наша заедничка заложба како систем, како професионалци и како општество, е да обезбедиме навремена дијагностика, современ третман и достоинствен живот за секој пациент“, истакна Алиу.
Македонија
Почна имплементација на проектот „UrbanGreenLeap – мултифункционален пилот-парк во Волково“
Општина Ѓорче Петров почна со имплементација на проектот „UrbanGreenLeap – Мултифункционален пилот-парк во Волково“, поддржан преку Interreg Euro-MED програмата, кофинансирана од Европската Унија.
Од Општината информираат дека проектот има за цел да создаде современ мултифункционален зелен простор во населбата Волково, кој ќе претставува пример за одржливо урбано уредување, комбинирајќи рекреација, едукација и заеднички активности на граѓаните.
Цели на проектот се јакнење на капацитетите на локалната самоуправа за одржливо управување со зелените површини, поттикнување активно учество на граѓаните во процесите на урбано планирање, развивање урбани планови кои ја интегрираат природата и биодиверзитетот во секојдневното живеење и подобрување на зелената инфраструктура и намалување на ефектите од климатските промени.
„Со овој проект започнуваме нова страница во односот кон зелените површини. Волково и Ѓорче Петров добиваат пример за урбан, модерен и одржлив развој кој ќе ја интегрира природата во секојдневното живеење“, изјави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Вкупен буџет за проектот е 2.388.555,00 евра, и истиот е финансиран од Interreg ЕУ фондовите во износ од 1.910.844,00 евра. Период на имплементација е од 01.04.2025 до 31.12.2027.

