Македонија
„Техничка Влада“ пред избори ќе има, Османи вели дека е доцна да се менуваат правилата
Министерот за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи вели дека нема простор за промена на моделот на Пржинската влада на овие избори.
За Османи важно е на претстојната лидерска средба во декември да се постигне консензус дали изборите ќе се одржуваат споено или одвоено, а на прашањето дали за следните избори ДУИ би се согласила да се смени пржинската влада, партискиот потпретедател одговори дека засега нема таква одлука.
„Јас би се согласил за наредните избори да се повлече пржинската влада, но не на овие избори. Едноставно сме преблиску за да ги смениме правилата на игра во последен момент. Сега, на овие избори, продолжуваме со истите правила на игра согласно договореното и уште при формирање на коалицијата“, кажа тој.
Според него, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не е против техничка влада поради министрите и замениците министри, туку поради премиер Албанец.
„Бидејќи тој ја наметна таа тема, на премиер Албанец, мислам дека тука ова прашање нема простор да се дискутира, бидејќи е договорена за тоа потврди и премиерот и мислам дека тука нема простор. Но, по однос на самите избори, кога, како, почетокот на декември ќе има состанок помеѓу лидерите, и ќе се остави да се постигне консензус. Многу е важно по однос на терминот на изборите, дали ќе бидат споени или ќе бидат одвоени, да има консензус. Јас еве во неколку наврати зборувам што ДУИ мисли, меѓутоа не велам така треба да биде. Ние ќе прифатиме се што ќе се предложи. Но, многу е важно на избори да влеземе со консензус, бидејќи ако влеземе со наметнати решенија уште од старт имаме искривен процес. Мора од таа лидерска средба да излеземе сите со подадена рака. Ова е теренот рамен за избори, ајде најдобриот нека победи, тој што граѓаните ќе го поддржат. Ние ќе инсистираме да има консензус по однос на датумот на избори, по однос на сите техникалии“, изјави Османи.
Тој смета дека пржинската влада од практичен аспект не е лошо решение затоа што никој после избори не може да обвини некого за наместени избори.
Измените на Законот за влада, во кои е вграден „Пржинскиот модел“ предвидуваат 100 дена пред денот на одржување на избори за пратеници во Собранието, а по претходна оcтавка на претседателот на Владата, Собранието да избере нова, преодна Влада за спроведување на избори.
Се избира нов министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика на предлог на опозицијата со најголем број на пратеници во Собранието, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија.
Оваа „пржинска влада“ предвидува и дополнителни заменици министри за надворешни работи и на труд и социјална политика предложени од владејачката партија.
На предлог на опозицијата ќе има дополнителни заменици министри за финансии, за земјоделство и за информатичко општество.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

