Македонија
Муцунски: Ветувам 100 процентна реализација на програмата до 2025 година
Еден од првите чекори кои ги преземавме заедно со претседателот на Советот, Дејан Митески е за градоначалникот и претседателот на Советот за првпат од постоењето на општина Аеродром да нема средства за репрезентации, да нема средства за патни трошоци, да нема користење на службено возило, да нема користење на службен мобилен телефон, бидејќи сметам дека такви чекори праќаат сигнал до граѓаните, дека промените се случуваат во културата на однесување кон институциите, вели Тимчо Муцунски, градоначалник на општина Аеродром на денешната дебата на тема „Локален економски развој“ која е во рамки на настанот „Важно е! Платформа за иднина“ која е дел од кампањата Важно е! Од тебе зависат промените.
Муцунски посочи дека укинале 8 маркици на локации каде што веќе имало повисок степен на урбанизација, и сите тие места ќе ги претвори во парк, додавајќи дека на локацијата Реонски центар Аеродром каде што требаше да бидат изградени три објекти, во моментот се изведува парк од над 6.000 метри квадратни.
Рековме дека ќе укинеме 8 маркици на локации каде што веќе имаше превисок степ на урбанизација и сите тие ќе ги претворивме во парк. Сега може да отидете на локацијата Реонски центар Аеродром каде што требаше да бидат изградени три објекти, во моментот се изведува парк и убеден сум дека веќе на почетокот на пролета во 2024 година, тој парк од над 6.000 метри квадратни ќе може сите аеродромци и сите скопјани да го користат, рече тој.
Муцунски истакна дека општина Аеродром има изградено повеќе спортски рекреативни центри на нејзината територија за разлика од Агенцијата за млади и спорт што има изградено на територија на цела Македонија.
Само општина Аеродром има изградено повеќе спортски рекреативни центри на нејзината територија, од Агенцијата за млади и спорт што има изградено на територија на цела Македонија. А, замислете колкав буџет има агенцијата, а колкав буџет има општината, потенцираше Муцунски и додаде:
Вложуваме во тоа што е најпотребно за граѓаните, отворивме еден голем објект детската градинка „Црвенкапа“. Вложуваме во реконструкција на сите основни училишта, како внатрешна реконструкција, така и енергетски ефикасни фасади, кои што обезедбуваат намалени сметки што значи поефикасно трошење на приходите. А, за прв пат од постоењето на нашата општина сите дотации и сите трансфери кои што пристигнуваат за образование и социјална заштита, се користат единствено за плати, до толку се намалени дотациите и трансферите. Во минатото 50 проценти биле за плати, а 50 проценти биле за инвестиции. Сега веќе општината се грижи и за инвестиции и за плаќање на сите сметки, а не се зема во каква состојба се наоѓа локалната самоуправа во нашата држава.
Градоначалникот Муцунски додаде дека во Извештајот на Европската комисија се критикува владата на СДСМ и ДУИ дека неангажираноста да се справи со проблемите за финансирање на единиците на локалната самоуправа односно дека не се преземени конкретни мерки, иако како што рече тој токму Европската комисија констатира дека најпогодени од енергетската и економската криза се единиците на локална самоуправа во Македонија.
Една работа која што помина незабележана од последниот Извештајот на Европската комисија е критиката која што и се даде на владата за неангажираноста да се справи со проблемите за финансирање на единиците на локалната самоуправа, дека не се преземани конкретни мерки, иако самата Европска комисија констатира дека најпогодени од енергетската и економската криза која што е глобално се единиците на локална самоуправа во Македонија. Затоа ние како политички субјект имаме план. Но прво во следниот период кој што доаѓа е многу значајно да мериме која е разликата на минатото тоа е СДСМ и ДУИ, а која е разликата на иднината тоа е ВМРО-ДПМНЕ, дециден е Муцунски
На крај, Муцунски додаде дека граѓаните не треба да се грижат бидејќи планот на ВМРО-ДПМНЕ е развој на локалната самоуправа, како и дека до крајот на мандатот до 2025 година во општина Аеродром ветува 100 процентна реализација на тоа што го ветил.
Не треба да се грижат граѓаните, бидејќи планот на ВМРО-ДПМНЕ за идниот развој на локалната самоуправа, предвидува конкретна методологија за средства од централниот буџет за локалната власта, за која што јас можам да гарантирам дека за Аеродром до крајот на нашиот мандат во 2025 година 100 процентна реализација на тоа што сме го ветиле, изјави Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.
Македонија
(Видео) СДСМ бара оставка од директорката на ГАК по смртта на новороденчето: „Има сомнежи за лекарска грешка“
СДСМ бара оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство по смртта на новороденчето.
„Денеска со огорченост стоиме пред оваа Клиника, ГАК, и бараме одговорност за последниот скандал со смртта на бебе. Овде не умрело само едно бебе кое го имало целиот живот пред себе, овде умрела, вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста. А директорката се обидела да го сокрие случајот. Новородено бебе, со реална шанса за живот, починало на интензивна нега. На родителите им било кажано дека смртта била неизбежна. Дека ништо не можело да се направи“, вели Елена Радеска, од Комисијата за здравство СДСМ.
Според неа, документите од самата Клиника говорат поинаку.
„Внатрешни пријави, изјави на лекари и официјални записници велат дека има сомнежи за лекарска грешка. Началничката на интензивна нега, писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето. Според таа пријава, реинтубацијата траела дури 20 минути. Не секунди. Дваесет минути. Во тие 20 минути, на бебето му биле нанесени повреди по што настанала и смрт. Ништо од ова не им било кажано на родителите. Ниту дека постои сомнеж за сериозна лекарска грешка. За тоа дознале од новинари. Од свиркачи. Не од Клиниката. Не од институциите“, рече Радеска.
Според неа, клучното прашање зошто директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако била формално известена за сомнежите и за смрт со можни пропусти во лекувањето, два месеца не известила никого.
„Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството. Бараме итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев. Каква е таа докторка за која Хипократова заклетва е само на хартија? Бараме целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани – без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата“, рече Радеска.
Македонија
Вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче
Министерството за здравство нареди вонреден надзор по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и изрази сочувство до родителите.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницира вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат по што ќе следува и стручен надзор. Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со Инспекторатот ќе постапи професионално, стручно и транспарентно со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, велат од Министерството.
Од таму велат дека во овие тешки моменти за семејството замолуваат да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивањето на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Министерството.
Ваквото соопштение доаѓа по веста дека на ГАК на 1 октомври починало новороденче.

