Економија
Стојаноски: ВМРО-ДПМНЕ ќе отпочне со изградба, ќе дозаврши и ќе допроектира над 120 километри автопатна мрежа

Изминативе години не се реализираа никакви капитални инвестиции, особено во инфраструктура, а таа е многу важна за економски рестарт и економски бум кој тимот на ВМРО-ДПМНЕ сериозно го планира и има визија како да го оствари, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на денешната дебата „Платформа за иднина – Економски принципи“ во рамки на кампањата Важно е! Од тебе зависат промените“..
Стојаноски потсети дека од оваа власт лажеа дека направиле 1.500 километри патна мрежа, 500 километри автопатишта, а автопатот од Охрид со Кичево и тој од Скопје до Блаце се споменици на нивната неспособност.
ВМРО-ДПМНЕ ќе го заврши автопатот од Кичево до Охрид кој е споменик на неспособноста на оваа криминална влада која прво лажеше за трасата, па за клучки, ама можеа да склучат анекси кои ја дуплираа проценетата вредност, пари кои се потрошени, а автопатот се уште не е мрднат. Исто така ВМРО-ДПМНЕ ќе го заврши автопатот од Скопје до Блаце кој е околу 15 километри, тие пет години градат 2 километри, потрошија 38 милиони евра, а патот не е мрднат. Ќе почнеме со физичка градба на делницата од Тетово до Гостивар, комплетно нов автопат, ќе продолжиме од Гостивар до Букојчани со што практично ќе се поврзе Гостивар со Кичево преку довршениот автопат Кичево Охрид и потоа од Требеништа, Струга до граничниот излез до Ќафасан, истакна тој.
Стојаноски нагласи дека тоа значи дека од Скопје до Охрид и Струга ќе има комплетно нов автопат кој ќе придонесе за економски развој и посочи дека ќе се работи и во останатиот дел од Македонија.
– Ќе го завршиме и оној автопат кој се најавува сега од Прилеп кон Битола, но ќе почнеме и со проектирање на две нови делници, од Велес преку Чашка до Прилеп како и од излез од Битола од Меџитлија и ќе се заокружи да од Скопје до Грција ќе има комплетно нова автопатска делница. Ќе ги напоменам и трите делници од експресните патишта, од Градско до Прилеп, од Куманово кон Крива Паланка и Струмица кон излезот со Бугарија, изјави Стојаноски.
Стојаноски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја заврши и пругата до Бугарија, а ќе продолжи и да ги субвенционира евтините летови.
Ќе се модернизира и дигитализира катастарот, ќе се бустира секторот градежништво за 30%. Ќе има 30% повеќе работници, 30% поголема плата и Македонија ќе стане огромно градилиште. ВМРО-ДПМНЕ во мандатот ќе успее да отпочне со изградба, ќе дозаврши и ќе допроектира над 120 километри автопатна мрежа, изјави Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Пуштени во употреба првите 20 клилометри од автопатот Кичево-Охрид

Првите 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, на потегот од Врбјани до Ботун, денеска се пуштени во употреба. Овој момент, според Владата, претставува пресвртна точка и симбол на работата, посветеноста и разликата во пристапот кон големите проекти меѓу актуелната и претходната власт.
На свеченоста присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека не се работи само за пуштање на делница, туку за враќање на довербата на граѓаните.
„Само една година откако ја презедовме одговорноста за водење на државата, успеавме да го откочиме еден од најзаглавените инфраструктурни проекти. Овој автопат беше симбол на застој и срам, а денес е симбол на новото време. Секој метар е изграден со напор и волја да се стави крај на неуспесите од минатото“, изјави премиерот.
Тој најави дека веќе следната година автопатот Кичево – Охрид ќе биде целосно завршен и ставен во функција.
„Ова нема да биде случајна победа, туку планиран успех и резултат на секојдневна одговорна работа“, додаде Мицкоски.
Оптимизам за иднината изрази и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, кој оцени дека со оваа делница се отвораат нови можности за граѓаните и туризмот во регионот.
„Ова е автопат кој ги поврзува Кичево, Охрид и Струга со Скопје, Тетово и Гостивар, но и со Албанија. Веќе денес, овие први 20 километри се реалност и корист од нив ќе имаат сите“, нагласи Николоски.
Тој потсети дека проектот бил оставен во заборав и запустен од претходната Влада.
„Ова беше симбол на неспособноста на СДСМ и ДУИ. Немаше ниту работници, ниту инженери, ниту механизација. А денес е доказ за нашата посветеност и тоа е клучната разлика“, рече Николоски, додавајќи дека е симболично што првиот дел се отвора токму во славна Дебарца.
Изградбата на целокупниот автопат, кој е со вкупна должина од 57 километри, треба да биде завршена до крајот на 2026 година.
Економија
Тодор Анѓушев на конференција на Делегацијата на германско стопанство „Децентрализирано снабдување со електрична енергија преку фотоволтаици“

Законските одредби се донесени, и останува да се поставуваат батерии со добра проценка и пресметка за да се постигне најдобра исплатливост, порача Тодор Анѓушев, директор на ЕМС во групацијата Фероинвест, на конференцијата на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, на која германски фирми ги претставуваа своите практики, производи и искуства во енергетиката.
„Потребно е да одиме кон што повеќе обновлива енергија, но истовремено дистрибутивниот и преносниот систем треба да се стабилизираат за да може да го поднесат тоа. Треба што побрзо да се работи на поставување батериски системи и на тој начин да се реши дизбалансот што обновливите извори го прават во системот. Но, по инсталирањето многу битен ќе биде и мониторингот на батерискиот систем. Нашата компанија располага со сопствен мониторинг систем, и може да ја програмира, води и управува батеријата ден за ден за инвеститорот да добие оптимални резултати“ – изјави Тодор Анѓушев.
Германските компании на конференцијата ги презентираа своите технолошки решенија и искуства, вклучително и примената на BIPV (building integrated photovoltaics) – технологија која овозможува вградување на фотоволтаици во фасади и кровни елементи без да се наруши естетиката на објектите.
Овие практики покажуваат јасен тренд – иднината припаѓа на децентрализираното, чисто и ефикасно производство на енергија, а Северна Македонија, со усвоените закони и со компании кои веќе нудат современи решенија, има потенцијал да го следи тој пат со забрзан чекор.
Комерцијален текст
Економија
Божиновска: Новата ТС Охрид го поврзува Балканот и европскиот пазар на електрична енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес изврши теренска посета на градилиштето за изградба на новата трансформаторска станица Охрид (ТС Охрид), дел од проектот за интерконекција Македонија–Албанија. Проектот опфаќа две целини – LOT 1: далноводот Битола – граничен премин со Албанија и LOT 2: изградба на трансформаторската станица Охрид во близина на селото Мешеишта.
Божиновска се запозна со текот на интензивните градежни активности што се одвиваат на површина од 80.000 метри квадратни: изградба на потпорни ѕидови и наклони, градежни работи на командната зграда, комплетирани фундаменти и започната монтажа на челични носачи и опрема во 400 kV постројка.
„Со реализацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создава услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отвора простор за приклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш врвен приоритет, “истакна Божиновска.
Изградбата на новата 400 kV линија е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електроенергетската мрежа на земјава. Со тоа се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и доверливост, туку и активно учество на пазарите за балансни и системски услуги и размена на енергија во регионот.
При посетата, таа беше пречекана и детално информирана за напредокот на проектот од страна на проект менаџерот Дарко Докузовски.