Економија
Славески: Владата на СДСМ и ДУИ предизвика состојба на секојдневни штрајкови
„Ќе почнам со она што СДСМ и ДУИ ни го оставаат во наследство, односно нивната Влада која повеќе од 6 години управува со земјава и македонската економија. Во наследство ни оставаат состојба на стагнација. Стагнацијата значи многу ниски и анемични стапки на раст, некогаш и негативен на БДП истовремено проследена со високи стапки на инфлација. Ние економистите за ваквата состојба имаме еден грд назив, една кованица од двата збора, тоа е стагфлација“, изјави членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески на денешната дебата на тема „Економски принципи“ која е во рамки на настанот „Важно е! Платформа за иднина“ која е дел од кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.
Славески посочи дека претставници на СДСМ односно на Владата зборуваат за криза, дека македонската економија била во криза и тоа го повторуваат повеќе години. По негова оценка тоа го прават за да се оправдаат од нивната неспособност да ги решаваат проблемите.
„Во моментов македонската економија не е во криза, кризата не може да трае предолго како во медицината што е познато дека организмот во криза може да биде релативно краток временски период и оди во два правци или се влошува состојбата и колабира или заздравува“, рече Славески.
Славески продолжи и додаде дека инфлацијата во Република Македонија е на рак рана, една болка која е предизвикана од популистичките мерки на владите предводени од СДСМ и ДУИ.
„Инфлацијата е штетна затоа што ги погодува сиромашните, оние што се фиксни доходи и примања, пензионерите чиј пензии се индексираат и усогласуваат во многу долги временски периоди. Инфлацијата единствено и користи на власта, односно на Владата, како? Па ја тера што повеќе и повеќе да се задолжува затоа што кога ќе дојде да го враќа долгот, тој е веќе обезвреднет како што се обезвреднети заштедите на оние наши сограѓани кои штедат за разни намени. Имаме едно неправедно прелевање преку еден невидлив и подмолен инфлациски данок, како ние ќе ја сопреме инфлацијата, СДСМ и ДУИ предизвикаа состојба во која секојдневно имаме штрајкови, ја пригушија инфлацијата со непазарни мерки кои не можат долго да опстојат и траат како што се ограничувањето на цените и маржите и состојбата во нашата економија е нешто слично на онаа природна состојба на Исланд во моментов каде вулканите се подготвуваат за ерупција, пука земјата а и кај нас доколку продолжи ваквата политика најверојатно ќе дојде до социјален излив чие незадоволство го гледаме во моментов“, кажа Славески.
Славески истакна дека мора да се постигне нов општествен договор со синдикатите и здруженијата на пензионери.
„Што треба да се направи, кој е првиот чекор? Ние мораме да постигнеме еден нов општествен договор во соработка со синдикатите и здруженијата на пензионерите. Власта да се обврзе дека ќе води сметка за секој денар дека ќе ја сведе корупцијата на нула, дека расходите ќе бидат ефикасни и ефективни а синдикатите и здруженијата на пензионерите ќе бидат умерени во нивните барања за зголемување на платите и пензиите затоа што мораме да ја скршиме оваа спирала, борба меѓу платите и цените. Во таа битка помеѓу платите и цените, платите и пензиите се оние што ја губат таа трка и вториот предизвик е како да го умножуваме богатството, како да создаваме поголема вредност затоа што само на тој начин може да го подобриме животниот стандард и никако поинаку“, заклучи Славески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

