Македонија
Костовски: До првото тримесечје од пролетта која што доаѓа ќе стигнеме до 100% реализација од програмата
Околу илјада луѓе посетивме дома пред изборите и заеднички ја проектиравме нашата програма која што се состои од два дела, а тоа е еден дел со носечки проекти кои што ги има 11 на број и вториот дел за секое населено место посебно ко што слободно можам да речам дека во 90% се реализирани. Некаде првото тромесечје од пролетта која што доаѓа ќе биде 100%, зборувам за оној втор дел, а во однос на носечките проекти од 11, седум се или завршени или веќе започнати од коишто 4 се директно врзани да ги реализираме со централната власт за коишто сум сигурен дека барем три од тие четири ќе завршат до крајот на мојот мандат и со тоа можеби ќе добиеме една реализација од 100% или близу 100% што е навистина е нешто што ме прави мене горд и секако и мојот тим, а се надевам и граѓаните на општина Бутел, истакна градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски на денешната дебата на тема „Локален економски развој“ која е во рамки на настанот „Важно е! Платформа за иднина“ кој е дел од кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените.“
Костовски додаде дека голем број на проекти зависат и од централната власт, но од самиот почеток беше јасно дека не може да се смета на неа.
„Од централната власт ни зависат неколку проекти, но не можевме во ниедна смисла да се потпреме на неа. Јас многу добро знаев со што си имам работа и токму заради тоа веднаш од првиот ден, за жал во Бутел малку поспецифично, но покрај тоа што размислував дека треба веднаш да почнеме со реализација на проекти, требаше да се занимаваме со една малце една специфична работа во период од две години ја стабилизиравме. Некако Бутел кога станав градоначалник беше како Чикаго од минатиот век. Хараа одредени банди, криминални групи и токму заради тоа еден од носечките проекти ми беше справување со корупција криминал и изнуда. Внимавајте, не знам дали има некој друг кандидат за градоначалник вакво нешто спомнато, бидејќи многу активно ја следев ситуацијата што всушност се случува во Бутел и затоа не кажав случајно, кога седнав да бидам градоначалник се занимавав со две работи, да се справам со тоа поставувајќи вистински принципи, би рекол вмровски принципи којшто малце ги заборавија во минатото одредени групи, а веднаш потоа да започнеме со реализација на проекти. Ќе се потсетиме сите заедно, верувам ќе се потсетат и останатите, за само 15 дена почнавме да градиме два модерни спортски терени и навистина сум горд заради тоа, а после тоа следуваше една генерално голема спортска револуција“, потенцираше Костовски.
Тој исто така наброја и некои од проектите коишто ги реализирал и како градоначалник е горд на истите.
„Би сакал да споменам сосема на кусо неколку од клучните проекти коишто можеби полесно ќе се одвиваа со поддршка на централната власт, но најдовме сили за една сиромашна општина како Бутел да веќе го започнеме уредувањето на коритото на реката Серава и да се изгради една трим патека, проект којшто ќе чини близу милион евра, изградивме 7 нови паркови, Бутел доби плоштад којшто го носи името „Слобода“, не случајно, бидејќи Бутел се ослободи од одредени криминални структури коишто беа во соработка со претходниот градоначалник. Она што е многу важно е што во финална фаза е изградена градинката во Бутел 1, изградено е основното училиште во Визбегово, на повидок е решавање на еден повеќедецениски проблем, а тоа е водоснабдување на селата Љуботен и Љубанци“, подвлече Костовски и додаде:
„Изградивме два модерни спортско рекреативни центри коишто навистина многу добро изгледаат. Изградивме 11 модерни спортски терени и мислам дека станува збор за многу квалитетно изработени и нема да сокријам, ќе кажам дека голем број од моите колеги ширум Македонија ме консултираа уште од самиот почеток на кој начин се одвива сето тоа. Ова не го кажувам за да се фалам, туку сакам да кажам дека тоа е мојата фела којашто навистина ѝ оддавам посебно внимание. Можеби сме единствена општина на територија на Македонија која што стипендира 60 спортисти директно, а оваа година веќе 100. Сто спортисти мислам дека Агенција за млади и спорт не стипендира толку“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тројца бугарски државјани осомничени за неовластена трговија со македонски народни носии
Основното јавно обвинителство Битола отвори против тројца бугарски државјани, жители на Пловдив, поради основано сомнение дека вршеле кривично дело неовластена трговија со добра под привремена заштита, културно наследство и природна реткост.
Осомничените, во текот на месецот, во околината на Демир Хисар, заедно договорени, во група, неовластено купувале предмети – делови од македонски народни носии, кои претставуваат културно наследство според член 2 од Законот за заштита на културното наследство и чиј промет е забранет или ограничен.
Имале цел таквите предмети да ги изнесат во странство, односно во Република Бугарија, но на 9 декември биле затекнати од полициски службеници како ги пренесуваат натоварените предмети во едно товарно возило и еден автомобил.
Од МВР соопштија дека предметите се прегледани од етнолог од „Музеј Битола“ и констатирано е дека се работи за делови од македонски народни носии, кои претставуваат културно наследство, и се со забрана за промет и за продажба без нивна дозвола.
Тројцата се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
фото/депозитфотос
Македонија
Димитровски: Нашето брзо членство во ЕУ е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа
Замени-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска учествуваше на состанокот на партнерската комисија на САД – Јадранската повелба (А5), што се одржа во Мостар, БиХ.
Министерскиот состанок, со кој се заокружи претседавањето на Босна и Херцеговина со САД – Јадранската повелба, собра претставници од земјите членки – Хрватска, Црна Гора, Албанија и САД, како и земјите набљудувачи од регионот – Србија, Косово и Словенија.
Состанокот беше искористен за размена на мислења во однос на актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува регионот, како и за разгледување на можностите за понатамошно интензивирање на комуникацијата, координацијата и практичната соработка во справувањето со заедничките кризи и ризици. Посебен акцент беше ставен на досегашните постигнувања во рамките на А5 и перспективите на Јадранската повелба како значајна регионална платформа за градење стабилност, соработка и отпорност.
Дискусиите се фокусираа на современите хибридни закани, сајбер-ризиците, дезинформациските кампањи и последиците од природните непогоди. Учесниците ја нагласија потребата од координиран, конзистентен и засилен пристап, засилено партнерство, редовна размена на информации и развивање усогласени механизми за брза реакција.
Заменик-министерот Димитровски ја реафирмира силната посветеност на Република Северна Македонија кон зајакнување на улогата и релевантноста на САД – Јадранската повелба како уникатна регионална платформа, која придонесува за унапредување на стабилноста, безбедноста и евро-атлантската ориентација на земјите од Западен Балкан.
„Нашата силна посветеност кон САД – Јадранската повелба останува непроменета. Нашето брзо членство во Европската Унија, како и членството на сите земји од регионот, е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа”, истакна Димитровски.
Во својата дискусија тој ја истакна и стратешката важност на унапредување на евро-атлантските процеси како алатка за зголемена отпорност и намалување на дестабилизирачките влијанија врз регионот.
Земјите членки на крајот од состанокот ја изразија поддршката за претстојното преземање на претседавањето во 2026 година од страна на Република Хрватска.
Македонија
Забрана за огномети во Скопје, бара „Зелен хуман град“
„Зелен хуман град“, денеска, преку нивниот советник во Град Скопје, Марјан Калевски, поднесе иницијатива за забрана на огномет на територијата на град Скопје.
Од таму појаснуваат дека со иницијативата се забранува употреба на експлозивни материи од физички и правни лица за прослави и забава – практика што со децении ја загрозува животната средина, како и здравјето и безбедноста и на луѓето и животните.
„Огнометите ослободуваат огромни количини ПM 2,5 и ПM 10, токсични гасови (CO, SO₂, NOx), како и тешки метали, како што се бариум, бакар, стронциум и олово, кои ги загадуваат почвата, воздухот и водата. Последиците директно ги погодуваат најранливите групи: децата, бремените жени, лицата со астма, ХОББ и кардиоваскуларни заболувања. Научните студии покажуваат значителни скокови во загадувањето на воздухот и водата по огномети, со сериозни ефекти врз дивиот свет и луѓето.
Бучавата и интензивната светлина предизвикуваат тешки психолошки и сензорни реакции: анксиозност, панични напади, флешбекови кај лица со синдром на посттрауматски стрес, сензорен колапс кај лица со аутизам или сензорни нарушувања, како и ризик од епилептични напади кај лицата со фотосензитивна епилепсија. Овие последици се научно докажан сериозен ризик за здравјето“, велат од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.
Исто така, додаваат дека последиците врз животните се драматични. „Речиси 70 -75 % од домашните миленици доживуваат силен страв, тресење, паника, обиди за бегство и повреди, а кај дивите животни се документирани масовни пцовисувања, особено кај птиците. Кај животните огнометите предизвикуваат висок стрес, дезориентација, бегство и смрт“, велат од таму.
Појаснуваат дека Законот за заштита од експлозивните материи во член 36 веќе предвидува забрана за употреба без дозвола и стручно лице, но овој закон речиси никогаш не се почитува.
„Ги повикуваме сите советнички групи во Советот на Град Скопје да ја поддржат иницијативата. Да покажат дека здравјето на луѓето и животните, на најранливите жители на Скопје, ни е на прво место на сите“, велат од „Зелен хуман град“.

