Култура
Виртуозниот виолинист Роберт Лакатош настапува со Македонската филхармонија
Виртуознииот виолинист Роберт Лакатош (Србија), в четврток, со почеток во 20 часот, ќе настапи како солист со оркестарот на Македонската филхармонија на концертот со наслов „Искон“. На програмата се Концертот за виолина и оркестар во Д-мол од Јан Сибелиус и Симфонијата бр. 1 од Васили Калиников. Диригент е Мануел Хернандез-Силва од Венецуела.
Финскиот композитор Јан Сибелиус (1865 – 1957) е еден од ретките композитори чиј опус целосно е обоен со звукот на неговата родна земја и кој оди рака под рака со борбата на финскиот народ за себеопределување и независност. Иако во деженијата по неговата смрт неговиот музички опус бил детерминиран како конзервативен, тој денес важи за еден од најзначајните и најоригинални композитори на симфониска музика по Лудвиг ван Бетовен. Историчарите имале навистина голем проблем каде да го сместат музичкото творештво на Сибелиус – 20 век имал прилично дуално определување, композиторите биле дефинирани или како модерни ако пишувале атонална музика или биле стигматизирани како конзервативни доколку нивната музика била тонална. Затоа најчесто неговата музика се детерминира како реакција на континуитетот на доцниот романтизам. Иако романтичниот сензибилитет доминира во музиката на овој фински композитор, многу често во своите дела знаел да ја прошири традиционалната тоналност со модални концепти. Концертот за виолина и оркестар е музичко ремек-дело, омилено меѓу виолинистите што сакаат да ги покажат своите изведувачки капацитети, во него се чувствува органскиот звук типичен за Сибелиус и неговата комплексна музичка текстура обоена со моќен лиризам.
Рускиот композитор Васили Калиников е еден од заборавените музички мајстори, чиј опус станува интернационално познат многу години по неговата смрт. Иако бил популарен во Русија, Калиников останал да живее во сенката на своите популарни колеги Чајковски и Мусоргски, чии дела се изведувале во целиот свет. Првата симфонијата е напишана во периодот меѓу 1894 и 1895 година и претставува класичен пример за неверојатното чувство за креирање мелодија што го поседувал Калиников. Инспирирана од богати фолклорни мотиви симфонијата содржи јасни влијанија од Римски-Корсаков и Чајковски, иако во неа Калиников успеал да го вметне и својот авторски печат и сензибилитет по кој е препознатлив како композитор.
„Идеален солист со раскошен, самоуверен тон, кој во секој момент настојува да ја импресионира публиката со виртуозност“ (П. Конорс, Бахтрак). Критиката не штеди зборови кога станува збор за изведбата на виолинистот Роберт Лакатош, добитник на првата награда на престижниот Интернационален виолински натпревар во Памплона, Шпанија, во 2015 година. Овој млад уметник претходно ја освои првата награда на натпреварот „Мери Смит“ во Њујорк, 2013 година, како и престижната награда на натпреварот „Андреа Постакини“ во Италија. Овие успеси му ја отворија вратата на неговата интернационална кариера на реномираните музички сцени во светот. Роберт Лакатош настапувал со симфониските оркестри на Малага, Мадрид, Гетинген, Краков, Монтре, Цирих, Истанбул, Љубљана, Нови Сад, како и со Белградската филхармонија. Соработувал со еминентни диригенти на денешнината, како Габриел Фелц, Урош Лајовиц, Џејмс Џад, Мануел Хернандез-Силва, Фабио Мекети, Николас Милтон, Лиор Шамбадал, Антони Вит, Филип Гринберг, Александар Марковиќ и други. Роберт Лакатош е роден во Нови Сад 1991 година. Израснал во музичко семејство, а ментор му бил татко му Имре Лакатош. Подоцна дипломирал во класата на проф. Дејан Михајловиќ на Академијата за уметност во Нови Сад. Студиите ги продолжува на Универзитетот за уметност во Цирих, истовремено се усовршува кај врвни уметници, како A. Росенд, Џ. Рахлин, Р. Симовиќ и Р. Коелман. Овие искуства му обезбедија траен уметнички квалитет што го развива занимавајќи се истовремено со концертни и со педагошки активности. Роберт Лакатош моментно работи како професор по виолина на Академијата за уметност во Нови Сад, како и на Факултетот за музичка уметност во Белград. Од 2018 година е уметнички раководител на Камерниот гудачки ансамбл „Роберт Лакатош“, составен од млади музичари, чија цел е да ги промовира младите виртуози на виолина. Добитник е на наградата „Искра на културата“ во 2017 година, признание што Заводот за култура на Војводина го доделува за современо творештво на млади уметници до 35 години. Роберт свири на виолина „антонио страдивари“ од 1709 година од приватната колекција на познатиот мајстор Владимир Радосављевиќ.
„Имав големо задоволство да соработувам со Роберт Лакатош додека беше мој студент на Циришкиот универзитет за уметност во Швајцарија. Роберт Лакатош често покажува беспрекорна техника и многу емотивна музикалност. Сметам дека Лакатош е еден од најперспективните виолинисти на својата генерација“. (Рудолф Коелман)
„Роберт Лакатош е исклучителен виолинист, чија техника и темперамент се гаранција за незаборавно музицирање“. (Арон Росанд)
„Тој е еден од најперспективните млади уметници на својата генерација и неговиот начин на музицирање е во стилот на старата традиција на свирење виолина“. (Џулијан Рахлин)
Мануел Хернандез-Силва дипломира на престижниот Државен конзерваториум во Виена со највисоки оценки, а професори му биле Рејнхард Шварц и Георг Марк. Добитник е на наградата на натпреварот за диригирање „Јунгер Кунстлер“, што ја доделува Виенскиот камерен оркестар, со кој Силва диригира во Виена.
Диригирал на значајни интернационални фестивали, а често настапува како гостин диригент со шпански и со други оркестри во Европа. Бил шеф-диригент на Оркестарот на Кордоба, на Филхармонијата во Малага, на симфонискиот оркестар „Навара“ и почесен шеф-диригент на оркестарот „Симон Боливар“ во Каракас, со кој интензивно работел повеќе од пет години. Диригирал со Виенскиот симфониски оркестар, Израелскиот симфониски оркестар, оркестарот на Радио Прага, симфонискиот оркестар на Биел, со оркестарот на Мулхаус, симфонискиот оркестар на Вупертал, Филхармонијата на Сеул, Филхармонијата на Буенос Аирес, Националниот оркестар на Венецуела, Симфонискиот оркестар на Чиле и со сите водечки оркестри во Шпанија.
Како оперски диригент доби одлични критики за своите изведби на „Волшебната флејта“ и „Така прават сите“ од Моцарт, за Бетовеновата „Фиделио“ и за „Боеми“, „Џани Скики“, „Тоска“ и „Мадам Батерфлај“ од Пучини.
Маестро Хернандез-Силва работи и како професор, постојано е активен во педагошката сфера, каде што посветено едуцира млади диригенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Спроведени се значителни реформи во работењето во 2025 година, велат од Агенцијата за филм
Агенцијата за филм на прес-конференција презентираше дополнителни појаснувања поврзани со Конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за финансиското работење на агенцијата заклучно со декември 2024 година, како и информации за тековните реформи што се спроведуваат под актуелното раководство.
„Во однос на објавеното соопштение од ДЗР и насловот „Слабости во работењето и неправилностите во Агенцијата за филм не се надминати и се повторуваат“, сметаме дека е важно да се појасни дека извештајот се однесува исклучиво на работењето до декември 2024 година, односно на период што претходи на актуелното раководство.
Формулацијата на насловот од соопштението на ДЗР, кој медиумите го презедоа, создаде впечаток дека констатираните состојби се однесуваат и на тековното работење на Агенцијата. Важно е да се појасни дека извештајот се однесува на ревизија на неколку избрани проекти и на период заклучно со 2024 година, што не ја одразува состојбата по спроведените реформи и активности реализирани во 2025 година“.
Ги цениме укажувањата на ДЗР, истакнуваат од агенцијата, кои како што велат, претставуваат солидна основа за натамошно унапредување на системите и процесите.
Прецизираат дека токму на тие реформи агенцијата активно работи уште од почетокот на 2025 година.
„Воспоставен е процес на целосна усогласеност на деловните книги со фактичката состојба, а во моментов се спроведува и детален попис на средствата, побарувањата и обврските, со што се обезбедува стабилно и транспарентно финансиско управување.
Активно се работи на изготвување на Стратегија за развој на филмската дејност, документ кој по повеќе години ќе обезбеди јасна визија, приоритети и долгорочни насоки за развој на секторот.
Во согласност со законските обврски и принципите на отчетност, новото раководство достави шестмесечен извештај за работењето до Владата на Република Северна Македонија, со што се демонстрира посветеност, отчетност и одговорно управување.
Во текот на 2025 година Агенцијата за филм реализира историски рекордна исплата во износ од 3.160.000 евра како финансиска поддршка за филмската дејност. Исплатата е реализирана кон вкупно 55 филмови и 36 фестивали. Истовремено, обврските за 2025 година, и покрај новите одобрени филмски проекти, се намалени за 20% во споредба со 2024 година, што укажува на зголемена финансиска дисциплина и подобрено планирање“.
Истакнуваат дека најголема новост е што агенцијата активно ја поддржува и кампањата за Оскарите на документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, за што се издвоени 100.000 евра, со цел достојно претставување на нашата држава на најпрестижната филмска платформа во светот.
„Во изминатиот период вложивме големи напори да ја расчистиме институцијата од наследените административни заплеткувања и да воспоставиме нови, функционални принципи на управување. Нашата цел е едноставна — Агенцијата за филм да биде партнер и поддржувач на креативната заедница, а не пречка.
Како ново раководство, искрено се гордееме со успесите што македонскиот филм ги постигнува во 2025 година. Овој творечки подем е резултат на талентот и посветеноста на филмските автори, а наша задача е да создадеме стабилен, јасен и ослободен систем што ќе им обезбеди простор да творат слободно и креативно, притоа да бидат достојно поддржани“ – вели в.д директорот Сашко Мицевски.
Филмовите поддржани од Агенцијата бележат исклучителни меѓународни резултати. Филмот „Диџеј Ахмет“ на Ѓеорги М. Унковски од почетокот на годината до денес, ја претстави државата на над 70 меѓународни фестивали, освојувајќи 29 награди и признанија. Филмот „Мајка“ на Теона С. Митевска ја отвори официјалната селекција „Хоризонти“ на Фестивалот во Венеција, што претставува значаен успех за македонската кинематографија.
“Ова е патот по кој ќе продолжиме: поддршка, транспарентност, професионализам и создавање услови за нови филмски успеси. Веруваме во нашите автори и ќе направиме сè што е потребно за нивниот творечки потенцијал целосно да се реализира“ – заклучи Мицевски.
Култура
„Слугинките“ на Агнес Нокшиќи и ВР перформанс вечерва на МОТ
Текст и танц низ 15 сцени, вешто споени во кореографско – драмско дело кое ја има улогата на театарско огледало, во кое не само што ќе се огледаат „Слугинките“ на Жан Жане, туку режисерката Агнес Нокшиќи овозможува да се огледа и секој еден од публиката.
Приказната го истражува сложениот однос љубов-омраза помеѓу две слугинки, госпоѓа и господин. Заробени во циклуси на ропство и фантазија, слугинките копнеат по слобода, но остануваат врзани од своите желби и угнетувачката динамика на моќта.
„Текстот „Слугинките“ е избран поради сложените односи на моќ, желби и постојано менување на улогите, што отвора богат простор за истражување. Материјалот дозволува игра, претерување, промена на енергиите и слободно движење меѓу фикцијата и реалноста. Делото ја открива тенката линија меѓу сериозност и апсурд, создавајќи можност за продлабочена креативна работа и силна перформативна изразност“ – открива режисерката Нокшиќи.
Како и во животот, некои го користат своето страдање не како рана, туку како оружје, извртувајќи ја својата жртва во контрола, манипулирајќи, заплашувајќи – барајќи сочувство, а не покажувајќи никаква.
Во ова театарско огледало секој се одразува, па можеби некои ќе се препознаат себеси, а другите ќе погледнат настрана, а пак некои ќе откријат дека нивниот стисок никогаш не бил толку силен како што замислувале.
Претставата ќе се случи во МКЦ – клуб ресторан, а во неа играат Арбнора Адеми, Блендон Ахмети, Доника Ахмети и Агнес Нокшиќи.
Меѓудругото, вечерва на 50.МОТ ќе се одржи и ВР перформанс, проект на Нина Николиќ и Борјан Стојков, а во продукција на Ехо Анимато (Белград), LOOP (Атина) и Oyoun (Берлин), премиерно изведена во Берлин, мај 2025, спојувајќи ја технологијата и активизмот за преосмислување на театарот како простор за еколошка и емоционална поврзаност во рамките на проектот PROSPER кофинансиран од Европската Унија.
„Ехо од длабочината“ е имерзивен ВР перформанс што поетски ја истражува еколошката ранливост на Охридското Езеро – едно од најстарите езера во Европа, но и најбогато со биодиверзитет. Спојувајќи виртуелна реалност и жива перформативност, делото ја поканува публиката да нурне под површината во кревкиот подводен свет и да се замисли над односот меѓу човекот и природата. Создадена во рамки на меѓународна резиденција со осум уметници, изведбата обединува дигитална слика, звук и телесно раскажување приказни, поттикнувајќи емпатија и еколошка свесност. Перформансот завршува така што публиката ќе има можност да испрати лични пораки до граѓаните на Охрид, создавајќи симболичен мост на прекугранична солидарност.
Во него играат Саша Ханџиќ, Маја Зеќо и Благој Веселинов.
Култура
Гала концерт во Националната опера и балет со светски познатата оперска дива Инва Мула на 28 ноември
На сцената на Националната опера и балет на 28 ноември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, ќе се одржи Гала оперски концерт на кој ќе настапи светски познатата оперска дива Инва Мула, заедно со Дешира Амети-Крлиу (сопран), Исмет Вејсели (тенор) и оркестарот на МОБ, под диригентската палка на Иван Еминовиќ, а во режија на Дејан Прошев.
Инва Мула, сопран е едно од најистакнатите имиња на современата оперска сцена. Родена во уметничко семејство во Албанија, таа многу рано го започнува своето музичко образование, истакнувајќи се како исклучителен вокален талент со лирска прецизност и емоционална длабочина. Во текот на својата блескава кариера настапувала на најпрестижните оперски сцени во светот, вклучувајќи ги Париската опера, Миланската Скала и Метрополитен опера, во соработка со врвни диригенти и режисери.
Нејзиниот уникатен и препознатлив глас ѝ донесе светска популарност и надвор од оперската уметност: таа го позајми својот глас за ликот на Дивата во култниот научно-фантастичен филм „Петтиот елемент“ (1997).
На програмата на концертот се вклучени избрани дела од оперската класика на Џузепе Верди, Лео Делиб, Џакомо Пучини, Жорж Бизе, Жак Офенбах и други автори.

