Македонија
Левица: Дивоградбите во Чаир ја докажаа нефункционалноста на легализацијата донесена од СДС и ДПМНЕ

„Дивоградбите во Општина Чаир, кои се градени во последните пет години, а се легализирани како да се градени пред март 2011 година, се доказ за штетноста и можностите за манипулација кои ги нуди Законот за легализација на бесправно изградени објекти“, велат од Левица.
„Како што објавија медиумите, според повеќе решенија за легализација на бесправно изградени станбени згради во Општина Чаир, барањата за тие легализации се поднесени на датум кога објектите воопшто не биле почнати да се градат. Секако, ова не е можно без целосно непостоечки градежен инспекторат на општината, во која се издадени вкупно осум градежни дозволи за период од пет години, а се изградени стотици објекти и илјадници станови. Но, главното прашање е зошто всушност се опасни дивоградбите, покрај изигрувањето на правниот систем?
Затоа што дивоградбите не поминуваат низ филтрите на регуларните објекти, односно најпрвин воопшто не се во склад со Деталните урбанистички планови и не зависат од нив. Самата градба не е подложна на мислење од Институтот за земјотресно инженерство и сеизмика; ниту добиваат мислења за време на градбата (МИС1 и МИС2); не поминуваат за мислење низ Дирекцијата за заштита и спасување за нивната противпожарност; ниту имаат Потврда за енергетска ефикасност и генерално не постои никаква потврда за нивна безбедност. Не постои ниту Извештај од надзорен инженер за технички прием на објектот.
Единствен документациски траг е геодетскиот елаборат за да се впишат во Агенцијата за катастар на недвижности, а со нивно впишување вредносно ги изедначуваме со објектите кои поминале регуларна постапка. Со отворањето на Пандорината кутија да се дозволи легализација на секаков вид на објект, дополнително се стимулираат дивоградбите.
Доколку Законот за легализација се носеше од стручни и реални, а не популистички побуди и за да задоволи дивеење во градежништвото за лесен и брз профит, легализацијата требаше да се врши само на објекти кои не отстапуваат од Деталните урбанистички планови, а процедурата да содржи целокупна проектна документација, со проекти елаборати и докази за носивоста и безбедноста на објектот, и само такви објекти би требало да се разгледуваат како подобни за легализација.
Потсетуваме дека во март 2021 година, со 72 гласа ЗА, пратениците од СДС и ДПМНЕ заеднички го усвоија штетниот Закон за легализација на дивоградби, со што уште еднаш се ставија на страната на неправото и корупцијата“, соопшти Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.
Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.