Македонија
Левица: Обид на министерот Јетон Шаќири насилно да формира паралелка на албански јазик во Чашка
„Сè поочигледно е дека министерот Јетон Шаќири го инструментализира МОН ставајќи го функција на исполнување агенда која ни малку не е поврзана со образованието и подобрувањето на системот за образование во Македонија“, велат од Левица.
„По шверцувањето ученици со несоодветен број бодови во економското училиште „Јовче Тесличков“ – Велес, сега своите самоволија ги спроведува на територија на општина Чашка, во училиштето ООУ „Тодор Јанев“ во населба Чашка. Најпрво, ги има одземено надлежностите од градоначалникот, за потоа да постави своја директорка. Училиштето работи без највисокиот орган за управување, Училишниот одбор, а директорката на своја рака кон средината од ноември формирала паралелка првооделенци на албански наставен јазик составена од шест ученици.
Освен што ваквото постапување е во спротивност со Статутот на училиштето истото се коси и со реонизацијата на ученици бидејќи паралелката е формирана со ученици за кои ниту не е извршен упис во училиштето, односно не се запишани во главната книга на училиштето, а чии родители немаат место на живеење во Чашка.
На територија на општина Чашка веќе постои училиште во кое наставата во целост се одвива на албански јазик („Лирија“ во с. Горно Јаболчиште). Шесте првачиња во н.Чашка кои не се жители на н. Чашка се сместени во просторија која се наоѓа надвор од училишната зграда, во интернатот кој претходно е затворен.
Министерот Јетон Шаќири не успева да продуцира учебници, но затоа продуцира хаос креирајќи проблеми и провоцирајќи меѓуетнички несогласувања и нетрпеливост!
Левица во целост ги поддржува протестите на родителите во Чашка и најостро го осудува самоволието што Шаќири го промовира!“, соопшти Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Заев не е политички активен веќе 5 години, зошто ВМРО-ДПМНЕ упорно ни се обраќаат со прашања за слободен граѓанин на Македонија“, прашува СДСМ
„ВМРО Ванчовистичка не може, или можеби не сака да сфати дека Зоран Заев не е политички активен веќе пет (со букви), нагласуваме 5 години (со бројка). Ако треба да дојдеме и да им го нацртаме тоа – тука сме. Затоа не разбираме, или премногу добро разбираме (дефокус), зошто упорно ѝ се обраќаат на СДСМ со прашања за слободен граѓанин на Македонија – Зоран Заев“, прашува СДСМ.
„За неколку дена влегуваме во 2026 година. Ако на ѕидот сè уште ви стои стар календар од 2016 година, време е да го смените.
Еве, наскоро ќе биде 15 јануари – ќе поминат точно 10 години откако вашиот тогашен, а и сегашен претседател Никола Груевски не е премиер.
Единствено што можете да нè прашате е: Колку документи за вашите криминални дејствија има АКТ и на колку години затвор се однесуваат тие документи. Вам останува само да одговарате – и тоа пред судот и пред народот!“, соопшти СДСМ.
Македонија
Прекинат прагот на алармирање во Кичево, престануваат да важат мерките и препораките
Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека согласно податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на ден 24.12.2025, среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 mg/m3 и епизодата со надминување на прагот на алармирање за РМ10 честички е прекината во Кичево
Со тоа мерките и препораките за надминат праг на алармирање се прекинуваат.
Македонија
Денес завршуваат воведните зборови на одбраната и почнува сослушувањето сведоци за пожарот во „Пулс“
Со воведни зборови на бранителите на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, на компанијата „ММММ Кафе“ и на Александар Нацев како неформален сопственик на „Рубикон“ денес во дигиталната судница во Идризово продолжува судењето за пожарот во Кочани во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Александар Нацев е 35. физичко лице обвинето за пожарот во Кочани, досега беа дадени воведни зборови за 34 обвинети физички лица и за едно правно лице од вкупно три правни лица обвинети за пожарот во „Пулс“. Сите кажаа дека не чувствуваат вина за пожарот.
По воведните зборови на одбраната судот ќе почне со сослушување сведоци предложени од Обвинителството.
Обвинетите се товарат за тешки дела против општата сигурност, односно оти од 2012 година до пожарот со постапување, но и со непостапување придонеле за катастрофалниот пожар. Меѓу обвинетите се поранешни министри за економија и вработени во Министерството, градоначалници на Кочани, градежни инспектори од Општината, инспектори од Државниот пазарен инспекторат, проектанти, менаџери на локалот, обезбедувачи, а првообвинет е сопственикот на „Пулс“.

