Култура
Томислав Османли добитник на книжевната награда „Донат“ за животно дело
Награди „Донат“ за литературни придонеси им се доделени на македонските писатели Даниела Андовска-Трајковска и Борче Панов, како и на невладината организација Хрватско-македонска тангента со седиште во Шибеник, а наградата „Горан Буиќ“ ѝ е доделена на Марина Мијаковска.
На литературна свеченост одржана во Задар беа доделени годишните награди „Донат“ и „Горан Буиќ“, кои ги доделува задарскиот одел на Хрватското книжевно друштво – оддел Задар. Лауреати на тие награди се и четворица македонски писатели: на Томислав Османли награда за животно дело и на книжевните творци Борче Панов, Даниела Андовска-Трајкова и Марина Мијаковска, како и невладината организација Хрватско-македонска тангента, сите наградени за видни книжевни придонеси. Предлозите за награди до жирито пристигале од сите пет ограноци на ХКД, а конечните одлуки ги донело жири од 21 член, на чело со претседателот на задарскиот разгранок на Хрватската книжевна асоцијација, предводен од писателот Никола Шимиќ-Тонин, поет, романописец, драмски автор и преведувач.

„‘Донат’ за животно дело ќе му се врачи на Томислав Османли, македонски писател, сценарист, драматург, теоретичар на медиуми, филмски и театарски критичар, новинар и есеист – стои во дел од подолгото образложение за високото хрватско книжевно признание – автор е на 28 книги публицистика, драмски текстови, сценарија и прози. Неговата теоретска студија ‘Филмот и политичкото’ (1981) е првата книга во Македонија посветена на седмата уметност, онака како што ‘Стрип, запис со човечки лик’ (1987, 2002) е првата книга посветена на деветтата уметност во таа земја“. Подетаљните творечки биографии на македонските добитници се објавени во септемврискиот број на списанието Kvaka: https://www.casopiskvaka.com.hr/2023/09/poznati-lauerati-devete-po-redu.html#more
Инаку, високите признанија именувани „Донат“ и „Горан Буиќ – книжевници и новинари“ се доделуваат во знак на почит и сеќавање на ранозаминатиот задарски творец, новинар, писател, критичар и уредник Горан Буиќ (род. 1955) секоја година на 28 декември, роденденот на творецот. Годинава со двете награди се почестени четворицата македонски автори и асоцијацијата што создава многубројни културни мостови меѓу Хрватска и Македонија, предводена од политикологот Сашо Георгиевски. На овој начин асоцијацијата на задарските книжевни дејци, дел на Хрватското книжевно друштво, ја потврди својата отвореност и респектот кон македонските литературни творци во доменот на романескното, поетското, мултимедиското и теоретското творештво. Најзаслужен за тоа уважување е првиот човек на задарскиот разгранок, писателот Никола Шимиќ, како и неговите соработници од управата и независните интелектуалци од многубројниот состав на годинашното жири на наградите „Донат“ и „Горан Буиќ“.

Заблагодарувајќи се од името на лауреатот на највисокото признание, наградата „Донат“ за животно дело на Томислав Османли ја прими секретарот на Хрватско-македонската тангента, Милена Георгиевска, новинарка и уредничка на списанието „Македонски глас“ од Хрватска.
Други добитници се словенечкиот автор Марјан Пунгартник и Ана Чагаљ
Наградите се состојат од диплома, медалјон со ликот на Горан Буиќ и уметничка слика/фотографија дела на еминентни задарски уметници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

