Македонија
Активисти на Левицата поднесоа кривична пријава за борбите со кучиња во Охрид
„Откако СВР Охрид и ЈО Охрид не се охрабрија по допрен глас да постапат во однос на борбите на кучиња што се организираат и одржувааат во континуитет на оградена јавна површина, ринг – активисти од Левицата поднесоа кривична пријава против три физички лица со можност за проширување и против други лица“, велат од Левицата.
„Законот за заштита и благосостојба на животните изрично забранува организирање ваков тип на борби на кучиња, како и обложување за нив, а убивањето, измачувањето и изживувањето врз животните е инкриминирано со член 233 од Кривичниот законик.
Според неофицијални информации, борбите на кучиња претставуваат илегален бизнис, по пат на обложување со сума од 6.000 до 10.000 евра! За убивањето, измачувањето, нанесувањето на болка, маки, грубото злоупотребување на животните од користољубие (материјална или друга корист) е предвидена потешка казна, односно согласно член 233 став 3 од КЗ – казна затвор од една до пет години.
Сметаме дека во целост се исполнети законските услови за кривичен прогон за конкретното кривично дело, кое, за жал, поради досегашна неказнивост – јавно и отворено се практикува во континуитет, се третира како јавна тајна и нормална појава иако се предвидени законски одредби и казни што се во насока на заштита на немоќните, животните, но и кон одржувањето здраво општество.
На потег е Јавното обвинителство Охрид, кое очекуваме да постапи по кривичната пријава и, конечно, да се прекинат ваквите нехумани борби“, соопшти Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ избра нови претседатели на повеќе партиски комисии
На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, донесени се одлуки за кадровски освежувања и распишување огласи за раководни позиции во партијата, информира премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку објава на Фејсбук.
Извршниот комитет одлучил да распише огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата биле избрани и нови претседатели на повеќе партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е избран Сашо Клековски, на Кадровата комисија Благоја Ташаминов, на Комисијата за безбедност и одбрана Панче Тошковски, додека за претседател на Комисијата за туризам е избран Аккан Махмут.
За претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е избран Златко Перински.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!“, напиша Мицкоски во објавата.

