Свет
Израел: Напаѓачите што убија луѓе на автобуска постојка во Ерусалим се членови на Хамас

Израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен Гвир, изјави дека двајцата напаѓачи во Ерусалим, кои пукаа во цивили на автобуската станица, се членови на милитантната група Хамас, кои живееле во источниот дел на Ерусалим.
„Ова се очигледно оперативци на Хамас. Хамас има два гласа – едниот заговара прекин на огнот, а другиот терор. Овој инцидент уште еднаш докажува дека не смееме да покажеме слабост и дека со Хамас мора да разговараме само преку акции, само преку војна“, рече Гвир.
Полицијата утрово уби двајца вооружени Палестинци кога почнале да пукаат на автобуска станица во Ерусалим, соопштија израелските власти. Во нападот загинаа тројца цивили, една 24-годишна жена, еден маж на 70-годишна возраст и една постара жена. Надлежните велат дека поради повредите, во болница се пренесени уште пет лица, од кои тројца се во тешка состојба, пишува Би-би-си.
Нападот се случил покрај главниот автопат на периферијата на градот за време на шпицот, околу 7.40 часот по локално време, според израелската полиција. „Двајца терористи пристигнале на местото на настанот со возило и почнале да пукаат на автобуската станица. Тие биле неутрализирани од безбедносните сили и од цивилите што биле во близина“, соопшти полицијата.
Флер Хасан-Нахум, заменик-градоначалникот, рече дека напаѓачите биле застрелани од израелски цивили. „Терористите се од источен Ерусалим. Тие беа вооружени со пушка „М16“ и со пиштол. Пристигнаа со автомобил и почнаа да пукаат во цивилите“, изјави началникот на полицијата, Дорон Тургеман.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски го предупреди Трамп: Путин ќе се обиде да те измами

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Владимир Путин ќе се обиде да го измами Доналд Трамп за време на нивниот состанок во Алјаска, закажан за овој петок, пишува „Политико“.
„Ја разбираме намерата на Русите да се обидат да ја измамат Америка – нема да го дозволиме тоа. Многу ја ценам решеноста на претседателот Трамп да ја спречи смртта во војната. Многу луѓе ги даваат своите животи секој ден“, рече Зеленски.
„Но, единствената коренска причина за овие убиства е желбата на Путин да се бори и да манипулира со секого со кого доаѓа во контакт. Ние во Украина добро ја познаваме Русија и затоа Украинците веќе издржаа повеќе од три години тотална војна“, додаде тој.
Зеленски, исто така, рече дека давањето какви било отстапки на Русија нема да доведе до крај на војната. Во објава на Телеграм, Зеленски нагласи дека „отстапките нема да го одвратат убиецот“, истакнувајќи дека само во последните 24 часа, на фронтовската линија се регистрирани 137 борбени конфликти. Според него, Русија „не го намалува притисокот и не ги брои своите загуби“.
„Русија ја продолжува војната и затоа заслужува посилен притисок од светот“, напиша тој. „Русија одбива да ги запре убиствата и затоа не треба да добива никакви награди или позитивни исходи за себе. И ова не е само морална позиција – тоа е рационална позиција“, напиша Зеленски.
Долгоочекуваниот самит во Алјаска доаѓа во време кога Трамп се обидува да изврши притисок врз Путин да ја прекине војната против Украина. По разговорите од минатата недела меѓу Путин и претставникот на Трамп, Стив Виткоф, во Москва, наводно се разгледува можноста за територијална размена.
Зеленски остро ја отфрли таквата идеја и наместо тоа повика на воведување силни санкции од САД против Русија. Европските сојузници на Киев, исто така, инсистираат украинската позиција да се земе предвид за време на преговорите.
Свет
Пилот на „Изи џет“ шетал во хотел пијан и гол, требало да лета следниот ден, суспендиран е

Британската авиокомпанија „Изи џет“ суспендира еден од своите пилоти кога гостите на луксузен хотел во Капо Верде наводно го виделе како шета во заедничките простории пијан и целосно гол рано наутро, објавува Би-би-си.
На 4 август пилотот пристигнал во хотелот Melia Dunas Beach Resort and Spa, каде што почнал да пие во хотелскиот бар. Околу 2.30 часот по локално време на 5 август, по долго пиење, се соблекол и почнал да шета кај рецепцијата, а потоа и во салата за вежбање и во спа-центарот на хотелот.
„Пилотот не носел облека и смрдел на алкохол“, изјавил анонимен извор од авиокомпанијата за „Сан“. „Секој што го видел како се забавува гол во раните утрински часови денот пред летот, сигурно не би сакал да лета со него“.
Пилотот требаше да лета со повратниот лет за „Лондон Гетвик“ попладнето на 6 август, но компанијата го отстрани од служба откога доби поплаки и најде замена.
Портпарол на „Изи џет“ потврди за Би-би-си дека пилотот е суспендиран и дека е во тек внатрешна истрага. „Безбедноста на нашите патници и на екипажот е нашиот највисок приоритет“, соопшти компанијата.
Етичкиот кодекс на „Изи џет“ наведува дека вработените мора да се однесуваат со интегритет.
Свет
Шефот на НАТО: Преговорите за територијална отстапка меѓу Русија и Украина се неизбежни

Пред средбата на Доналд Трамп и Владимир Путин за Украина на 15 август дискусијата за отстапување територија е обновена. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, смета дека разговорите за ова прашање се неизбежни. Министрите за надворешни работи на ЕУ сакаат да постигнат консензус за ова прашање, објавува ДВ.
Отстапување територии за мир меѓу Украина и Русија? Западните партнери на Киев долго време се категорично против овој предлог. Сепак, во пресрет на средбата меѓу американскиот претседател, Доналд Трамп, и шефот на Кремљ, Владимир Путин, што ќе се одржи в петок на Алјаска, дискусијата е обновена. Трамп веќе нагласи: „Ќе има размена на територии – на обострано задоволство“.
Сега се огласи и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Тој нагласи дека во идните преговори нема да биде можно да се избегнат дискусии за областите под руска контрола.
Руте нагласи дека Украина е суверена држава, која одлучува за својата геополитичка иднина. Но, тој изјави за американската телевизија Еј-би-си: „Во овој момент мора да го прифатиме фактот дека Русија контролира дел од украинската територија“.
По прекинот на огнот, прашањето ќе биде како ќе се развиваат работите понатаму за Украина кога станува збор за територијални прашања и можни безбедносни гаранции. Според еден можен договор, Русија би можела да ја задржи де факто контролата врз одредени области, но нема да мора да биде правно признаена. Тој посочи на примерот на деценискиот став на Западот кон советската окупација на балтичките држави.
Руте го пофали ангажманот на Трамп и рече дека тоа е тест за да се покаже колку сериозно Путин ја сфаќа можноста за завршување на војната. Средбата би можела да биде важен чекор кон сеопфатни преговори, додаде тој.
Фото: принтскрин