Култура
Самостојна изложба на Ешреф Ќахили во Чифте амам

Во првата половина на декември Чифте амам ќе стане музеј на детството. Станува збор за самостојна изложба на ликовниот уметник и професор Ешреф Ќахили од Приштина, Косово.
Изложбата ќе се отвори на 5 декември 2023 во 19 часот. На отворањето на изложбата ќе се обрати директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова-Ќерими, и професорот Решат Амети, член на управниот одбор на Националната галерија.
Изложбата „Музеј на детството“ опфаќа триесетина дела во техника масло на платно и комбинирана техника и на уметничката сцена, за публиката ќе биде достапна до 18 декември 2023. Ќахили првпат изложува во Националната галерија, а овој проект е во рамките на билатералната културна размена меѓу Република Северна Македонија и Косово.
Низ триесетина дела групирани во циклуси авторот ги води посетителите низ секојдневните случки почнувајќи од најраното детство, преку младоста, па сè до зрелите години. Низ елементи на експлицитен израз на доживувањата тој раскажува за средбите со светските метрополи на уметноста и за седенките со уметниците од регионот, на кои разменувале многу творечки мисли и доживувања.
Делата на Ќахили се многу блиски до палеолитските, магдаленските слики, кои преку линијата и цртежот ни ги доловуваат експресиите од ловот, ни ги претставуваат животните, садовите, оружјето што го користеле тогашните луѓе. Во нив Ќахили преку минатото ја отсликува сегашноста, а нè води кон иднината преку својот креативен поглед низ уметничкиот изблик. Во делата преовладува геометризмот, шематизмот, а фигуративната претстава се претопува во симболи и разни знакови од религиските концепции.
Во изложените дела се издвојува фигурата како експресивен модел, вметната на чиста заднина, главно бела, но понекогаши колоритна. Фигурата и аморфното се среќаваат и на сина заднина, која постигнува ефект на уметнички баланс. Низ циклусот слики „Музеј на детството“, Ешреф Ќахили нè води низ фудбалските игралишта на играта, во која доминира линијата како премер и перфектен привид на селективниот организиран собир.
Во еден од претставените циклуси се прикажани моментите на берење плодови од природата, вклопени на платното во експресионистички манир. Можеби блискиот контакт со творештвото на албанските уметници и колеги Ибрахим Кодра и Омер Калеши на некој начин му дале позитивен импулс и му ја поттикнале креативноста цртајќи заедно на парче хартија со Кодра во Италија.
Своите платна Ќахили ги надополнува и со колажи, давајќи ѝ полет на имагинацијата. Така, во циклусот „Незаборавна слика“ ни претставува еден свет на пејзажи со повеќеслојни сегменти од растителниот свет, со вклучени делови од подводниот свет, каде што контурата е најважниот детал.
Во своето сликарство Ќахили настојува да ги претстави обичаите на секојдневието во светлината на избраните тонови. Преку прецизниот и јасен цртеж и драматичната тема го запознаваме времето во кое тој живее и начинот на кој го доживува. Пресекувањето на хоризонталата и вертикалата ја откриваат неговата индивидуалност, збогатена со рамноправно распоредените бои, кои им додаваат живост на претставените мотиви.
Куратор на изложбата е Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на Ансамблот „Орце Николов“ на Скопско лето

Вечерва, 07.07.2025г. (понеделник) со почеток во 20:30 часот на Колонадата пред платото на Национална опера и балет ќе се одржи концерт на Ансамблот на народни песни и игри „Орце Николов“.
Концертот е насловен „Оро Орце“ по повод 80 години постоење на Ансамблот.
Влезот е слободен.
Ансамблот за народни песни и ора „Орце Николов“, е културно-уметничко друштво основано во Скопје, 1945 година. Формирано е од Синдикатот на металските работници на аеродромот Скопје, со задача да ги афирмира македонските народни ора, песни, носии и обичаи.
Култура
Македонската анимација стигна до Уругвај: „Јон Вардар против галаксијата“ на фестивал во Монтевидео

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ е официјално селектиран на 11. издание на Светскиот филмски фестивал во Монтевидео, кој ќе се одржи од 7 до 9 јули во главниот град на Уругвај. По Бразил, Аргентина, Еквадор и Венецуела, ова е петта држава од Латинска Америка каде што филмот ќе биде прикажан.
Во режија на Гоце Цветановски, „Јон Вардар против Галаксијата“ е научно-фантастична комедија која веќе ја освои публиката на бројни светски фестивали, комбинирајќи остар хумор и различни стилови на анимација за да ја раскаже неверојатната авантура на еден антихерој низ вселената.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
Култура
Сергеј Андреевски и Никола Пијанманов изложуваат во Грција

Вечерва, со почеток во 20 часот, во главниот град Хора, на островот Андрос, свечено ќе биде отворена изложбата на првата интернационална уметничка работилница со наслов „Поистоветени со хоризонтот“ (“Aligned to the horizon”).
Во текот на јуни, девет меѓународни уметници: Сергеј Андреевски (Скопје), Ан Лизе Бројер (Париз), Стано Бубан (Братислава), Маријана Кацарас (Тунис), Маркос Хаџипатерас (Лондон – Атина), Никола Пијанманов (Струмица), Герлинде Пистнер (Нирнберг), Кристина Рахме (Бејрут) и Карла Салем (Лондон – Бејрут) се нурнаа во пејзажот, архитектурата и приказните врежани во камењата и древните патеки на Андрос – и ги трансформираа овие средби во уметнички дела за време на нивниот престој во резиденцијата „Амалија Гарденс“ во Витали, Андрос.
Сместена во историска зграда во Хора, изложбата ќе биде отворена до 31 август, поканувајќи ги и локалното население и посетителите да се вклучат во уметнички дела создадени во директен дијалог со островот. Поканетите уметници имаа средби со вистинските чувари на наследството на Андрос – локалните производители и жители – и истражуваа пејзажи што носат силни траги од човечко присуство низ вековите: антички камени тераси што ги обликувале полињата, вековни маслинови градини, камени фарми и традиционални пешачки патеки. Преку оваа интеракција со островот и неговите жители, уметниците беа поканети да размислуваат за тоа како овие елементи служат како живи сведоштва за долгогодишна, хармонична врска меѓу луѓето и нивната околина; Како минатите начини на живот можат да се прилагодат на денешната реалност и каква улога може да игра уметноста во усогласувањето на наследството на островот со современите ритми?
Целта на резиденцијата и изложбата е да се истакне безвременската релевантност на традициите на островот Андрос – не како реликвии од минатото, туку како вредни ресурси за сегашноста.
Иницијативата ја спроведува здружението „Амалија Гарденс AMKE“, основано од архитектите и дизајнерите Харис Савидис и Пени Валсамиду. Името на организацијата ѝ оддава почит на Амалија Атанасиу, последната жителка на напуштената населба Калокаирини, со цел да ја оживее како нов центар на уметничка креативност. Резиденцијата „Амалија Гарденс“ има за цел не само да ја промовира современата визуелна уметност, туку и да поттикне значаен дијалог меѓу уметниците и културното наследство на островот. Преку оваа размена, програмата се стреми да создаде жив дијалог што ќе остави траен отпечаток врз сегашноста и иднината на Андрос.