Македонија
СДСМ лаже за Стефковски, Гази Баба не е задолжена, тврди ВМРО-ДПМНЕ

Лажна вест на СДС е дека Гази Баба е задолжена, Стефковски за 2 години направи многу повеќе за општината од сите години власт на СДС-ДУИ, тврди ВМРО-ДПМНЕ.
„Лажна вест на СДС е дека Општина Гази Баба е во долгови. Тоа само покажува дека СДС ја лаже јавноста само колку да се рече дека има некаква критика.
А кога веќе зборуваат за развој добро е да одговорат зошто Владата на СДС и ДУИ ја закочија општинската обврзница.
Обврзницата за брз развој на општината е всушност наменета за капитални проекти кои претходниот градоначалник на СДС Борче Георгиевски ниту ги планираше, ниту ги започна. Тоа значи дека СДС директно кочи градба на градинки, училишта, водоводи и канализации.
Наспроти неинвентивноста на СДС, во тешки услови на блокада и немање на поддршка од Централната власт, Општината Гази Баба и градоначалникот Стефковски реализираа или започнаа со реализација за само две години на нови 420 проекти за граѓаните. Изградена е нова мрежа на фекална канализација во должина од 21 километар. Нема населено место во општина Гази Баба кое нема питка вода за пиење.
Асфалтирани се локални улици на површина од 29.000 метри квадратни. Изградени се 18 спортски терени на најсовремена тартан подлога во Ченто, Гоце Делчев, Автокоманда, Кирил Петрушевски, Керамидница, Колонија, Триангла, Идризово и други населени места. Изградени се 4 спортски терени на подлога од вештачка трева во Стајковци, Инџиково, Страчинци и Автокоманда. Поставени се 3 фитнес зони на отворено во Триангла, Керамидница и Колонија“.
Инвестирани се 43.000.000 денари во општинските основни училишта на територија на општина Гази Баба.
За само две години Бобан Стефковски за Гази Баба направи многу повеќе од 4 години претходна локална власт на СДС, и 7 години централна власт СДС-ДУИ.
И сосема на крај, кога СДС говори за платите на функциинерите, тие се покачија преку одлука на Уставниот суд на Кацарска, и беа поздравени од централната власт на Ковачевски кој иако вети корекција, ја излажа јавноста.
И само за споредба Ковачевски зема плата од над 2500 евра, а на пензионерите и студентите им дава по 1000 денари. Градоначалникот на СДС во Центар зема 1500 евра, а општината се дави во смет и кал“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вицепремиерот Николоски во работна посета на високо ниво на Велика Британија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од попладнево е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.
Тема на работните средби е зацврстување на стратешката соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Предвидено е на средбите да се разговара за економската и трговска соработка со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурниот сектор.
Покрај економските теми, ќе се потврдат и добрите политички односи меѓу двете земји.
Обединетото Кралство е стратешки партнер на Република Македонија во НАТО Алијансата и земја на второ место со која остваруваме најголем обем на трговска размена.
Македонија
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор

По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии, тврдат од партијата Левица.
Од таму додаваат дека новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. Според Левица, и натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.
„Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.