Македонија
(Видео) Пресечен меѓународен канал за транспорт, запленета дрога вредна 120.000 евра

Денеска на влезот во Гостивар, полицијата спречи меѓународен транспорт на 32 килограми марихуана, вредна околу 120.000 евра, од Албанија во Македонија.
На местото биле запрени две патнички возила „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки. Првото, во кое биле К.Л.(35) од Скопје, со престој во Горна Матка, В.Б.(46) од Скопје, со престој во Горна Матка и албанскиот државјанин Г.Џ.(42), било претходница. А во второто, кое го управувал М.А(44) од село Грчец, била транспортирана дрогата. На знак за запирање, даден од полициски службеници, возилото не застанало и се обидело да побегне, но набргу било запрено и во багажникот биле пронајдени три торби со околу 32 килограми марихуана. Криминалната група била организирана од септември 2023 година од албанскиот државјанин, кој бил баран со потерница во Република Албанија и други држави од Европската Унија, исто така, за недозволена продажба на наркотици.
Во периодот од септември до сега тој организирал транспорт на дрога од Албанија во нашата држава, по што во Скопје организирал мрежа на препродавачи. Лицата биле лишени од слобода, а во текот на денот, со судска наредба, биле извршени претреси на пет локации во Скопје, при што биле пронајдени марихуана и други материјални докази за нивната инволвираност во вршење на кривичното дело. По целосно расчистување и документирање на случајот, против лицата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце времето на чекање за излез од Македонија е околу 30 минути

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од Македонија е околу 30 минути, на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски – вечниот политичар без дела, со вечна желба за фотелја, реагира затоа што не беше дел од јахта забавата на Филипче и Заев

„Андреј Жерновски, познат по своите политички прескокнувања и вечна желба да биде „прв во партијата“, повторно се јавува како гласноговорник на СДС, очигледно туркајќи ја агендата за сопствена промоција и позиционирање за иден лидер на партијата“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека го анализира ВМРО-ДПМНЕ и измислува анкети по нарачка на партиската кујна на Бихаќка, Жерновски молчи за вистинските скандали кои ја потресоа неговата партија – за јахтите на Заев и Филипче, за апетитите на нивниот олигархиски круг, за милионските тендери и провизии, за клиентелизмот кој ја потопи СДС.
Тој е дел од тажната група вечни политичари кои живеат удобен и комотен живот, а никој не може да се сети на ниту едно нивно конкретно дело или резултат. Политичка неконзистентност и лична амбиција тоа е неговиот единствен „капитал“.
Наместо да држи лекции за економија и политика, нека објасни како тој и неговите ментори ја доведоа Македонија до економски колапс, до историски одлив на млади луѓе и до ниво на корупција невидено во модерната историја.
Жерновски е симбол на политичари кои мислат само на својата фотелја, а секој негов напад врз ВМРО-ДПМНЕ е ништо повеќе од обид да се прикаже релевантен пред партиската база на СДС, во надеж дека еден ден ќе ја заземе лидерската позиција“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на ставовите на Жерновски.
Македонија
СДСМ: Рамковниот договор е важен документ за мирот, соживотот и градењето заедничка иднина

„Рамковниот договор е важен документ кој стави крај на конфликтот од 2001 година, воспостави мир и отвори поглавје на соживот во градењето заедничка иднина“, велат од СДСМ.
„Освен зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата, суштината на Рамковниот договор е издигнувањето над поделбите, меѓусебно помирување и отворање на вратите за заеднички напредок и еднакви можности на сите граѓани.
Сите политички чинители во земјава треба своите напори да ги вложат во политики коишто ги сплотуваат граѓаните, да работат заеднички за едно современо, демократско и интегрирано општество за сите“, соопшти СДСМ.