Македонија
ЦУК: 1.522 повици на 112, четири пожари на отворено вчера, а вкупно 25 за викендов

Според последниот 24-часовен извештај на Центарот за управување со кризи, од вкупниот број 1.522 повици на Единствениот број за итни случаи 112, реални повици за итни случаи биле 33,84 %, а 66,16 % други, именувани како неитни повици, што биле за други потреби на граѓаните или, едноставно, не биле итни.
Во согласност со распределбата, во согласност со природата на настаните, преку ЦУК кон полицијата биле упатени 50,80 % од повиците од 112 во ЦУК, кон итната медицинска помош 37,97 %, кон пожарникарите биле упатени 7,49 %. Кон Центарот за управување со кризи имало 3,74 % од реалните повици за итни случаи кои се за комбинирано решавање, што, секако, заедно со другите 65,53 % неитни повици (вкупно заедно 1.014) биле предмет на примање, одговорање и обработка од дежурните оперативци во Секторот Е-112 во содејство со Секторот за операции и координација во ЦУК.
Иако е почеток на декември, викендов имаше 25 пожари на отворено: во саботата 21 и 4 пожари вчера, недела, при што пожарникарите од Битола, Прилеп, Крушево и од Куманово интервенирале за гаснење запалена ниска вегетација, извести ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Илинден е ден на обединување, ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината

ВМРО-ДПМНЕ упати честитка по повод Илинден.
„Илинден е симбол на нашата непокорност, заветот на Крушево и борбата на партизаните за слободна Македонија. Тоа е ден кога се преклопуваат идеалите на сите генерации кои сонуваа за држава своја, слободна и праведна.
Илинден е и Крушевската Републикa, замислена како дом на сите луѓе, без разлика на вера и народност. Илинден е и АСНОМ, темелот на современата македонска држава, каде што повторно се повтори истиот идеал: Слободна Македонија, за македонскиот народ и за сите нејзини граѓани.
Денес, на нас е да ја чуваме слободата, да ја унапредуваме демократијата, да ја развиваме државата. И тоа во услови кога има многу предизвици, негаторски политики и разлилни пропаганди.
Илинден е и ден на обединување.Тоа е ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината.
Нашата мисија е јасна, Македонија мора да победи. Да ја вратиме правдата, да го зачуваме идентитетот, да ја изградиме државата која ќе биде дом на достоинството и просперитетот. Илинден е најголемата вистина која живее, епопејата на народот за слобода и своја држава.
Честит Илинден!
Да живее Македонија!“, стои во честитката на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Гаши: Овој ден е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка по повод 2 Август – Денот на Републиката.
„Во име на пратениците и Собранието на Република Северна Македонија, упатувам најискрени честитки по повод 2 Август – Денот на Републиката. Овој ден е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество, вредности што денес претставуваат темел на нашето заедништво и на институциите на државата. Оваа дата не е само дел од историјата на државата, туку и обврска да ја зачуваме и понатаму да ја унапредуваме визијата за современа држава насочена кон мир, напредок и евроатлантска интеграција.
Нека овој ден биде поттик за размислување за заедничкиот пат што го изградивме како држава и како општество, како и за понатамошно охрабрување на меѓусебното разбирање, соработка и посветеност кон доброто на татковината, без разлика на етничките, верските или политичките разлики“, стои во честитката на претседателот на Собранието, Гаши.
Македонија
Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката.
„Илинден е сржта на македонската историја,
Илинден е срцето на македонската република,
Илинден е душата на македонската државност,
Илинден е тежок и прекрасен ден, ден на неизмерна тага и радост, но и ден на болка и гордост!
2 Август е денот на двата Илиндена: Крушевскиот којшто ја роди идејата за Републиката и асномскиот којшто ја оживотвори.
Првиот беше искра, вториот пламен, првиот беше ослободителен крик и херојска епопеја, вториот беше државна конституција по победа.
Првиот посеа републиканско семе, вториот ја собра жетвата на Народноослободителната борба.
Илинден е приказна што тече, се пишува и допишува со крв и солзи, порази и победи.
Илинден нѐ учи дека Републиката не се наследува, туку се изборува и се заслужува.
Илинден нѐ обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите, место од кое нема да се бега, туку во кое ќе се доаѓа.
Илинден е пример за обединување заради заедничка цел и општо добро.
Илинден е ден на тивка заклетва пред Никола, Питу, Даме, Гоце… и пред мноштвото знајни и незнајни борци, дека она што го сториле за нас, несебично вградувајќи се во темелите на македонската државност, никогаш нема да го заборавиме и засрамиме.
Драги потомци на славните илинденци, наследници на нивната визија, храброст и неизмерна љубов кон татковината, од срце ви го честитам Илинден, празникот над празниците.
Нека е вековита македонската република!
Нека ни е вечен Илинден!“, стои во честитката на претседателката Сиљановска-Давкова.