Македонија
Левицата: Коњановски и државни просветни инспектори го штитат криминалот на Сервини
„Левица неколку пати јавно реагираше со барање за разрешување на Жанета Сервини од функцијата в.д. Директор на Техничкото училиште во Битола. Но, и покрај низата скандали што ја пратат од самиот почеток на нејзиниот в.д. мандат меѓу кои и злоупотреба на ученици-малолетни лица со цел вршење притисок врз вработени во училиштето, таа сèуште е на оваа функција“, велат од Левица.
„Иако не ги исполнуваше условите за директор согласно Законот за средно образование, а со тоа ниту за в.д. директор што е утврдено во неколку вонредни инспекциски надзори од страна на ДПИ и покрај сите скандали и пријави со кои е соочена, Коњановски не се откажува од Сервини како најдобро решение за него, а најлошо за Техничкото училиште. За сите овие неправилности Коњановски бил информиран од страна на ДПИ но, тој свесно ги игнорирал сите известувања.
Во заштита на незаконското работење на Сервини од самиот почеток на нејзиниот мандат, активно се вклучени неколку Државни просветни инспектори кои во обид да ги прикријат сите пропусти на Сервини постапувале во спротивност со Законот за инспекциски надзор и на штета на вработените во училиштето.
Ист Државен просветен инспектор сокрил дека Сервини злоупотреби малолетни ученици и дека не ја реализирала програмата за работа во учебната 2022/23 год. при што во континуитет не е водена педагошка евиденција во училиштето како што е уредено со чл.17-а од „Правилникот за дополнување на правилникот за начинот на водењето, формата и содржината на педагошката евиденција и документација во средните училишта“ (Сл.весник на РСМ бр.48 од 01.03.2021 год.), а наставниците под страв од казни од неколку стотини евра, морале да направат фалсификат во содржините на електронскиот дневник со цел да се прикрие фактичката состојба.
Инспекцискиот совет по преставки од вработени и родители утврдил дека Државните просветни инспектори потапувале спротивно на Законот за инспекциски надзор и за истите се предложени повеќе дисциплински постапки пред ДПИ“, соопшти Левица.
„Во врска со злоупотребата на учениците-малолетните лица, а постапувајќи по преставка на родител против Записникот направен од Државниот просветен инспектор, Инспекцискиот совет наведе: “Станува збор за малолетни лица кои немаат навршено 18 години и со тоа немаат стекнато деловна способност, самите да во свое име и на своја сметка да потпишуваат изјави, со овој акт несомнено се подложени на психичко вознемирување, уредено во член 51 став 3 од Законот за средно образование.”
Поради сето ова, инволвираноста на Државни просветни инспектори како и доделените два последователни в.д. мандати од страна на Коњановски спротивно на чл.91 и 93-В од Законот за средно образование.
Го повикуваме ОЈО за организиран криминал да отвори истрага за злоупотреба на службена положба на Сервини, Коњановски и Државните просветни инспектори, а поради бројот на инволвирани лица во сите овие неправилности и истрага за злосторничко здружување.
Врз основа на утврдените повреди на правата на децата, несовесното работење на в.д. дирекоторката, Државните просветни инспектори и утврдените неправилности од страна на Инспекцискиот совет, а согласно чл.93 алинеја 3 и алинеја 4 од Законот за средно образование, бараме Коњановски веднаш и без одлагање да ја разреши Жанета Сервини од функцијата в.д. директор на Техничкото училиште и да ја повлечи согласноста за објавување оглас за директор!
Доколку Коњановски не го стори ова во рок од 24 часа и не застане во одбрана на правата на децата, бараме од Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири веднаш да му ги одземи ингеренциите на Општина Битола и Коњановски во делот на образованието за Техничкото училиште.
Нула толеранција за злоупотреба на малолетни лица во образованието!“, се наведува во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со претставници на „Македонија 2025“
Во рамки на активностите во областа на надворешната трговија и економската дипломатија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска, придружуван од директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски, оствари посета на организацијата „Македонија 2025“ и одржа средба со нејзиното раководство.
Посетата е дел од серијата работни средби што министерот Муцунски ќе ги реализира во текот на неделата со раководствата на стопанските комори и сродни организации.
На средбата беа отворени повеќе прашања поврзани со можностите за организирање заеднички активности во делот на извозната и инвестиционата промоција на бизнис-компаниите кои се членки на „Македонија 2025“.
Фокусот на разговорите беше ставен на можностите за организирање бизнис-форуми во рамки на официјални посети на владини делегации во странство, со посебен акцент на улогата на дијаспората. Воедно, беа разгледани и начините на кои дипломатско-конзуларните претставништва можат да дадат поддршка во организирање деловни средби за заинтересираните компании кои сакаат да ги истражат странските пазари и да отпочнат извозни активности.
Претставниците на „Македонија 2025“ ја поздравија иницијативата за интензивирање на соработката и комуникацијата со стопанските комори, истакнувајќи дека на тој начин дополнително се зајакнува улогата на државата како поврзувач меѓу домашните компании, странските пазари и македонската дијаспора.
Македонија
Муцунски со осуда откако некој ја оштети вратата на бугарската амбасада во Скопје: „Се работи за изолиран случај“
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, го осуди инцидентот во кој беше оштетена влезната врата на Амбасадата на Бугарија во Скопје, оценувајќи дека станува збор за изолиран случај и дека институциите реагирале брзо и ефикасно.
Муцунски изјави дека, според првичните информации, нанесената материјална штета не е голема, но дека инцидентот се осудува максимално. Тој посочи дека Министерството за внатрешни работи е надлежно за истрагата и дека таму треба да се побараат подетални информации.
Инцидентот се случил во неделата, кога, според информациите, непознат човек ја искршил влезната врата на амбасадата во центарот на Скопје. Настанот беше потврден со фотографии и видео објавени од бугарското Министерство за надворешни работи, кое реагираше остро, оценувајќи го како напад врз дипломатската мисија.
„Изразуваме длабока загриженост дека ваквото дрско дело е резултат на системскиот недостиг на реакција од страна на надлежните институции во Република Северна Македонија при претходни напади и вандалски чинови врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница“, се вели во соопштението од Софија.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека кај нив било пријавено оштетување на стаклото на влезната врата од Амбасадата на Република Бугарија. Како што соопштуваат од МВР, офицерот за безбедност на амбасадата преку системот за видео надзор забележал оштетување на стаклото на влезната врата од објектот. Според досега утврденото, оштетувањето го извршило засега непознато лице, кое со удар со рака го оштетило стаклото и се оддалечило од местото.
На местото на настанот биле преземени соодветни полициски мерки, а надлежните служби работат на целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот, информираа од Министерството за внатрешни работи.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.

