Свет
Нетанјаху: Во моментов нема начин преостанатите заложници да се вратат дома

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека во моментот не постои можност заложниците кои се уште ги држи палестинската милитантна група Хамас во Газа да се вратат дома.
Тој се сретна со семејствата на заложниците кои претходно ги ослободи Хамас, а како што пренесува „Ројтерс“, неколку членови на семејството кои присуствувале на состанокот жестоко ја критикувале израелската влада.
Една неименувана поранешна жена заложник, чиј сопруг сè уште е во заробеништво, го обвини Нетанјаху дека ја става политиката над преостанатите 138 заложници.
– Ја видов Арија Залмановиќ (85) како умира пред мене. И немаш што да кажеш за тоа, дека сакаш да го собориш режимот на Хамас? – таа рече.
Дани Миран, чиј син Омри беше земен како заложник од членовите на Хамас на 7 октомври заедно со околу 240 други Израелци и странци, рече дека почувствувал дека состанокот ја навредил неговата интелигенција и заминал среде средбата.
„Нема да навлегувам во детали за тоа што се разговараше на состанокот, но целиот овој настап беше грд, навредлив. Велат – ние направивме тоа и тоа, но лидерот на Хамас, Јахја Синвар го врати нашиот народ, а не тие“, рече тој и посочи дека владата направила фарса за прашањето за заложниците.
Нетанјаху рече дека „слушнал приказни што му го скршиле срцето, за сексуални напади и случаи на силување, за глад и жед“.
Состанокот се одржа во време кога продолжија борбите во Појасот Газа по седумдневна пауза во која беа вратени повеќе од 100 заложници од енклавата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Србија им препорачува на граѓаните да не патуваат во Хрватска на почетокот на август

Министерството за надворешни работи на Србија им препорача на граѓаните на Србија да се воздржат од патување во Хрватска во периодот од 1 до 10 август.
Во соопштението Министерството им советува на граѓаните што ќе бидат на територијата на Хрватска во тој период да избегнуваат собири и други јавни собири, кои може да носат ризик од инцидентни ситуации.
Во тој период – на 5 август, Хрватска ја одбележува годишнината од воено-полициската операција „Бура“. Прославата се одржува на денот кога завршила акцијата. Во Србија годишнината од „Бура“ е на 4 август, денот кога почнала, како ден на сеќавање на жртвите и протераните Срби.
Свет
Откриен можниот мотив на убиецот од Њујорк – оставил проштално писмо

Шејн Девон Тамура (27), напаѓачот кој вчера уби четири лица во деловна зграда во Њујорк, пред да си го одземе животот, оставил проштално писмо во кое тврдел дека боледува од хронична трауматска енцефалопатија (ЦTE) и побарал неговиот мозок да биде анализиран по смртта, јавува „Си-ен-ен“.
Во краткото писмо од три страници, пронајдено во неговиот џеб по пукањето, Тамура напишал: „Тери Лонг и американскиот фудбал ми ја донесоа ЦTE, поради што испив литри антифриз. Не можете да се борите против NFL – ќе ве згази.“ Тери Лонг, поранешен играч на Pittsburgh Steelers, беше дијагностициран со ЦTE и изврши самоубиство во 2005 година.
Тамура во пораката додал: „Ве молам, проучете ми го мозокот. Жал ми е. Кажете им дека ми е жал за сè.“
Според извори на „Си-ен-ен“, Тамура во младоста играл американски фудбал, што дополнително го поддржува неговото тврдење дека страдал од ЦTE – болест што најчесто се поврзува со повторувачки удари во глава кај спортисти, дури и без забележани потреси на мозокот.
Според досегашните сознанија, Тамура бил незадоволен од начинот на кој Националната лига за американски фудбал (NFL) со години го игнорира проблемот со ЦTE, кој е потврден кај бројни поранешни играчи по нивната смрт, а многумина имаат проблеми и додека се живи. Полицијата претходно објави дека Тамура имал „историја на ментални нарушувања“.
Тој влегол со пушка во зградата каде се наоѓа седиштето на NFL и почнал да пука во фоајето, а потоа и на 33. кат, пред да си го одземе животот. Еден вработен во NFL е тешко повреден, додека останатите биле навреме евакуирани.
Пријател од училишните денови, Калеб Кларк, го опишал Тамура како „најголемиот шегаџија во одделението, полн со енергија“. „Никогаш не би помислил дека би можел да биде поврзан со насилство. Луѓето му велеа дека е талентиран и посебен, но тој никогаш не кажуваше дека ќе игра во NFL,“ изјавил Кларк.
Во 2015 година, Тамура се преселил во Гранада Хилс и работел во казино во Лас Вегас, каде што поседувал дозвола за носење оружје.
Свет
Кремљ: Путин му се јави на Нетанјаху, разговараа за Сирија и за Иран

Претседателот на Русија, Владимир Путин, разговараше по телефон со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, објави прес-службата на Кремљ. Според руските власти, лидерите на двете земји разговарале за напнатата ситуација на Блискиот Исток.
„Руската страна ја потврди својата цврста позиција во корист на исклучиво мирно решавање на проблемите и конфликтите што постојат во регионот“, вели Кремљ. Путин ја нагласи важноста од поддршка на единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.
Рускиот претседател исто така ја изрази подготвеноста на Русија да помогне во наоѓањето преговарачки решенија поврзани со нуклеарната програма на Иран.