Култура
Премиера на „Демнејќи го Годо“ од Драго Јанчар во Театар Комедија
На 12 декември (вторник), со почеток во 20 часот, на малата сцена на Театар Комедија ќе се случи премиерата на пиесата „Демнејќи го Годо“ од словенечкиот писател и драматург Драго Јанчар. Станува збор за прва копродукциска соработка помеѓу Турскиот театар од Скопје и Театар Комедија, на која се работеше речиси три месеци. Режисерка на „Демнејќи го Годо“ е Сибел Авдиу, а во претставата играат: Жаклина Стевковска-Дрнасин, Едмонд Сотир, Сузан Акбелге, Селпин Ќерим и Џенап Самет. Сценографијата ја изработи Луиџи Бејта, костимите се дело на Ивана Каранфиловска, кореограф на претставата е Александра Кочовска-Начева, а автор на музика е Аљбин Сопа.
− Делото „Демнејќи го Годо“ на Драго Јанчар, коешто може да се каже дека е еден вид парафраза на апсурдната класика „Чекајќи го Годо“, прикажано во едно поинакво време и во поинаква средина, сепак се занимава со стравот, сомнежот и контролата на општеството со помош на тие механизми и го обликува постоењето на човекот. Но, без разлика на тоа што овој драмски текст е сериозен во однос на тематиката, сепак мајсторијата на Јанчар е во тоа што успеал сето тоа да го покаже низ една призма на апсурдни ситуации, кои сами по себе може да се толкуваат и како комични, а во суштината се трагични. Со оглед на тоа што ова е прва копродукција помеѓу НУ Театар Комедија и НУ Турски театар Скопје, кои долги години делат ист покрив, работев со Жаклина Стевковска и Едмонд Сотир од Театар Комедија, и Џенап Самет, Селпин Керим и Сузан Акбелге од Турски театар кои првпат се споија во овој проект, а самата соработка ни донесе многу креативен и забавен процес – вели режисерката Сибел Авдиу за предизвикот да се работи на оваа пиеса на Јанчар.
Со „Демнејќи го Годо“, Јанчар ќе се претстави третпат пред македонската театарска публика, откако претходно, во 1986 и во 1990 година, во Македонскиот народен театар во Скопје и Народниот театар во Прилеп беше поставен текстот „Големиот брилијантен валцер“.
„Демнејќи го Годо“ е четврта премиера на Театар Комедија во 2023 година. Оваа година, Театар Комедија ќе ја затвори со уште една премиера, „Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона, а во режија на Јане Спасиќ. „Череп во Конемара“ ќе биде јубилејна, 40-та претстава на Театар Комедија од неговото основање во 2011 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем концерт на „Мизар“ вечерва во МКЦ
Еден најпрепознатливи македонски рок-бендови „Мизар“ вчерва ќе одржи концерт во МКЦ со почеток од 20 часот.
Според организаторот „Чув де чув“, скопскиот концерт е најава на поголема активност на „Мизар“, ќе следува концерт и во Белград, а има планови за настап и во регионалните балкански центри во текот на 2025 година.
Групата на вечерашниот концерт ќе настапи со нова постава.
Во основата на бендот се Горазд Чаповски на гитара и Илија Стојановски на бас и процесор, а на нив ќе им се придружат Пеце Китановски (бас-гитара), Принц (клавијатури, придружни вокали), Драган Теодосиев (тапани), Нико Ѓоргиевски (вокал и перкусии) и вокалите од „Хармосини“ Сава Булатовиќ и Христијан Моневски (виола, кларинет, флаута, лира).
На концертот ќе бидат изведени новиот сингл „Псалм 135“, дел од новите песни на бендот, но и веќе химничните теми од претходните албуми, како „Дождот“, „Магла“, „Девојка од бронза“, „Градот е нем“, „Почесна стрелба“, „Златно Сонце“.
Култура
„Патување низ боите – јубилејни триесет години творештво“ на Башким Меџити
На крајот од 2024 во атмосфера на загревање на претпразнично расположение со задоволство ве информираме дека на 16 декември, понеделник, во 19 часот ќе се отвори изложбата на ликовниот уметник и професор Башким Меџити во објектот Чифте амам на Националната Галерија.
Изложбата претставува одбележување на 30-годишното творештво на академскиот сликар Меџити и носи наслов „Патување низ боите – Јубилејни триесет години творештво“. Сликарскиот опус ќе биде претставен со седумдесетина слики изработени во комбинирана техника, акрил на платно.
Творечкото патување на Меџити се одвива низ неколку циклуси, од најраната младост, дипломирањето на Факултетот за ликовна уметност во Приштина, до неговиот сегашен ангажман како редовен професор на Државниот универзитет во Тетово.
За самото отворање ќе биде подготвена соодветна монографија со пригодни осврти за неговиот сликарски пат, изложбата ќе трае до 16.01.2025, а куратор на проектот е Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.
Култура
„Бубачки“ на Игор Иванов-Изи денеска во Кинотеката во рамките на јубилејните проекции на македонските филмови
Декемвриската програма на Кинотеката ја збогатуваат легендарни македонски филмови кои ја обележаа историјата на нашата кинематографија. Со овие проекции публиката има можност повторно да се потсети на овие маестрални дела, кои преку различни наративи и жанрови ја прикажуваат македонската култура, историја и живот.
По повод 20-годишнината од премиерата на „Бубачки“ по сценарио и режија на Игор Иванов Изи, филмот ќе биде прикажан во Кинотеката на 13 декември со почеток во 19.30 часот.
„Бубачки“ е македонски краткометражен игран филм од 2004 година, во продукција на „Сектор Филм Скопје“. Филмот е номиниран за „Златна мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал во 2004 година и е добитник на престижниот „Златен леопард“ на фестивалот во Локарно. Бубачки успеа да се пласира помеѓу девет кратки филмови во трката за „Оскар“, но не се здоби со номинација.
Што станува со еден млад човек кој живее целосно во својот свет? Меланхолични и моќни слики ги враќаат спомените од минатото на момчето, додека ја откриваат неговата контемплација за сегашноста.
Улогите ги толкуваат: Ѓорѓи Крстевски, Оливер Митковски, Лабина Митевска, Владимир Јачев и Јелена Богојевиќ.