Македонија
Османи со обраќање на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел: Постепената интеграција на земјите од Западен Балкан како нужен чекор пред нашето формално членство

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес, во рамки на работната посета во Брисел, се обрати на Самитот ЕУ-Западен Балкан, во организација на реномираната Бриселска тинк тенк организација Friends of Europe.
„Проширувањето на Европската Унија отсекогаш имало меритократски и геополитички аспект“, истакна Османи, посочувајќи дека патот на Северна Македонија кон Унијата беше исполнет со исклучително тешки предизвици, но никогаш не отсуствувала стратешката јасност околу нашиот првенствен надворешно-политички приоритет за членство во Европската Унија.
На сесијата насловена „Проширувањето на ЕУ: новата геополитичка неопходност“, Oсмани рече дека токму концептот „сѐ или ништо“ не нуди придобивки за граѓаните пред формалното полноправно членство. Оттука, според Османи концептот за повеќе интеграција пред полноправно членство претставува најдобро можно решение.
„Уверен сум дека концептот на забрзана и постепена интеграција, кој што го нарековме „Повеќе интеграција пред членство“ ќе даде опипливи придобивки дури и во оваа фаза од процесот на пристапување. Очекувам да се поканат партнерите од Западен Балкан кои имаат 100% усогласена со надворешната и безбедносна политика на ЕУ да учествуваат на состаноците на Советот за надворешни работи, да добиеме пристап до Единствениот пазар на ЕУ и до структурните и кохезивните фондови“, истакна Османи.
Покрај министерот Османи, на сесијата посветена на проширувањето на Унијата со свои обраќања учествуваа и заменик претседателката на Владата за европска и евро-атлантска интеграција на Украина, Олга Стефанишина; министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани; министерите за европски прашања на Чешката Република и Црна Гора, Мартин Дворак и Мајда Горчевиќ; генералниот директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман; специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак; амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил како и поранешниот еврокомесар за проширување, Штефан Филе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Жените не смеат да живеат во страв, институциите мора да преземат мерки за превенција и спречување на насилството, вели Тренчевска

Пратеничката од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јована Тренчевска, на денешната прес- конференција во Собранието, во име на Клубот на жени пратенички, повика на доследно почитување на законите, навремена и ефикасна реакција од сите надлежни институции за заштита, спречување и превенција од насилство врз жените.
Тренчевска посочи дека Клубот на пратенички едногласно ги поддржа измените на Кривичниот законик, со кои фемицидот за првпат се препознава и третира како кривично дело.
„Бараме од надлежните институции да ги преземат сите мерки за заштита на жртвите и превенција на фемицидот. Бараме од судските органи да ја имаат во предвид ратификуваната Истанбулска конвенција и одредбите од Кривичниот законик којшто се усогласени со истата“, изјави Тренчевска.
Реакцијата доаѓа по двојното убиство во Велес, како и зачестените насилства врз жените што се случија во државата.
“Фемицидот е најтежок облик на насилство врз жените само затоа што се жени. Жените мора да се чувствуваат безбедно и сигурно а тоа треба да го обезбедат сите институции во државата“, рече Тренчевска.
Во своето обраќање, таа посочи дека насилството врз жените мора да биде јавно осудено и институционално санкционирано.
„Ние, жените од парламентот, едногласно, остро и силно ги осудуваме зачестените случаи не само на свирепо насилство, туку и на фемицид. Ова реакција на Клубот на жени пратеничкисакаме да допре до сите граѓани и до сите институции во државата со цел ефикасна превенција, заштита и спречување на насилството врз жените“, изјави Тренчевска.
Македонија
Николоски: Kреираме нов правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура во општините

Владата преку Министерството за транспорт реализира сет мерки за подобрување на инфраструктурта во општините со што ја подигнува безбедноста во сообраќајот и го унапредува квалитетот на живот. Во меѓувреме креираме и нов Правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура во општините, истакна потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на конференцијата посветена на подобрување на урабниот транспорт.
„Министерството за транспорт се приклучува кон најголемата европска кампања за подигање на свеста за одржлив транспорт и подобрување на квалитетот на живот во градовите, со што ја потврдуваме нашата посветеност да се движиме во ист правец со најдобрите европски практики. Со Националната транспортна стратегија за периодот 2018 – 2030 година предвидена е мерка за поддршка на поголемите градови за изработка на планови за одржлива урбана мобилност. Поддршката вклучува развивање на планови за одржлива урбана мобилност за Кавадарци и Прилеп, Кочани, Струмица и Струга, во согласност со насоките за развивање и имплементација на планови за одржлива урбана мобилност на ЕУ”- кажа Николоски.
Тој потенцира дека Министерството особено внимание посветува на унапредување на стандардите за велосипедската инфраструктура се со цел да се зголеми безбедност на велосипедскиот сообраќај.
“Во Законот за јавни патишта предвидовме основа за донесување на Правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура, а во соработка со граѓанскиот сектор изработивме предлог Правилник којшто ќе биде донесен во текот на следниот период. Со ова, сакаме да испратиме порака дека велосипедот како симбол на одржлива мобилност е рамноправно превозно средство, а не само средство за рекреација. Со поддршка од државата и со визија на општините, можеме да изградиме градови кои се поодржливи, побезбедни и подобри места за живеење”- истакна Николоски.
Денешната конференција се организира во рамки на Европската недела на мобилност под мотото „Мобилност за секого“.
Македонија
ДОМ: Фемицидот во Велес е резултат на институционален колапс, бараме одговорност и системски промени

Зелената партија ДОМ, како што соопшти, најостро реагира на монструозното убиство на младата Росица и нејзиниот татко во Велес.
Според оваа партија, не станува збор за „индивидуална трагедија“, туку за директна последица на институционалниот колапс.
„Кога полицијата, обвинителството, судството и центрите за социјална работа не постапуваат согласно законските надлежности, тогаш може да се зборува за поддршка која води кон репродукција на насилството.
Случајот покажува дека системот свесно им дозволува на насилниците да не бидат санкционирани сè додека не завршат со фемицид. Со тоа што над 70 пријави за закани и насилство се игнорирани, не може да зборуваме за институционален „пропуст“, туку за институционално злосторство“.
Јавно предупредуваат дека граѓаните се соочуваат со систем што ја одржува, како што велат, мизогинијата и ја нормализира културата на мразење на жените.
„За жал, ако институциите постапуваа, Росица ќе беше жива денес.
Бараме итна одговорност, односно разрешувања на сите раководни лица што затаиле во СВР Велес, кривична одговорност за секое службено лице кое свесно игнорирало пријави за закани, како и системски реформи во протоколите за заштита на жртвите на насилство.
Македонија мора да покаже дека женските животи се вредни за институциите да се разбудат и реагираат“.