Македонија
(Видео) Кузеска: Дали средбите на Мицкоски со монструмот Палевски се причина за манипулациите на ДПМНЕ

Ова можеби е една од најтешките прес-конференции бидејќи сметавме дека нема да се случи волку ниско да паднат ДПМНЕ и најгрозоморното убиство во Македонија да го користат за дневна политика. Но, колку и да е тешко мора да побараме одговорност од Мицкоски, но и одговори на неколку прашања, го почна своето излегување пред новинарите портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа изјави дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат очигледно изопачена потреба да ја политизираат и злоупотребуваат смртта на Вања, но нивните настапи, вели, сега добиваат нова опасна димензија.
„Во интервју Мицкоски, без око да му трепне, рече дека има поинакви информации за случајот, за што треба итно да биде повикан во ОЈО и да ги достави. Сакаме да потенцираме дека прикривање докази е кривично дело. Очекуваме институциите веднаш да постапат. Доколку се докаже дека Мицкоски немал докази, сметаме дека постојат елементи за одговорност за негова и тоа првично за поткопување на истрагата, но и второ ширење паника и страв меѓу населението. Злоупотребата на убиството на дете во политичка цел и етички и од секој аспект е „еднакво злосторство“ како и самото убиство“, рече Кузеска.
Понатаму таа побара од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и да одговорат дали овие манипулации кои ги прават се со цел да дефокусираат од неодговорените прашања на Мицкоски за средбите што ги имал со Палевски.
„Го прашаа некои медиуми, а еве денеска ние повторно прашуваме дали се гледале и за што разговарале и договарале Мицкоски и Палевски? Палевски беше близок соработник на режимот на ДПМНЕ, кој јавно го поддржуваше Мицкоски, но и нивниот коалициски партнер Левица. Со радикални ставови, Палевски беше алатка на ДПМНЕ во црна кампања против СДСМ но и против се што означува демократија во Македонија и за подгревање етнички тензии. Како дел од Бојкотирам заедно со ДПМНЕ и Левица беа против членството во НАТО. Неговата маргинална политичка партија со радикална и проруска ориентација е производ и алатка на политиките на преќутна агресија од страна на ДПМНЕ во изминативе две децении“, рече Кузеска.
Понатаму таа додаде надлежните органи, пред се Јавното обвинителство согласно законот имаат обврска да ги истражат односите на Палевски со сите негови соработници вклучително и Мицкоски.
Христијан Мицкоски во најмала рака, вели Кузеска, треба пред јавноста сам да одговори на сите прашања. Секој треба да одговара според закон доколку креира лаги особено за вакви сензитивни и сериозни настани како случајот со убиството на малата Вања, додаде таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со 2,5 милиони денари интервентно ќе се заштитува Македониумот, а странски експерти ќе работат на трајна заштита

Споменикот „Македониум“ над Крушево до крајот на оваа година ќе биде итно заштитен од пропаѓање, а за следната година Владата најави трајна заштита на која ќе работата странски експерти. Портпаролката на Владата, Марија Митева извести дека се преземени конкретни чекори за обнова на споменикот преку Министерство за култура и туризам во соработка со Завод и музеј Прилеп.
„За оваа година е обезбеден проект за интервентна заштита во вредност од 2,5 милиони денари, кој ќе биде реализиран до крајот на 2025 година. Паралелно на ова, националната установа Завод и музеј Прилеп работи на проект за целосна реконструкција и конзервација на целиот комплекс. Овој проект ќе биде финализиран до средината на 2026 година, по што Министерството за култура и туризам ќе ја утврди динамиката и планот за финансирање на целосната реконструкција. Би сакала да потенцирам дека ‘Македониумот’ е уникатен архитектонски и уметнички објект, создаден со бетон, витражи и специфични материјали што бараат врвна стручност. Затоа и дел од експертизата ќе ја обезбедиме од странство, за да гарантираме дека ова културно наследство ќе биде трајно заштитено“, рече портпаролката Митева.
За сегашната лоша состојба во која се наоѓа споменикот Митева нагласи дека вината е во непостапувањето изминатите години.
„Реконструкцијата на ‘Македониумот’ започна пред повеќе години и требаше да биде завршена во 2017 година. Со симнувањето на скелето од страна на претходната власт токму таа година, процесот беше насилно прекинат и оставен без потребна заштита. Од тогаш до денес, цели седум години не било преземено ништо за негово завршување и заштита. Тој застој, создаден во минатото, остави длабоки последици врз состојбата на овој значаен културен споменик. Важно е граѓаните да знаат дека денешната состојба не е резултат на негрижа од актуелната Влада, туку на долгогодишно одлагање и непостапување во изминатите години. Како и за многу други состојби коишто ги затекнавме при преземањето на власта, така и за оваа нема да бараме оправдувања, наша обврска е да го исправиме тоа“, рече Портпаролката Митева.
Споменикот е свечено откриен на 2 август 1974 година во Крушево, по повод 71 година од Илинденското востание и 30-годишнината од АСНОМ2. Изградбата траела четири години односно од 1970 година до 1974 година, а автори на монументалниот комплекс се Јордан и Искра Грабулоски. Сместен на ридот Гумење, над Крушево, на надморска височина од 1.320 метри, „Македониумот“ претставува архитектонска и симболична целина која го слави стремежот на македонскиот народ кон слобода, независност и културен идентитет. Во неговата внатрешност се наоѓа гробот на Никола Карев, а надворешноста е украсена со скулптури, витражи и амфитеатар со дела од Петар Мазев и Борко Лазески.
Македонија
Врвниот потенцијал да се стави на располагање на пациентите: Алиу потпиша меморнадум за соработка со приватните здравствени установи

Министерот за здравство Азир Алиу денес ги посети трите најголеми приватни здравствени установи во земјата – „Ремедика“, „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“ – со цел потпишување заеднички меморандум за соработка.
Со овој меморандум се воспоставува рамка за соработка помеѓу Министерството за здравство и приватните здравствени установи, со која ќе се овозможи ангажирање здравствен кадар – специјалисти од приватниот сектор во јавните здравствени установи во случаи на зголемени потреби, недостиг на кадар или други приоритетни здравствени барања, информираат од Министерството.
„Законоското функционирање на сите здравствени установи, како јавни така и приватни, е наш највисок императив. Целта е врвниот потенцијал на здравствениот систем да им се стави на располагање на пациентите преку мапирање и ставање на потребните ресурси во интерес на граѓаните“, истакна министерот Алиу.
Меморандумот предвидува Министерството тековно да ги идентификува јавните здравствени установи со потреба од дополнителен кадар, да обезбеди административна и правна поддршка, како и да ја координира соработката. Од друга страна, приватните здравствени установи се обврзуваат да обезбедат квалификуван здравствен кадар, кој ќе биде ангажиран под јасно утврдени услови и во согласност со етичките и професионалните стандарди.
Со овој чекор Министерството за здравство го унапредува партнерството со сите здравствени капацитети во државата, со крајна цел – подобрување на квалитетот и на достапноста на здравствените услуги за пациентите, велат од таму.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДС преку АНБ и АР ја следел ВМРО-ДПМНЕ за да го забрани постоењето на партијата, целта била да останат на власт

СДС преку АНБ и АР го следеле ВМРО-ДПМНЕ, за да го забрани постоењето на партијата, целта била да останат на власт. СДС целосно ги ставиле службите во нивната партиска агенда, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Службите, додава тој, го следеле претседателот Мицкоски, со цел негова политичка елиминација и елиминација на ВМРО-ДПМНЕ, а со цел што подолго да остане СДС на власт, за да ги распродава националните интереси и да прави криминал.
„Планот на СДС е осуетен од ВМРО-ДПМНЕ и искрената борба за подобра и посилна Македонија, и покрај сите следења и прислушувања, СДС не успеа во својот план за политичка елиминација на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски.
ЈО треба да се одважи и конечно да тргне одлучно во решавање на прислушкувањето. Злоупотребата не смее и нема да остане неказнета. Сите инволвирани ќе одговараат“.