Македонија
Маричиќ: Сега е вистинско време за евроинтергација, одложувањето на процесите е губење скапоцено време
Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, го затвори синоќешниот последен Билатерален состанок од Поглавјето 31 за Кластерот 6, во Европската Комисија, Брисел, Белгија.
Скрининг процесот кој траеше 15 месеци, приближно 100 дена, со ангажирање на 1000 учесници и подготовка на 850 динамични презентации низ 206 различни институции претставува доказ за колективната посветеност на администрацијата и граѓаните за членство во ЕУ.
Длабинскиот процес ја нагласува посветеноста за темелно внатрешно подобрување и сеопфатно усогласување со европските стандарди, покажувајќи ја нашата решителност и сериозност.
Следната фаза до крајот на годината е доставувањето на клучните документи кои се обврска која произлегува од Преговарачката рамка за пристапување на Република Северна Македонија во членство во Европската Унија усвоена на 19 јули 2022 година, имено, Патоказот за владеење на правото, Патоказот за реформа на јавната администрација, како и Акцискиот план за заштита и унапредување на правата на припадниците на малцинствата и заедниците.
-Сведоци сме на историски момент за Северна Македонија, Од отворањето на преговорите детално работевме на процесот на Скрининг – рече Маричиќ
„Скрининг процесот беше макотрпен, детален и долготраен процес но истовремено многу важен за да се постави здрава основа врз која ќе се постават цврсти столбови за градење сигурна иднина на македонското општество со европска перспектива.“
Благодарен сум на посветената работа на сите вклучени институции, државната секретарка на СЕП Дрита Абдиу Халили, вработените во Секретаријатот за европски прашања, релевантните министерства кои вредно работеа на скринингот и беа од најголем придонес за успешниот исход.
Нашите најважни партнери се преставниците на Европската Комисија кои истовремено ги ислушаа сите скрининзи, бараа решенија за сите предизвици, детално ги слушаа нашите прашања и ни помогнаа да ја поставиме солидната основа врз која ќе ги градиме нашите реформи со кои ќе ја донесеме Северна Македонија што поскоро до полноправно членство на ЕУ.
Најдобрите пријатели, во случајов Европската Комисија, се оние кои ве слушаат, помагаат и охрабруваат во најтешките моменти, чијшто резултат е успешното завршување на Скрининг процесот. Благодарност до Марк Јорна, Герт Јан Копман, Марко Маковец, Михаела Матуела и сите други кои беа дел од овој процес.
– Сега е потребно да го задржиме темпото и да се соочиме со предизвиците што следат, затоа е многу важно да имаме план за реализација, за што сум благодарен на Генералниот директор на директоратот за проширување Герт Јан Копман, кој го презентираше Планот за Раст.
Маричиќ ја истакна важноста на Планот за раст кој претставува револуционерен план кој претставува премостлив период помеѓу затворањето на скрининг процесот и отворањето на Кластерот 1. Уверувајќи дека со овој инструмент граѓаните ќе ги почуствуваат придобивките од инвестициите планирани со Планот за раст.
-Ве уверувам дека во следниот период, со посветена и упорна работа продолжуваме по патот којшто сме го зацртале и ќе успееме да ги убедиме и оние кои не веруваат дека сега е време за евроинтеграција. Сега е вистинско време за евроинтергација и секој ден на одложување, е ден помалку во Европската Унија за Северна Македонија.
Маричиќ се заблагодари на Марк Јорна и сите претставници на Европската Комисија кои посветено работеа со многу ентузијазам и голема поддршка од почетокот на Скрининг процесот до сега.
Честитки до сите со желба, во блиска иднина да си честитаме и полноправно членство во ЕУ за Северна Македонија.
На затворањето на последниот Билатерален состанок и крајот на Скрининг процесот учествуваше и Државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу Халили, како и делегацијата претставници на институциите од Северна Македонија, Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и претставници од Европската Комисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

