Македонија
Полицијата го најде 20 годишникот кој канеше на кафе ученичка во Карбинци, не утврдила елементи на кривично дело
Случајот со наводното киднапирање во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Општина Карбинци е целосно расчистен, велат од МВР.
Надлежните не утврдиле елементи на кривично дело.
„Веднаш по добивањето на пријавата полициски службеници излегоа на терен, преземени се низа оперативно-тактички мерки и дејствија во координација со Јавен обвинител од штипското обвинителство, извршени се разговори со лица кои биле сведоци на случајот во присуство на родители, но и со претставници на училиштето, а по преземени активности беше пронајден и 20-годишникот со кој беше извршен службен разговор во врска со случајот. Притоа, од сите реализирани дејствија и прибавени докази не се утврдени основи за постоење на кривично правен настан“, соопштија од министерството за внатрешни работи.
Оттаму информираат дека целокупниот доказен материјал од преземените мерки и активности со соодветно известување ќе биде доставен до надлежното Основно јавно обвинителство и Центарот за социјална работа Штип за нивно понатамошно постапување.
Случајот беше пријавен на 5 декември од страна на директорката на училиштето Наталија Костова, а потоа и потврден од градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов. Тој во изјава за медиумите рече дека „во близина на училиштето застанал темносин голф со затемнети стакла и скопска регистрација. Безбедносните камери го имаат фатено возилото. Од него излегол непознат маж и на случаен ученик му покажал фотографија од ученичка во деветто одделение од неговиот телефон. Му рекол да ја повика. Кога девојчето се доближило, лицето од автомобилот ја поканило да одат на кафе, а и понудил и пари. 13 годишното девојче исплашено истрчало кај директорката бидејќи не го познавала. Во меѓувреме, истиот човек му пришол на ученик од шесто одделение и давајќи му 200 денари се обидел да го намами да влезе во возилото. Го повлекол за јакната, но детето избегало. Директорката повикала полиција, а ученикот парите ги предало на инспекторите“.
Од МВР демантираа уште тогаш, но Паунов реагираше дека демантот бил испратен додека полициските инспектори се уште сослушувале сведоци.
Во основното „Страшо Пинџур“ во Карбинци учат околу 300 деца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Војната во Украина не е украински, туку европски и светски проблем, порача Силјановска-Давкова
Претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, пред почетокот на денешната пленарна сесија на Самитот за мир во Украина, што се одржува во Бургеншток на езерото Луцерн во Швајцарија, на која треба да има свое обраќање, изјавила дека една од најважните пораки е дека кон војната во Украина треба да се однесуваме не како кон украински проблем, туку како европски и светски проблем.
„Неподелени беа мислењата дека дијалогот е здрава работа, дека мировната конференција навистина и покрај многуте учесници дојде до единствени сознанија. Најчесто се повикувавме сите на Повелбата на Обединетите нации, најчесто се повикувавме сите на мировните решенија, изјавила претседателката Силјановска-Давкова“, соопштија од нејзиниот Кабинет.
Таа додала дека денеска учествувала и на панелот за безбедноста, односно опасноста по безбедноста за храната, од што и ние сме засегнати.
„Уште еден доказ дека она што се случува, односно војната, нè засега сите и дека сите треба да помогнеме за да се најде соломонско решение, тоа значи, праведно решение за Украина, решение што ќе гарантира постојан мир, јас велам Кантов вечен мир. Еднаш мислам дека е крајно време, наместо да велиме никогаш повеќе и повторно да се соочуваме со војна, да се потсетиме на ноторниот факт дека Европската заедница настана како мировен проект и дека Европската Унија, но и сите држави во светот, имаат обврска да го чуваат мирот“, нагласила Силјановска-Давкова.
Заблагодарувајќи се на Швајцарската Конфедерација за организирањето на Самитот, таа информирала дека остварила куси средби со претседателката на Швајцарската Конфедерација, Виола Амхерд, потпретседателката на Соединетите Американски Држави, Камала Харис, со германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
На маргините на конференцијата, претседателката Силјановска-Давкова остварила средби со повеќе други светски лидери.
Македонија
Македонски концепт од Украина: Куќата на Крсте Петков-Мисирков ќе добие нова меморијална плоча на македонски јазик со македонско знаме
Делегација на политичката партија Македонски концепт, предводена од претседателот на партијата Петар Богојески и потпретседателот Самуел Наумовски-Викиус, остварија средба со градоначалникот на Одеса, г-дин Генадиј Труханов и директорот на Одделот за култура, меѓународни односи и европска интеграција, г-дин Иван Липтуга, на македонска иницијатива, со цел да се дискутира за македонското културно-историско наследство во Украина и Одеса. Во фокус на разговорот беше спомен куќата во која живеел и творел македонскиот апостол и борец за македонската кауза, Крсте Петков Мисирков.
„Дискутиравме за достојно одбележување на неговото име и дело со поставување на нова меморијална плоча на куќата каде што Мисирков живеел во периодот од 1909 до 1913 година, на улица Канатна, број 28. Македонски концепт побара таа да биде задолжително и на македонски јазик и на истата да биде изгравирано македонското знаме. Од страна на општината Одеса беше поддржана таа идеја и дадено ветување дека постапката ќе започне за кратко време. Дополнително, побаравме отварање на Легат (спомен соба) на К.П. Мисирков, со помош на македонската Влада и документација која може да се најде во украинските архиви. Исто така, ја разгледавме можноста за отворање на македонски конзулат на ова свето место за нас Македонците и македонската кауза. Украинската страна предложи и можност за промена на името на некоја од улиците во Одеса со несакано руско име, во иднина да го носи името Крсте Петков Мисирков или име Македонија“, соопшти партијата Македонски концепт.
Партијата добила ветување од Општина Одеса дека ќе почнат истражување во нивните архиви со цел да најдат што е можно повеќе информации за делото и трагата на Крсте Петков Мисирков, а ќе го истражат и моменталниот сопственички статус на куќата која сега е музеј на архитектурата и историјата.
ПР текст
Македонија
Тешки бетонски блокови пред паѓање висат од тераса спроти Владата, предупредува ЦУК
Тешки бетонски блокови пред паѓање висат од тераса и се опасност за минувачите по тротоарот на булеварот Илинден во ценатор на Скопје, спроти Владата. За ова било алармирано со телефонски повик на единствениот број 112 до Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од ЦУК велат дека веднаш ја контактирале Општина Центар.
„Од Општина Центар по нашето јавување веднаш е излезено на терен, по што повратно сме известени дека опасното место е обезбедено, заградено и е видно обележано, за што испратија и фотографија од местото“, информираат од ЦУК.
Проблемот со отстранување на опасните блокови од терасата што можат да паднат во секој момент, ќе се решава во наредните денови, велат од ЦУК.