Македонија
Вработените во Филип Морис ТКП се вклучија во акцијата за чистење отпад во паркот Гази Баба

Вработените во компанијата „Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп“ (ФМТКП) учествуваа во волонтерската еко-акција за чистење на отпад во Парк-шумата Гази Баба, која се спроведе во организација на невладината „За почиста Македонија“. Пластични шишиња, лименки, отпушоци од цигари, амбалажи од храна, хартии и ќесиња се само дел од отпадот што беше собран во саботното чистење, преку кое беше испратена порака граѓаните да не фрлаат отпад и во масовен број да се вклучат во идните еколошки акции за зачувување на животната средина.
„Во духот на грижата за животната средина, активностите за одржливост и општествената одговорност на компанијата, вработените во Филип Морис ТКП се вклучија во акцијата за чистење на паркот Гази Баба. Се работи за иницијатива за зголемување на јавната свест за чиста околина и поттикнување на позитивни практики кај населението. Филип Морис постави нови стандарди во земјата, а своите иновативни идеи компанијата ги имплементира во сите области од општественото живеење“, истакна Иван Костиќ, генерален директор на „Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп“.
Стратегии за одржливост на Филип Морис Интернешнал (ФМИ) се однесуваат на влијанијата на околината што ги имаат процесот на производство и готовите производи на компанијата. Имајќи предвид дека е важно да се намали отпадот што се создава од страна на потрошувачите, ФМИ во својот „Интегриран Извештај“ за 2022-ра објави дека постигнат е значителен напредок во спроведувањето програми за враќање на уреди за загревање, за рециклирање и потрошниот материјал по употреба на производите. Од еколошката страна, непрофитната добротворна организација CDP, која го води глобалниот систем за обелоденување за инвеститори, компании, градови, држави и региони за да управуваат со нивните влијанија врз животната средина, ја препозна ФМИ како лидер во одржливоста, со троен А резултат за безбедноста кон климата, шумите и водите трета година по ред. ФМИ продолжува и со декарбонизација на директните операции, со 13 фабрики кои се веќе сертифицирани како јаглеродно неутрални.
(ПР објава)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.