Свет
Воспитувачи, тренери, функционери: уапсени 80 лица за злоставување на деца во Франција
Во Франција оваа недела беа уапсени 80 мажи осомничени за злоупотреба на деца, во голема акција при која беше откриено дека ова зло ги погодува сите општествени категории.
Неименуван висок полициски функционер за агенцијата Франс прес изјави дека тоа е најголемата операција спроведена во Франција и дека меѓу уапсените има двајца воспитувачи, спортски тренер и надзорник во домот за деца со пречки во развојот, пренесува Бета.
Еден од наставниците украл фотографии и видео снимки од неговите ученици, а обвинет е и за сексуално злоставување ученик, соопшти полицијата.
Меѓу уапсените има десет мажи осомничени за силување на малолетници или сексуален напад.
Уапсените се на возраст од 30 до повеќе од 60 години, а меѓу нив има и локален функционер, инженер и невработен маж.
„Нема типичен профил меѓу овие криминалци, наидуваме на сите општествено-професионални категории“, изјави претставник на полицијата, додавајќи дека при претресот биле пронајдени повеќе од 100.000 видеа и фотографии од злоставување на деца.
Сликите биле чувани на компјутери, хард дискови или во други дигитални форми. „Некои од содржините беа крајно насилни“, изјави полициски службеник.
Министерот за внатрешни работи Џералд Дарманен ја поздрави работата на полицијата и „големата акција против овој вид криминал“. Тој додаде дека истрагата се уште е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

