Македонија
Возилото на убиениот Панче било 3 дена возено во Скопје без да биде сопрено, вели ВМРО-ДПМНЕ
Секој ден излегуваат се повеќе информации дека поради пропусти на МВР на Спасовски не бил спречен трагичниот настан со грабнувањето и двојното убиство за кое се осомничени Палевски и неговата група, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Последните информации, кои надлежните институции не ги демантираат, говорат дека возилото на Панче Жежовски кое било уредно пријавено после неговото исчезнување 5 дена пред убиството на малата Вања, се движело без проблем во Скопје.
Доколку МВР распишало централна објава по возилото, тоа ќе било најдено веднаш штом ќе се регистрира од страна на системот Сејф Сити, а убијците на Панче ќе биле фатени, односно убиството на Вања можеби и немало да се случи. Возилото со кое е киднапирана Вања и со кое е пренесена до местото на ликвидација, од Велес во Скопје влегува на 24 ноември, што значи дека во тие три дена морало да биде откриено, сопрено и легитимирано од страна на полицијата. Единствена шанса ова возило да не биде забележано во најголемиот безбедносен степен кој владееше во Скопје, е доколку истото не било внесено во системот за централна објава.
Индициите говорат дека постоеле низа на пропусти во истрагата пред и после настаните. Фактите говорат дека Палевски и неговата група пред 7 месеци биле откриени како диво копаат артефакти и поседувале нелегано оружје и за истото не биле санкционирани. Доколку власта и Спасовски не замижуваа пред поведението на Палевски и ако ја работеа работата до оваа трагедија немаше да дојде.
Спасовски нека не се крие, нека излезе и нека ги даде одговорите за вистинските прашања. Тоа им го должи и на жртвите и на македонската јавност“, пишуваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновска: Ако СДС продолжи да ги штити истите луѓе кои ја урнаа партијата, ќе исчезне од политичката сцена
Ако СДС продолжи да ги штити истите луѓе кои ја урнаа партијата, ќе исчезне од политичката сцена побрзо одошто некој таму сака да признае, изјави Викторија Андоновска од ВМО-ДПМНЕ.
„СДС и натаму по изборниот пораз без решение, без ниту една промена во раководството. Партијата тоне, а Венко Филипче се држи за функцијата како да е приватна сопственост. Во СДС веќе отворено врие. Членови, активисти и поранешни функционери јавно бараат реформи и јасно укажуваат дека Филипче го губи секој легитимитет. Наместо да ја прифати одговорноста за најлошиот резултат во историјата на партијата, тој повторно бега од реалноста и вината ја гледа на друго место. Филипче нема намера да поднесе оставка, а камоли да покаже доблест. Наместо тоа, продолжува со истите партиски комбинации, истите луѓе, истите матрици. Поставувањето на Трајановски е уште еден обид да се зачува влијанието на Заев, односно она влијание кое ја доведе СДС до колапс. Граѓаните гледаат дека вакво раководство нема визија, нема сила и нема доблест за промени. СДС со ваков врв оди во уште поголема пропаст. Ако СДС продолжи да ги штити истите луѓе кои ја урнаа партијата, ќе исчезне од политичката сцена побрзо одошто некој таму сака да признае“, рече таа.
Македонија
Зајкова се обрати на есенската сесија на ПС на ОБСЕ: Во време на зголемени конфликти, дезинформации и нарушена доверба во институциите, нашата најсилна алатка останува дијалогот
Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) во состав: Моника Зајкова, шефица на Делегацијата; Мимоза Муса, членка и Ели Панова, заменик-членка на Делегацијата, учествува на 23. Есенски состанок на ПС на ОБСЕ, што се одржа од 16 до 19 ноември 2025 година во Истанбул, Турција.
Во време кога се одбележуваат 50 години од формирањето на ОБСЕ, оваа парламентарна конференција беше отворена со засилени апели за ревитализирање на мултилатерализмот преку дијалог и соработка.
Првата сесија на оваа парламентарна конференција се фокусираше кон премостување на перспективите и зајакнување на дијалогот, медијацијата и довербата во ерата на неизвесност. На оваа сесија свое обраќање имаше пратеничката Моника Зајкова, која истакна дека меѓународниот пејзаж е обележан со длабока сложеност затоа што конфликтите продолжуваат, а геополитичките тензии се заоструваат.
Во време кога дезинформациите се шират и довербата на граѓаните во институциите се намалува потребна е поголема посветеност кон дијалогот, соработката и споделената одговорност. Затоа е потребно да се имаат предвид основачките принципи на ОБСЕ дека безбедноста е неделива, односно дека сите зависиме едни од други. Таа посочи дека дијалогот е најважната алатка за зачувување на мирот и дека преку отворени канали на комуникација може да се отфрли стравот, да се исправат дезинформациите.

Пратеничката Зајкова заклучи дека без разлика дали неизвесностите доаѓаат од геополитички, економски, технолошки или еколошки предизвици, секогаш бараат обновен дух на солидарност и одговорност. Премостувањето на перспективите не значи елиминирање на разликите, туку создавање простор за нивно разбирање, за нивно управување со можност за трансформирање во мир.
На оваа есенска конференција учествуваат околу 200 пратеници, претставувајќи 53 земји учеснички на ОБСЕ, како и неколку парламентарци од медитеранските партнери за соработка.
Говорниците повикаа на праведен мир во Украина, нагласувајќи дека сите преговори мора да го вклучат Киев на масата, како и пат кон долгорочен мир на Блискиот Исток врз основа на признавање на две држави.
Во своето обраќање, претседателот на ПС на ОБСЕ, Пере Жоан Понс (Шпанија), зборуваше за ерозијата на некогаш преовладувачкиот оптимизам низ Регионот на ОБСЕ, но сепак изрази надеж за иднината. Тој истакна дека Европа повторно гледа во бездната на војната, што се гледа преку Украина, а трагично, недалеку оттука, во Газа.

Во овој поглед, тој истакна дека Собранието ќе продолжи со ангажманот во Јужен Кавказ, работејќи со сите политички сили за да помогне во зајакнувањето на демократијата и дијалогот и повика на продлабочување на парламентарната соработка со сите земји од Централна Азија. Тој, исто така, ја нагласи важноста на економската и еколошката димензија на безбедноста, истакнувајќи ја особено работата на ПС по прашањето на климатските промени.
Генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Х. Синирлиоглу, истакна дека ОБСЕ има инклузивност, легитимитет, искуство и историска меморија да покаже дека дијалогот и соработката се сè уште можни и секако потребни, особено во најтемните времиња.
Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.
Македонија
Младите во Општина Аеродром целосно ослободени од комуналии за градење на прв дом
Општина Аеродром ја воведува мерката за целосно ослободување од комуналии за сите млади до 35 години што го градат, го доградуваат или го надградуваат својот прв дом.
„Мерката беше донесена на првата седница на Советот на Општина Аеродром, со што јасно се потврдува определбата дека токму младите се основата на развојот на заедницата“, велат од Општината.
Ова право можат да го остварат лицата што исполнуваат следниве услови: лица кои имаат најмногу 35 години на денот на поднесување на барањето; да се жители на Општина Аеродром најмалку (2) години; градат, доградуваат или надградуваат прв дом во нивна сопственост; објектот се гради исклучиво за лични станбени потреби.
Заинтересираните треба да поднесат комплетна техничка документација согласно со Законот за градење, како и изјава дека објектот ќе го користат за сопствено домување најмалку десет (10) години.
Ослободувањето од комуналии се однесува на: изградба на нова индивидуална куќа; доградба на постоен станбен објект за индивидуално домување и надградба на постоен станбен објект за индивидуално домување со која се создава прв дом.

