Економија
Вучиќ најави изградба на гасна интерконекција кон Македонија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, заедно со колегите од Софија и Баку денеска во Ниш ја пуштија во употреба гасната интерконекција Србија-Бугарија. Вучиќ најави изградба на гасна интерконекција и кон Македонија.
„Гасна и воопшто енергетски инфраструктури ние и во иднина ќе градиме, што е влезено и во планот на (еврокомесарот Оливер) Вархеи, ќе градиме гасна интерконекција и кон Северна Македонија. Се надевам дека и во Босна и Херцеговина ќе се договорат, да можеме кон Република Српска и воопшто кон БиХ да градиме гасни интерконектори“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека следната година ќе почнат работите за изградба на нафтовод меѓу Србија и Унгарија.
„Треба да изградиме нафтовод меѓу Србија и Унгарија за да можеме да имаме подобар пристап до поевтина нафта“, кажа Вучиќ.
Бугарскиот претседател, Румен Радев, пак, рече дека и тие од своја страна работат на подобрување на односите со Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Перински: Сирера системот е основа за ефикасност во спроведувањето на политиката за рамномерен развој

Претставници на министерства, агенции и други институции учествуваат на дводневна работилница наменета за целта, функциите и улогата на СиРеРа електронскиот систем за координација на политиката за рамномерен регионален развој, во кој се внесуваат податоци од институции вклучени во нејзиното спроведување.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска на отворањето на дводневната работилница, информираше дека Министерството за локална самоуправа посветено работи на обезбедување навремено и системско пополнување на системот и веќе 20 државни институции внесуваат податоци во него, зголемувајќи ја транспарентноста и подобрувајќи ја координацијата на политиката за регионален развој.
„Нашата цел е да изградиме функционална база на податоци, која ќе овозможи подобра анализа и носење на информирани одлуки. Крајната цел на сите нас е еднаков развој на сите региони во државата, а тоа секако се постигнува со креирање на политики на база на сигурни податоци, што ни ги овозможува овој систем“, порача министерот Перински. Тој посочи дека планирано е во 2026 година, СиРеРа системот да се поврзе со ИФМИС системот, што ќе овозможи автоматско повлекување на податоци.
Овој систем, поддржан од Владата на Швајцарија, веќе е вклучен во скрининг процесот на Европската унија за напредокот на нашата држава во Поглавје 22. Со тоа, обврската за редовно пополнување на базата дополнително се зацврстува и станува важен сегмент во процесот на европската интеграција на нашата земја.
Економија
Самир Мане – првиот милијардер од Западен Балкан на листата на „Форбс“: престижниот магазин ја проценува неговата имотна состојба на 1,4 милијарда долари

Првпат еден претприемач од Западен Балкан се најде на реномираната листа на најбогати луѓе во светот што ја објавува магазинот „Форбс“.
Самир Мане, основач и претседател на BALFIN Group, се рангира на 2.356-тото место во светот, со проценета нето-вредност од 1,4 милијарда американски долари. Ова претставува највисока проценка на имотна состојба досега доделена на еден претприемач од регионот од страна на престижната економска публикација, која ја објавува листата од 1987 година.
„Во друг дел од Европа, Албанија оваа година го добива својот прв милијардер – Самир Мане, кој изгради богатство од 1,4 милијарди долари преку инвестиции во трговски центри, продавници за електроника и луксузни недвижности низ Балканот,“ наведува „Форбс“.
Мане го почнал својот претприемачки пат во 1993 година основајќи ја BALFIN Group, која подоцна ќе прерасне во една од најголемите и најдинамични инвестициски групации во регионот. Денес, групацијата има активности не само на Балканот туку и на меѓународно ниво, со значајни инвестиции во Австрија, САД и Канада.
Компаниите на BALFIN Group во Македонија
Во Македонија BALFIN Group има силно и диверзифицирано присуство преку неколку значајни компании и инвестиции:
· Нептун – водечки синџир за продажба на електроника и бела техника. · East Gate Mall – најмодерен трговски и lifestyle центар во Скопје, симбол на урбана трансформација.
· Skopje East Gate (SEG) – голем проект со мешана намена кој вклучува станбени, деловни и трговски содржини.
Овие инвестиции не само што создаваат работни места и ги внесуваат глобалните стандарди, туку и значително придонесуваат кон модернизацијата и развојот на македонскиот пазар.
Според „Форбс“, денес постојат над 3.000 милијардери во светот со заедничко богатство од 16.1 трилиони долари – највисока вкупна вредност досега. Само три земји сочинуваат повеќе од половина од вкупниот број: САД (813), Кина (450) и Индија (205). Во Европа, Германија е на врвот со 171 милијардер.
Вклучувањето на Самир Мане на листата на „Форбс“ не претставува само личен успех туку и симбол на растечката економска сила и потенцијал на регионот. Неговата приказна е доказ дека со визија, посветеност и доверба во Балканот може да се создаде глобален успех.
ПР
Економија
Мицкоски: Владата почнува постапка за набавка на 120 еколошки автобуси

Владата почнува постапка за набавка на 120 еколошки автобуси за јавен превоз за Скопје и општините, изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање за усвоената информација на вчерашната седница на Владата, која се однесува на потребата од набавка на еколошки автобуси.
„Владата на вчерашната седница донесе одлука за почнување постапка за набавка на 120 автобуси. Од тие, 80 ќе бидат наменети за Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје, а 40 во оваа првична фаза ќе бидат распределени на другите сообраќајни претпријатија во општините во кои имаме организиран јавен градски превоз. Врз основа на потребите и процените, електрични, еколошки автобуси“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата прави чекор напред во обезбедувањето чист воздух и пристојна животна средина за граѓаните.
„Она што е важно е што нема да има загадување, нешто што им е очајно потребно на граѓаните, особено за време на грејната сезона. Ние цениме како Влада, правиме чекор напред во таа насока. Рековме дека обезбедувањето пристојна средина за живеење на нашите сограѓани, во која составен дел е и чистиот воздух, за нас претставува императив. Но, тоа е процес што побарува многу време. Но, доколку седиме и гледаме дека времето си минува, ние ништо не правиме, не сме активни, туку сме реактивни, тогаш нема да дојдеме до решение. Затоа, ние сакаме да бидеме поактивни, да нудиме политики, да креираме политики и да дојдеме до нашата цел, а тоа е пристојна, убава животна средина за нашите сограѓани“, нагласи Мицкоски.