Македонија
Законот за канцеларија за поврат на имот влегува во собраниска процедура

Во собраниска процедура влегува законот за канцеларија за поврат на имот, информираат од Министерството за правда.
-Со новиот закон, чиј предлагач е Министерството за правда, АРО канцеларијата ќе има надлежност да презема активности за добивање информации и податоци за пронаоѓање и идентификување приноси и друг имот или имотна корист во земјата или странство во врска со домашен државјанин или резидент во Република Северна Македонија, лице без државјанство или странец, како и за потребите на постапката за конфискација без утврдување на кривична одговорност регулирана согласно закон, што произлегле или се во врска со кривичните дела опфатени со член 6 од овој закон, велат од Министерството за правда.
Со неговото донесување и функционирањето на Канцеларијата за поврат на имот согласно меѓународните стандарди, нагласуваат, ќе се преземат значајни активности за добивање информации и податоци за пронаоѓање и идентификување приноси и друг имот или имотна корист во земјата или странство.
-Со законот се уредува основањето, надлежностите, организациската структура и финансирањето на Канцеларијата за поврат на имот, соработката со домашни органи и институции, соработката со странски држави и електронската интегрирана база на податоци, прецизираат од Министерството за правда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Завршен првиот дел од санацијата на хидросистемот Ѓавато, кој повеќе од 4 години беше со пробиени цевки

Заврши првата фаза на санирање на хидросистемот Ѓавато. Бунарскиот дел е комплетно завршен, пуштена е водата и нема никаде протекување, објави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека останува уште една интервенција на цевката за испуст и со тоа ќе бидат дуплирани количините вода кои ќе се влеваат во Дојранското езеро.
„Каква беше состојбата пред интервенцијата? Повеќе од четири години пробиени цевки на двата функционални бунари. Потрошени повеќе од половина милион евра за електрична енерија, а ефектот минимален или никаков. Два функционални од десет направени бунари. Негрижа и срам. Во втората фаза ќе обезбедиме најмалку уште две бунарски пумпи за зголемен капацитет и побрзо полнење на Дојранското езеро. Владата во втората фаза ќе го задолжи ФОД при ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) да ги репарира постојните потисни пумпи. Конечно во последната трета фаза ќе инсталираме сончеви панели со батерии за акумулирање на електричната енергија и сопствено производство на електрична енергија. Нема трошење милиони евра од буџетот за електрична енергија“, напиша Мицкоски.
Македонија
СДСМ ги објави имињата на уште 11 кандидати за градоначалници

Попладнево се одржа седница на Извршниот одбор на СДСМ. Членовите донесоа одлука со која е дадена согласност за кандидатури за градоначалници во уште 11 општини низ државата:
1. Бутел – Оливера Ливриниќ
2. Велес – Маја Хеско
3. Гевгелија – Миле Атанасов
4. Делчево – Дејан Глинџарски
5. Демир Капија – Лазар Петров
6. Конче – Благој Илиев
7. Кратово – Влатко Спировски
8. Кривогаштани – Игор Каравиловски
9. Македонски брод – Ивица Стојковски
10. Ранковце – Даниел Крстевски
11. Старо Нагоричане – Далибор Трајковски
„СДСМ јасно ја потврдува својата подготвеност да понуди силни, чесни, квалитетни и докажани кандидати за претстојните локални избори кои ќе работат во интерес на граѓаните и напредок на општините’“, соопштија од партијата.
Македонија
Гужва на границите: на Богородица и Табановце се чека по 40 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, информира АМСМ.
На ГП Богородица времето на чекање за влез е околу 40 минути, на ГП Дојран времето на чекање за влез е околу 20 минути, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека пак на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од денеска од 05:00 часот регионалниот пат Р-1106 Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен ќе биде пуштен за сообраќај во термините од министерство за внатрешни работи. Се препорачува внимателно возење, почитување на сигнализацијата и прилагодување на брзината поради можни одрони на патот.