Македонија
Спасовски: Вие студентите сте силата која ќе ја влече државата кон подобра иднина во Европската Унија
Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во рамките на проектот „Отворен кабинет“ како дел од концептот „МВР за ГРАЃАНИТЕ“, беше домаќин на студентите од Институтот за безбедност, одбрана и мир од Филозофскиот факултет при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје.
Студентите имаа можност да за запознаат со дел од функционирањето на Министерството за внатрешни работи, при што ја посетија новоотворената зграда на Одделот за форензички испитувања, најголемиот Форензички центар во регионот, каде се запознаа со процесите и начините на прибирање и анализа на доказен материјал од криминалистички истражувања.
За време на посетата, студентите беа примени и во салата за состаноци која се наоѓа во зградата каде што е сместен Кабинетот на министерот за внатрешни работи. Таму студентите беа пречекани од министерот Спасовски, кој изрази огромна благодарност за нивната посета, појаснувајќи дека во салата заедно со раководството на МВР и БЈБ се одржуваат состаноци, но и средби со министри од други ресори, амбасадори, странски делегации итн.
„Колку сме пообјективни, колку сме потранспарентни кон јавноста, толку е тоа подобро за сите нас. Демократските системи и општества носат транспарентност. Безбедноста најдобро функционира кога имате систем на хиерархија. Ако има ред и дисциплина, ако се знае кој што прави ќе имате и успех“, им посочи министерот Спасовски на студентите, поканувајќи ги во неговиот кабинет, да ја почувствуваат работната атмосфера на министерот за внатрешни работи, каде упати отворена покана за сите кои сакаат да волонтираат за време на студирањето во МВР, а по завршувањето на нивните студии очекува министерството да биде збогатено со стручни и професионални кадри како нив.
„Вие студентите сте силата која ќе ја влече државата кон подобра иднина во Европската Унија. Според мене, најважната работа е да се има добар тим. Ако имате добар тим, луѓе кои што се професионалци во својата област, работите ќе одат малку полесно. Во Република Северна Македонија нема нарушување на безбедноста од било кој аспект и нема индиции за нејзино нарушување“, истакна министерот Спасовски упатувајќи охрабрувачки пораки да продолжат да бидат добри студенти, а МВР чека на нив како професионалци.
Професорката Марина Митревска, изразувајќи благодарност до министерот за тоа што дозволи и го отвори практично својот кабинет за нејзините студенти, рече дека ова е исклучителна можност да се почувствуваат секојдневните работни обврски на министерот и на неговиот тим.
„Овие студенти се иднината на безбедносните институции. Ќе продолжиме сигурно и посветено да се грижиме за нивното високо образование, за тие да прераснат во вистински професионалци во својата област“, додаде професорката Митревска.
Министерот за внатрешни работи Спасовски на студентите пред нивното заминување од неговиот кабинет им додели и пригодни подароци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

