Македонија
(Видео) Ковачки: МВР и Спасовски знаеле дека возилото на Панче е исчезнато и четири дена не презеле ништо

Доколку МВР водено од Оливер Спасовски ги преземеше сите мерки за пронаѓање на сега убиениот Панче и неговото возило, убиството на Вања можело да се спречи. Наместо инаетење, Спасовски и власта треба да преземат одговорност, порача пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Со денови прашуваме, а Спасовски бега и манипулира, вели Ковачки.
„На 4 декември, кога Спасовски држи заедничка прес конференција со Гаврил Бубевски, за возилото на Панче рече: ‘Тоа возило не се движи до 27 ноември и немавме информација дека е одземено. А е регистрирано од камери, како и возило рено. Извршен е и претрес во политичката партија Трета, на која ѝ припаѓале и најдени се извесни информации’. Спасовски овде го излажа народот“, вели Ковачки.
Ковачки тврди дека МВР знаело на 24 ноември, дека возилото на сега убиениот а тогаш исчезнат Панче, е исчезнато уште од 22 ноември односно 5 дена пред убиството на Вања.
„Ова е телеграма од СВР Велес до сите СВР на територија на Македонија, а во која се нотира дека лицето Панче Жежовски заедно со својот автомобил, а тоа е автомобилот со кој била киднапирана Вања, е пријавен за исчезнат од страна на член на неговото семејство на 24 ноември. Оваа телеграма е доказ дека МВР на Спасовски знаела дека возилото на Панче е исчезнато уште од 22 ноември, но за жал не преземаат ништо. Напротив, полицијата по однос на овој случај презема акција 4 дена откако е пријавено исчезнувањето, т.е. на 28 ноември, што е датум кога е испратена оваа телеграма. По оваа прес конференција очекуваме врвот на МВР да преземе одговорност, затоа што доколку навреме реагирале уште на 24 ноември и објавиле централна објава по возилото, убијците на Панче ќе биле пронајдени, а Вања можеби ќе беше спасена“, рече Ковачки.
Ги повика Спасовски и МВР да преземат одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Работен состанок за решавање на предизвиците од областа на судските и дисциплинските постапки

Министерството за внатрешни работи се одржа работен состанок помеѓу претставници на МВР, Државниот правобранител на РСМ, Основниот граѓански суд-Скопје, Апелациониот суд-Скопје и Државната комисија за одлучување во управна постапка.
Целта на средбата беше дискусија за отворените прашања во врска со роковите за носење на решенијата во дисциплински постапки и други прашања од областа на судските и дисциплинските постапки.
Претставниците на институциите се договорија овие работни средби да продолжат и во иднина со цел меѓуинституционално решавање на сите предизвици со крајна цел заштита на правата на работниците и избегнување на финансиски импликации на штета на буџетот.
Македонија
Се асфалтира нова улица во населба Драчево

Се врши целосно асфалтирање на нова улица во населбата Драчево, која за првпат овозможува директно поврзување меѓу две значајни сообраќајни артерии – улиците „Румена Хаџипанзова“ и „Киро Фетак“.
Се работи за делница во должина од околу 900 метри, која претставува важно логистичко и сообраќајно олеснување за жителите на Драчево, но и за сите кои секојдневно се движат низ овој дел на општината.
Со ова поврзување се овозможува побрз и побезбеден проток на сообраќајот, подобра комуникација помеѓу урбаните целини, но и значително намалување на сообраќајниот метеж во овој дел на Кисела Вода.
– Со ова ново поврзување меѓу улиците “Румена Хаџипанзова” и “Киро Фетак”, правиме сериозен чекор напред во унапредувањето на сообраќајот во Драчево. Овој зафат е само уште еден доказ за решеноста на локалната самоуправа да ја трансформира Кисела Вода во модерна урбана средина со целосно решена инфраструктура и поквалитетен живот за сите нејзини жители-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Кривични пријави за директори на училишта во Берово за злоупотреба на превозот за ученици

Полицијата поднесе кривични пријави против двајца директори на училишта во Берово поради незаконски избор на фирми за превоз на ученици.
Поднесена е кривична пријава против Д.П.(64) од с.Владимирово, беровско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Пријавената, како директор на средно училиште во Берово, при преземање на службени дејствија, јавна набавка за превоз на ученици за учебната 2023/2024, потпишала договор со правен субјект од Пехчево за цена повисока од реалната на пазарот, односно за цена која е двојно и повеќе поскапа и понеповолна од месечната карта на истата релација и на тој начин го оштетила буџетот на училиштето за околу 560.000 денари“, соопшти полицијата.
Исто така, поднесена е кривична пријава против С.К.(52) од с.Русиново, беровско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Пријавениот, како директор на средно училиште во Берово, при преземање на службени дејствија, јавна набавка за превоз на ученици за учебната 2022/2023 потпишал договор со правен субјект од Пехчево за цена повисока од реалната на пазарот, односно за цена која е двојно и повеќе поскапа и понеповолна од месечната карта на истата релација и на тој начин го оштетил буџетот на училиштето околу 611.000 денари“, соопшти полицијата.