Култура
Шукова и Костадиновска-Стојчевска: Ја унапредуваме животната средина и ги негуваме културните вредности во тетовскиот крај
Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска беа во работна посета на Општината Тетово, при што направија обиколка на неколку установи кои со поддршка на Владата постигнаа напредок во унапредување на животната средина и во негување на културните вредности во овој регион.
Посетата започна со обиколка на новите простории на ЈУ Национален парк ,,Шар Планина”, при која директорот на ЈУНП Ибрахим Дехари ги запозна со степенот на екипираноста на Јавната установа и ги информираше за тековните и завршените капитални инвестиции и проекти на установата, како и со идните развојни планови.
Министерката Шукова изрази задоволство од исклучителните резултати и огромниот напредок во воспоставувањето и функционирањето на ЈУНП „Шар Планина“ и одржливото управување со ова комплексно заштитено подрачје. Националниот парк се формираше во 2021 година со финансиска поддршка на државата, но и на меѓународните организации, кои помогнаа и кои сѐ уште помагаат да се развива и одржува. Со формирањето на овој нов национален парк се достигнаа 13,9 проценти заштитена територија во државата и според Шукова, тој процес на заштита на природните вредности со кои изобилува државата, продолжува и понатаму.

„Она што сакам да го потенцирам во овој момент е дека во рамките на Паркот веќе имаме екипираност, нови вработувања и вработувања на ренџери, кои ќе помогнат да се намали ловокрадството и дивата сеча во паркот, меѓутоа, Паркот веќе размислува и за развојни компоненти за наредната година, што ќе овозможи да биде одржлив и да може сам да функционира во годините што доаѓаат. Секако, во еден извесен период државата и меѓународните организации ќе продолжат со финансиска поддршка, меѓутоа она што го гледаме тука е дека менаџментот и вработените точно знаат во која насока треба да се движат и како да управуваат со ова заштитено подрачје“, изјави министерката Шукова за медиумите.
На прашања на новинари, министерката Шукова информираше дека од наредната година ќе се обезбедат буџетски средства за поддршка на сите четири национални парка во државата, а информираше и за другите инвестирања со кои се унапредува животната средина и се подобрува квалитетот на животот на граѓаните. Таа го спомена проектот за подобрување на квалитетот на воздухот, што со поддршка на ЕУ се реализира во четири града, вклучително и Тетово, за подобрување на инфраструктурата за водоснабдување и пречистување на отпадните води, како и поддршка на системот за управување со отпад со помош на кредитните линии обезбедени преку Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој.
Посетата продолжи во Музејот на тетовски крај – Тетово, каде министерката Костадиновска-Стојчевска придружувана од министерката Шукова и директорот Миќо Стојчески го разгледа објектот и беше информирана за тековните активности и досегашни инвестиции, по што беше остварена средба со претставници на здруженијата, корисници на Конкурсот „Култура во лето“, на која разговараа за идните нивни проекти и планови за збогатување на културната програма на тетовчани.
„Министерството за култура само за поддршка на програма вложи над 14,5 милиони денари во тетовските културни установи, кои имаат долга и богата историја и повеќеслојна културна традиција, во која се сплотуваат различните култури на народите кои живеат во овој крај. Инвестираме во културата и го збогатуваме разновидното културно живеење на граѓаните, особено на младите во Тетово и околината“, изјави министерката Костадиновска-Стојчевска за медиумите.

Таа додаде дека вложувањето во заштитата на културното наследство е еден од најголемите приоритети на Владата и на Министерството за култура и информираше дека продолжуваат активностите за целосна конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во црквата Св. Богородица во Лешок. Овие активности го овозможија и реткото откритие на третиот слој живопис кој се наоѓа во олтарот, под слојот од 17 век. Како Проект на Владата, реализацијата на заштитата на живописот ќе продолжи и во 2024 година, како и реставрацијата на конакот на овој наш вреден манастир и споменик на културата.
„Се грижиме тетовчани да имаат богата и разновидна културен репертоар за сите. Затоа основавме и нова национална установа Музички ансамбл во Република Северна Македонија – Тетово чија основна дејност ќе биде изведба, промоција и афирмација на албанската класична, џез, вокална и вокално-инструментална музика, а програмските определби ќе имаат рамноправен пристап кон сите граѓани“, нагласи министерката Костадиновска-Стојчевска.
Во рамките на посетата, министерката Костадиновска-Стојчевска го посети и Центарот за култура „Иљо Антески Смок“-Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.
Култура
Улогите по кои ќе го паметиме Роберт Дувал
Роберт Дувал, оскаровец и еден од најкарактерните актери на американскиот филм, почина на 96-годишна возраст. Веста ја потврди неговата сопруга Лусијана Педраса Дувал, наведувајќи дека починал мирно во својот дом во Вирџинија. Семејството соопшти дека нема да има јавна погребна церемонија.
Кариерата на Дувал, долга седум децении, не може да се сведе на еден наслов или еден тип улога. Иако публиката често го памети како Том Хејген, тивкиот и пресметлив адвокат на семејството Корлеоне, неговиот актерски опсег беше многу поширок.
Од раните театарски години во Њујорк, преку подемот во шеесеттите и седумдесеттите, Дувал создаваше ликови на авторитети, војници, проповедници и луѓе на работ на распад, со ист занаетчиски фокус. Оскарот за главна улога во Tender Mercies само формално потврди дека може сам да понесе филм.
Во продолжение се десет филмови по кои ќе го паметиме.
To Kill a Mockingbird (1962)
Филмската адаптација на романот на Харпер Ли е раскажана од детска перспектива, но зборува за длабок општествен судир: адвокатот Атикус Финч брани Афроамериканец обвинет за силување на бела жена на сегрегираниот американски Југ.
Улогата на Дувал е мала, но клучна. Со воздржана телесност и тивки погледи, тој создава лик кој од урбана легенда постепено станува вистинска, ранлива личност.
MAS*H (1970)
Филмот на Роберт Алтман е воена приказна што функционира како антивоен коментар, сместена во мобилна болница за време на Корејската војна.
Дувал го толкува мајорот Френк Бернс – офицер кој ја сфаќа својата позиција премногу сериозно. Наместо карикатура, Дувал го игра со целосна сериозност, а токму од контрастот со циничната околина произлегува хуморот.
The Godfather (1972)
Филмот на Френсис Форд Копола е епска студија за моќта и семејството.
Том Хејген е адвокат и стратег на семејството Корлеоне – човек кој не вика и не се заканува, но разбира системи и правила. Тој е фигура меѓу два света: правниот и криминалниот. За оваа улога доби номинација за Оскар за споредна машка улога.
Apocalypse Now (1979)
Филмот го претвора војувањето во психолошки лавиринт.
Дувал го игра потполковникот Бил Килгор – харизматичен командант кој војната ја доживува како сцена за личен стил. Неговата интерпретација покажува човек на кој насилството му станало рутина. За улогата беше номиниран за Оскар.
Tender Mercies (1983)
Тивка драма за поранешен кантри музичар кој се обидува да го обнови животот по алкохолизмот.
Дувал го игра Мек Слеџ без патетика и претерување. Со минимализам и внатрешна напнатост создава лик на човек кој се бори со минатото. За оваа улога го освои Оскарот за најдобар актер.
Days of Thunder (1990)
Приказна за млад возач кој учи дека брзината бара контрола.
Дувал е Хари Хог – искусен шеф на тим и ментор. Во филм исполнет со адреналин, неговиот лик е симбол на стабилност и практична мудрост.
The Apostle (1997)
Драма за проповедник кој по личен пад се обидува да почне одново.
Дувал го режира и го игра Џулиус Ф. „Сони“ Дјуи – харизматичен, но нестабилен човек, способен и за инспирација и за деструкција. За улогата доби номинација за Оскар.
Jack Reacher (2012)
Акционен трилер за поранешен воен истражител кој открива сложена мрежа зад наизглед едноставен случај.
Дувал се појавува како Мартин Кеш – сопственик на стрелиште со сопствен кодекс и искуство што ја продлабочува приказната.
The Judge (2014)
Судска драма што се претвора во семејна приказна.
Дувал го игра судијата Џозеф Палмер – човек кој целиот живот бил авторитет, а сега се соочува со слабоста и стареењето. Улогата му донесе уште една номинација за Оскар.
The Pale Blue Eye (2022)
Готски трилер сместен во 1830 година, во кој се истражуваат мистериозни убиства во Вест Поинт.
Дувал го толкува Жан Пепе – лик со знаење и сложена историја, чие присуство ѝ дава тежина на мистеријата. Ова беше неговата последна филмска улога.
Роберт Дувал зад себе остави редок опус: без разлика дали играше адвокат, војник, музичар или судија, секогаш внесуваше мирна сила и внатрешна прецизност што ги правеше ликовите незаборавни.

