Култура
Лена Стефанова - „110 години од раѓањето“ – јубилејна изложба во Чифте амам
На 20 декември, во 12 часот, во Чифте амам, ќе биде отворена јубилејната изложбата „110 години од раѓањето“ на уметницата Лена Стефанова.
На отворањето пригодно обраќање ќе имаат историчарката Викторија Васева-Димеска и д-р Дита Старова-Ќерими, директор на Националната галерија.
Голем предизвик е организирањето јубилејна изложба и одбележувањето 110 години од раѓањето на уметницата Лена Стефанова. Јубилејните изложби секогаш се повод за констатација како нечие творештво на посебен и специфичен начин ја обележало својата епоха. Пишуваните текстови и аналитичките студии што се посветени на животот и делото на Лена Стефанова се многу малку. Секако дека мал број каталози од нејзините постхумни изложби даваат некаков увид во нејзината уметност, но се работи за релативно кратки текстови што не влегуваат во некаква детална анализа на нејзиното творештво.
Во историјата на современата македонска ликовна уметност, Лена Стефанова зазема втемелувачко и изделено место. Таа ѝ припаѓа на генерацијата уметници кои чувствувајќи ја и доживувајќи ја моралната и духовната тензија на своето време, се вклучиле во современиот живот, без двоумење ги прифатиле тековите на современата ликовна уметност.
Лена Стефанова има голема улога во културата на уметноста како прва уметница во современата македонска ликовна уметност. Се школувала во престижното француско училиште (EcoleFranco-Serbe) во Скопје и го завршува во учебната 1930 година. Во текот на школувањето го посетува ателјето на Олга Бенсон (1924 – 1928), каде што ги стекнува првите ликовни искуства. Во ова школо Лена црташе, сликаше, изработуваше акварели и се предаде на учењето на занаетот. Овој период остава траен белег врз нејзината определба за сликарството. Член на Друштво на ликовните уметници на Македонија станала од неговото формирање во 1945 година и учествувала на сите позначајни групни изложби заедно со основоположниците на современата македонска ликовна уметност: Личеновски, Мартиновски, Владимирски, Коџоман, Белогаски и други. Во периодот од 1945 до 1976 година работела како ликовен педагог во Женската гимназија во Скопје, во гимназијата во Велес и во неколку основни училишта. Двапати имала прекин во педагошката дејност и тогаш работела како дизајнер во одделот за килимарство во Институтот за фолклор, потоа како илустратор во весникот „Нова Македонија“ и како слободен уметник.
Таа го сликаше она што го гледа, што го чувствува, што го сака – слики од нејзиното непосредно опкружување: топлите бои на есента, лелеавите пејзажи, селските амбиенти, скромните градски визури, историските, митските личности од нејзината почва, миризбата на цвеќето, овошјата, мртвата природа… што се шират во патријархалниот амбиент, нешто свое, автохтоно и специфично.
Исполнета со чувство за новото време и свесна за новите состојби и синтези во уметноста, ја развиваше и продлабочуваше потребата да ја експлоатира традицијата, да го резимира она што го учела и да го изостри критериумот за избор. Компонентата што ја урамнотежуваше, посредно коегзистенцијата на сезанизмот и естетскиот рационализам, стана еден вид подготовка за ликовната естетика која го обележа карактерот на нејзиното творештво. Се определи за сублимирање на постимпресионистичките искуства, за реалниот однос кон природата, ставајќи го акцентот, уште на самите почетоци, на поетскиот реализам, на поетиката на мотивот, на автентичноста на уметничката порака, тргнувајќи од мотивот кон чувствата, кон барање на идентитетот, на реалниот и непосреден внатрешен живот. Во интимата на сликовните преобразби во природата, ја бараше атмосферата на мотивот за да создаде свои светови, врз контурите на визуелната стварност. Делата на уметниците со кои изложуваше (основоположниците на македонската современа уметност : Мартиновски, Личеноски, Владимирски, Коџоман, Белогаски…) и помалку или повеќе видливите влијанија од европските уметнички метрополи (посредно) претставуваа повеќе поттик и можност да ги провери и дополни своите сознанија и ставови отколку модел кој безрезервно ќе го прифати.
Нејзиното творештво е целовито и доследно, без потреси, без нагли амплитуди, без подеми и падови, без резигнираност, без драстично видливи одрази и белези од нејзиниот слоевит и трауматичен живот. Достоинствено ги носеше своите мачни спомени, без патетика и наративност, му се посвети на разубавениот свет на сликата, зад кој, во длабочините на пејзажите, пределите, мртвите природи и портретите, постојано тлееше некоја носталгија и достоинствена тага некоја коприна, под која тивко се слушаше елегичната мелодија на нејзината животна приказна.
Нејзиниот уметнички придонес е огромен иако животната судбина и била особено тешка, така што нејзиниот живот бил постојана борба и барање на суштината на животот, љубовта, природата, пејзажот, акварелот итн.
Лена Стефанова твори до крајот на својот живот, во подоцнежните години тоа го постигнува седејќи до прозорецот и сликајќи до таму до каде што достигнува нејзиниот поглед. Активна, креативна, борбена во уметничката егзистенција, за новата форма и секогаш за ЧОВЕКОТ.
Патокази во уметноста не постојат, постојат во светот на духот, умот, сетилата, што, пред сè, во себе ги носи авторката за да цутат и да даваат плодови поскапоцени од материјалните добра.
Куратори на изложбата се Татјана Бундалевска и Елена Иванова и ќе биде поставена до февруари 2024.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје
Култура
Изложба „Графички белешки“ од Иво Пецов во Македонскиот културно-информативен центар во Софија
На 17 февруари 2026 година (вторник), со почеток во 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија свечено ќе биде отворена изложбата „Графички белешки“ од македонскиот ликовен уметник Иво Пецов. Оваа изложба на Пецов пред софиската публика, претставува заокружен циклус на графички дела што биле создавани во континуитет во изминатите пет години.
Изложбата опфаќа дваесет графики, кои претставуваат внимателно селектиран пресек од неговото најново творештво. Делата веќе биле претставени на бројни групни изложби и меѓународни конкурси во повеќе европски и светски земји, каде што биле високо оценети од стручната јавност, но и препознаени од љубителите на класичната графика како дела со изразена авторска ракописност и концептуална продлабоченост.
Сите графики се реализирани во техниката сува игла (drypoint) – една од најсуптилните и најпредизвикувачки техники во класичната графика. Оваа техника подразбира рачно, механичко врежување на цртежот со игла директно врз метална плоча – матрица. За разлика од други графички постапки, кај сувата игла линијата се создава непосредно, без посредни хемиски процеси, со што се задржува автентичната енергија на ракописот. По врежувањето, авторот внимателно ја распоредува бојата врз матрицата, а потоа, со традиционална рачна преса, своерачно го доведува делото до неговата отпечатена форма.
Овој сложен и физички интензивен процес не дозволува големи тиражи. Со секое печатење матрицата постепено се менува, а линијата ја губи својата првобитна острина. Токму затоа бројот на оригинални отпечатоци од едно дело е мал – во случајов најчесто не повеќе од четири примероци. Оваа ограниченост не е само техничка нужност, туку и суштински дел од поетиката на авторот: секое дело е ретко, единствено и носи трага од непосредниот творечки чин.
„Графички белешки“ може да се чита како визуелен дневник, како интимна мапа на мисли, реакции и духовни состојби. Во овие дела се преплетуваат две сфери – надворешниот свет, исполнет со современи општествени и цивилизациски предизвици, и внатрешниот свет на авторот, каде што тие искуства се преобликуваат во симболи, метафори и знаци. Пецов не нуди директни наративи; напротив, неговите композиции се слоевити, отворени и асоцијативни, оставајќи простор за лична интерпретација.
За сопствениот творечки пристап, авторот истакнува:
„Се стремам да создавам дела чие значење не се открива на прв поглед. Она што се гледа е само предворје на неизразливото. Преку ликовните елементи настојувам да го насочам вниманието кон невидливото – кон просторот зад формата. Целта на моите графики е да ги сопнат и разложат концептите на рационалното. Во моментот кога мисловните структури ќе почнат да се распаѓаат, свеста може да се отвори кон една поширока, сèсодржлива перспектива. Овој пристап тежнее кон тишина и празнина што ја апсорбираат појавната реалност и ја преобразуваат. Делата содржат и текстуални белешки, кои не се објаснување, туку дополнителен слој на значење – тие комуницираат со формите и симболите, создавајќи единствено, заокружено искуство.“
Текстуалните интервенции во графиките не функционираат како наративен водич, туку како ехо на визуелното. Тие ја продлабочуваат комуникацијата со гледачот и ја нагласуваат поетската димензија на делото, каде што зборот и линијата заемно се надополнуваат.
Иво Пецов е роден во 1980 година во Кочани, Република Македонија. Средното уметничко образование го завршува во Скопје, на отсекот „Графика“, по што студиите ги продолжува на Националната ликовна академија во Софија, каде што дипломира и магистрира на насоката „Графика“ во 2005 година. Во 2010 година, на истата академија, на катедрата „Ѕидно сликарство“, го стекнува научно-образовниот степен доктор.
Во текот на својата кариера реализирал дваесет самостојни изложби во Македонија, Бугарија, Романија, Португалија и Германија. Активен е учесник на бројни меѓународни групни изложби во Македонија, Бугарија, Романија, Чешка, Португалија, Шпанија, Италија и Индија. За својата ликовна дејност добитник е на повеќе награди и признанија, а неговото присуство на меѓународни ликовни колонии сведочи за континуирана творечка активност и професионална афирмација.
Со изложбата „Графички белешки“, Иво Пецов ја потврдува својата доследност кон класичната графичка традиција, но и својата отвореност кон современата духовна и концептуална проблематика. Оваа изложба претставува можност публиката да се соочи со дела што не нудат брзи одговори, туку повикуваат на созерцание, тишина и внатрешен дијалог.

