Македонија
Превентивни активности на МВР

Во текот на вчерашниот ден, во рамките на секторите за внатрешни работи Скопје, Битола, Велес и Куманово, беа реализирани превентивни активности во поголемиот дел посветени на сообраќајната безбедност, злоупотребата на пиротехнички средства, како и за заштита на граѓаните од измами.
Така, во рамките на СВР Скопје беа спроведени активности за сообраќајната безбедност фокусирана кон задолжителното носење и користење зимска опрема, а во основните училишта „Вера Јоциќ“ и „Наум Наумовски-Борче“ на подрачјето на ПС од ОН Гази Баба беа реализирани едукативни работилници за превенција од злоупотребата на пиротехнички средства меѓу децата, како и за значењето на детските права. Идентична активност Одделението за превенција при СВР Скопје веќе организира и спроведе и во основните училишта „Александар Урдаревски“ и „Кирил и Методиј“ на подрачјето на ПО Мирковци, извести МВР.
На подрачјето на СВР Битола, пак, односно во Македонски Брод и Ресен, полициски службеници од ОВР Македонски Брод и ОВР Ресен беа ангажирани на превенција во однос на темите за задолжителното носење и користење нзимска опрема и за некористењето мобилни телефони при возење, а полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес во пензионерскиот дом во Велес одржаа предавање во рамките на проектот за заштита од имотни деликти (пред сè, измами на повозрасни категории граѓани).
Во рамките на СВР Куманово полициски службеници реализираа превентивна кампања со посета на основните општински училишта во Куманово, каде што беше поставен едукативен материјал за злоупотребата, односно забраната за употреба на петарди и други пиротехнички средства. Во централното градско подрачје, пак, беше спроведена превентивната сообраќајна активност за задолжителното носење и користење зимска опрема, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За три дена, 109 повредени од Кочани доставиле барања и предлози на телефонската линија на Владата

109 граѓани за три дена од пуштање на телефонската линија за повредените лица и нивните семејства, која е во директна комуникација со Канцеларијата на Ппретседателот на Владата, ја искористиле можноста и доставиле свои барања и предлози, соопштија од Владата.
Од таму велат дека тоа покажува дека оваа телефонска линија дава резултат и дека Владата е отворена за секаква сугестија и идеја.
„Како Влада преку низа на мерки помагаме за помош на повредените и нивните семејства. Ова е заедничка борба и нема да отстапиме од неа, бидејќи секој граѓанин има право на соодветна здравствена заштита и медицинска нега, токму поради тоа како Влада донесовме одлука за рехабилитација во Пониква на повредените лица кои се во стабилна здравствена состојба, но им е потребна дополнителна медицинска услуга. Тим на лекари од 10 јуни до 20 август во рехабилитацискиот центар Пониква на сите лица ќе им пружат дополнителна медицинска грижа, но и психолошка поддршка“, велат од Владата.
Од таму ги повикуваат и ги охрабруваат сите повредени лица кои се засегнати да се јават на телефонскиот број 070/355-526 и да ги изразат своите барања и потреби.
Македонија
Сончево време, попладне локален дожд

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне ќе има услови за локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 26 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Од денеска следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена локална облачност. Дневните температури ќе бидат без значителни промени.
Македонија
Мурал од балкански рис исцртан на фасадата на Театар Комедија

Со мурал од балкански рис и мала прослава, Македонското еколошко друштво вчера го прослави Светскиот ден на рисот.
„Конечно најдовме дом за муралот, најдовме и артист кој го нацрта, и најдовме човек кој има визија и кој е отворен за соработка, а тоа е директорот на Театар Комедија – Дарко Спасов. Целта ни е со овој мурал да ја подигнеме јавната свест, не само на рурално туку и на урбано ниво. Кога работите ќе згуснат ни треба секаква поддршка, од секоја популација“, изјави раководителот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, Диме Меловски.
Тој се заблагодари на поддршката од Театар Комедија и директорот Дарко Спасов.
„Велат исти птици во исто јато летаат“, вели директорот Спасов, кој го изрази своето задоволство од соработката со Македонското еколошко друштво.
Освен муралот на фасадата на Театар Комедија, пред објектот поставена е и инфо табла со основните податоци за рисот, како и QR код кој води до новата интернет страница посветена на балканскиот рис: balkanlynx.com.
По поздравните обраќања, присутните членови и соработници на МЕД, се упатија кон Бистро Комедија каде што во неформална атмосфера имаа прилика да поразговараат за досегашните постигнувања, но и да разменат идеи и предлози за идни активности.