Економија
Ангеловска-Бежоска и тимот со високи претставници на ИФЦ: Народната банка се профилира како лидер за поддршка на зелената транзиција

Поддршката на меѓународните финансиски организации е суштинска во процесот за поттикнување и обезбедување финансии во спроведувањето на зелената транзиција за која се потребни значителни инвестиции. Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами и главниот економист Анета Крстевска и делегација на високи претставници на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), во состав Рана Карадеш-Хадад, регионална директорка за Европа, Николас Маркије, регионален менаџер за Западен Балкан, и Висар Пирани, офицер во Канцеларијата на ИФЦ на Косово и Северна Македонија.
На средбата беше искажано задоволство од поддршката што ИФЦ ѝ ја дава на нашата земја преку проекти за развој на приватниот сектор, како и проекти поврзани со зелената транзиција. Притоа гувернерката Ангеловска-Бежоска информира за напредокот на активностите на Народната банка поврзани со климатските промени, кои се во рамките на стратегиските приоритети на централната банка. Таа се осврна на најновите мерки што се однесуваат на регулаторните барања за вградување и известување од страна на банките за ризиците поврзани со климатските промени, како и усвојувањето на среднорочниот план на активностите на Народната банка во овој домен за периодот 2023 – 2025 година. Планот е сеопфатна рамка за управувањето со ризиците од климатските промени од страна на централната банка, која предвидува повеќе активности во областа на регулативата и супервизијата за климатските ризици, вклучително и стрес-тестирања на домашните банки поврзани со климатските промени.
ИФЦ искажа поддршка за активностите што ги презема централната банка за справување со ризиците од климатските промени заради одржување на една од нејзините основни цели, односно финансиска стабилност. Посочи дека се преземени многубројни конкретни чекори поврзани со јакнењето на отпорноста на банките на климатските ризици и зголемувањето на нивниот потенцијал за финансирање на зелената транзиција. Од ИФЦ се осврнаа на проектите што се планираат во следниот период, во делот на зелената економија и одржливото земјоделство, при што посочија дека ИФЦ секогаш ќе биде посветена на развојот на нашата земја.
Народната банка изрази интерес и за воспоставување соработка од аспект на финансиската едукација и инклузија, особено од аспект на родовата еднаквост и вклучувањето на лицата со попреченост. ИФЦ ја поддржа иницијативата и искажа подготвеност за натамошна координација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Андоновски: Објавен првиот повик во рамките на програмата „Дигитална Европа“ за 2025 година

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на денешната прес-конференција соопшти дека е објавен првиот пакет на претстојни повици во рамки на програмата „Дигитална Европа” за претставниците на приватниот сектор (малите, средните и големите претпријатија), стопанските комори, академските институции од сите нивоа, невладиниот сектор и јавните институции.
Андоновски соопшти дека Европската комисија во овој повик има одредени 1,3 милијарди евра за проекти од областа на вештачката интелигенција, сајбер безбедноста и дигиталните вештини.
Тој потенцираше дека владата веќе втора година го овозможува учеството на заинтересираните во оваа програма
„Како Влада, ние веќе втора година го овозможуваме учеството на сите заинтересирани страни во програмата Дигитална Европа, со навременото уплаќање на членарината и со поддршката кон домашните институции, организации и компании кои ќе одлучат да аплицираат на Програмата“, рече Андоновски.
Сите заинтересирани страни е потребно да испрат елаборат до министерството со потребните податоци кои се објавени на веб страницата на МДТ и да се испратат на адресата [email protected], најдоцна до 03.05.2025 година.
„Дозволете да ги информирам заинтересираните дигитални иновациски хабови дека денес Министерството го распиша Јавниот повик за заинтересираните дигитални иновациски хабови за учество во консолидацијата на мрежата на Европски дигитални иновациски хабови (EDIHs) со засилен фокус на вештачка интелигенција (ВИ). Финансирањето на ЕДИХ доаѓа од 50% кофинансирање од Програмата за Дигитална Европа, а за останатите 50%, апликантите треба да обезбедат одржливи извори за кофинансирање.” додаде министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски
Економија
СДС ја уништи државата со 3 милијарди нов долг, сега глумат финансиери, велат од ВМРО-ДПМНЕ

СДС, партијата што го задолжи секој граѓанин со над 1.600 евра долг за време на нивното владеење, денеска се јавува со прес-конференции за 137 милиони евра – средства што одат исклучиво за отплата на нивните долгови, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„137 милиони евра што сега ги спомнуваат СДС не се ново задолжување, туку рефинансирање на кредити кои доспеваат – кредити кои тие ги земаа, без срам и без покритие“, додаваат од владејачката партија.
Како што појаснуваат, во времето на СДС (2017–2024) јавниот долг скокнал од 47% на над 65% од БДП, а единственото што оставија како што велат, се ситни проекти, рекламни видеа и сметки од „ресторани“.
Прашуваат: Каде се парите од 1,2 милијарди евра задолжување во 2020 година? Каде се парите од еврообврзниците во 2018, 2020 и 2021 година?
Зошто 6 години ја лажевте јавноста дека ќе го намалите долгот, а го зголемивте за над 3 милијарди евра?
Напоменуваат дека денес, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ плаќа камати за долгови направени од СДСМ.
„Го стабилизира буџетот без зголемување на даноци, ја враќа довербата на инвеститорите и стопанството, и подготвува прв ребаланс со кој за првпат по години ќе се види капитална реализација – не слики на Фејсбук. Вашето време помина, оставивте држава со највисока сиромаштија, највисока младинска емиграција и со буџет кој 40 % оди на враќање камати и плати, без ефект за граѓаните. Затоа, СДС, вратете се кај вашите квази-економисти и пиар-советници. Народот ве прочита. Ако сакате дебата за долг, не носете лажни бројки, носете сметка што не ја плативте 7 години, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ до СДСМ.
Економија
Божиновска: Енергија за секој дом, стабилност за целата економија и вистински исчекор кон климатска одржливост

Светските искуства покажуваат дека енергетските аукции се моќна алатка за забрзување на транзицијата кон обновлива енергија. Токму оваа тема беше во фокусот на панел-дискусијата „Energy Auctions as Catalysts for Renewable Energy Deployment in the Western Balkans“, во рамки на Adria Summit, организиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), каде што учествуваше министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Министерката Божиновска говореше за искуствата на Македонија и новиот модел на поддршка што земјата го воведува за привлекување инвестиции во обновливи извори – „Contracts for Difference“ (CfD). Овој пристап, веќе потврден како ефикасен во ЕУ, обезбедува стабилност, заштита од пазарна нестабилност и поттикнува реална конкуренција.
„Веруваме дека CfD-механизмот е најсоодветниот модел за создавање сигурна и предвидлива инвестициска клима. Со поддршка од ЕБОР и меѓународни партнери, го адаптираме овој систем на нашиот пазар, со цел да создадеме услови за реализација на целта – 1,7 GW обновливи извори до 2030 година“, изјави Божиновска.
Во изминатите години, Македонија имаше ограничен успех со системите на фид-ин тарифи и премии, поради кои државата плаќаше високи субвенции, често над пазарната цена. Енергетската криза дополнително ги покажа слабостите на ваквиот модел – дел од електраните се откажаа од привилегираниот статус за да можат да продаваат струја на слободниот пазар.
Во однос на плановите за нови аукции, министерката истакна дека во соработка со ЕБОР се прави детална регулаторна и финансиска анализа за воведување CfD-аукции кои ќе се спроведуваат транспарентно и ќе овозможат директна конкуренција меѓу инвеститорите.
Таа ја нагласи и важноста на меѓународната поддршка:
„ЕБОР, Светската банка, германската KfW и други институции се наши клучни партнери. Со нивна помош веќе инвестираме во нови соларни и ветерни капацитети, ја модернизираме преносната мрежа и отвораме нови можности за зелена енергија. Само ЕБОР досега има инвестирано над 2,9 милијарди евра во Македонија, што е доказ за довербата и потенцијалот што го имаме.“
На панелот, покрај министерката Божиновска, учествуваа и министерот за енергетика на Црна Гора Адмир Шахмановиќ, потпретседателката на CWP Europe Маја Турковиќ, директорката за финансирање на UniCredit Bank Србија Светлана Церовиќ и извршниот директор на New Energy Solutions, Милош Чолиќ. Модератор на панелот беше Адил Ханиф, шеф на одделот за одржливи пазари при ЕБОР.
Панелот понуди можност за размена на искуства и практики меѓу земјите од Западен Балкан и претставници на приватниот и финансискиот сектор, во насока на подобрување на регулативата и зголемување на инвестициите во чиста енергија.