Регион
Доаѓаат во Македонија по сперма и јајце клетки: Во Хрватска нема донори, па нема ни банка
Медицински потпомогнатото оплодување (MPO) со донирани гамети е дозволено со закон во Хрватска, но тоа е многу тешко во пракса бидејќи Хрватска нема банка за сперма и јајце клетки за помош на парови на кои им се потребни донорски гамети за оплодување. Згора на тоа, нивниот увоз од земјите каде што има банки засега не функционира.
Хрватските парови на кои им е потребна ваква помош мораат да одат во други земји кои имаат банки, а најмногу доаѓаат во Македонија и Чешка, но и во Шпанија, Белгија и Португалија. Хрватскиот завод за здравствено осигурување (ХЗЗО) најчесто не им ги покрива трошоците.
Хрватите најчесто се решаваат да дојдат во Македонија на оплодување и пренос на донаторски јајце клетки затоа што е значително поевтино одошто кога би отишле во некоја од земјите од ЕУ. Според законите на ЕУ, една членка на Унијата не може да покрие поголем дел од трошоците во друга членка отколку што таа друга земја покрива за нејзините граѓани. Македонија не е во ЕУ, па ХЗЗО може да ја покрие целата сума.
Паровите кои се соочуваат со овие или уште поголеми проблеми во Хрватска се бројат во стотици секоја година. Пациентите, но и разни здруженија, како што е Рода, сметаат дека Хрватска треба да формира банка за гамети, доколку тоа е неопходно и изводливо.
Но, од Министерството за здравство на Хрватска тврдат дека за ова има сериозни, речиси непремостливи пречки. Една од клучните причини за тоа што нема банки е немањето заинтересирани донори во Хрватска кои би сакале да дадат гамети и ембриони. Како главна причина за нивното непостоење во Министерството се наведува проблемот со регрутирање потенцијални донатори, нивна идентификација и согласност.
Проблемот станува уште посериозен кога се знае дека за целата тешка процедура што треба да ја поминат донаторите во Хрватска, тие не го добиваат финансискиот надоместок што постои во некои земји, како што е Чешка.
Конечно, ако некој донатор реши да помине низ сите перипетии без никаков надомест, од чист алтруизам, ќе го чека уште една важна пречка. Имено, повеќето донатори имаат тенденција да останат анонимни, додека хрватските закони тоа не го дозволуваат поради Конвенцијата за правата на децата, според која тие имаат право да го дознаат своето биолошко потекло најдоцна кога ќе станат полнолетни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Путин првпат зборуваше за НИС: Верувам дека Белград ќе ги исполни своите обврски
Рускиот претседател Владимир Путин повеќе од две децении одржува годишна прес-конференција, на која ги презентира своите политички ставови и анализи на јавноста во Русија и во странство.
За време на конференцијата, новинар од Србија го потсети рускиот претседател дека Нафтената индустрија на Србија (НИС), заедничко вложување меѓу Русија и Србија, ги трпи последиците од западните санкции. Тој го праша Путин како ја коментира оваа ситуација?
„Што се однесува до НИС, притисокот од западните санкции продолжува, а ова е показател за политичка моќ. Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски, а двете земји ќе спроведат многубројни други проекти“, рече Путин не сакајќи да се продлабочува на оваа тема.
Претходно денес, рускиот претседател изјави за „Спутник“ дека знае што се случува со компанијата НИС и дека се надева оти ќе се најде заедничко решение.
„Знаеме што се случува со компанијата НИС. Имаме меѓудржавен договор и претпоставуваме дека пријателското српско раководство ќе го земе ова предвид. Имаме идеја за насоката во која сакаме да се движиме заедно. Работиме на тоа и се надевам дека ќе го најдеме потребното решение“, рече рускиот претседател.
Тој исто така рече дека без оглед на надворешната аспирација за подобрување на односите, притисокот со санкции ќе продолжи како начин за покажување сила, пренесува „Раша тудеј“.
„Москва претпоставува дека Белград ќе ги исполни своите обврски и дека Русија и Србија ќе спроведат многубројни други заеднички проекти“, рече тој.
НИС е под санкции на САД од почетокот на октомври поради мнозинската руска сопственост, што значително го комплицира работењето на една од најважните компании за функционирање на целата српска економија.
Рускиот „Газпромнефт“ е мнозински сопственик на НИС, а рускиот претседател рече дека земјата инвестирала повеќе од три милијарди долари во компанијата.
фото/депозитфотос
Регион
E-пошта со безбедносни закани во училиштата во Словенија: учениците итно евакуирани
Неколку основни и средни училишта низ Словенија денес добија е-пошта со безбедносни закани, а некои беа евакуирани како мерка на претпазливост, објави полицијата.
Главната полициска управа на Љубљана изјави дека реагирала веднаш по приемот на заканувачки пораки, собрала информации и ги спровела сите потребни мерки за да ја осигура безбедноста на учениците и персоналот, објави СТА.
Досега собраните податоци укажуваат дека станува збор за генерички закани, без конкретна оперативна опасност.
Полицијата процени дека ситуацијата носи мал ризик и дека нема потреба од дополнителен аларм.
Министерот за образование беше информиран за инцидентот, пишуваат медиумите.
Фото: депозитфотос
Регион
Германските медиуми: Без Србија, нема стабилност на Балканот; Брисел сè прави погрешно
Германските медиуми пишуваа за одлуката на српскиот претседател Александар Вучиќ дека нема да оди на самитот на ЕУ оваа година за да ги заштити интересите на својата земја.
„Берлинер Цајтунг“ истакна дека целосно ја разбира последната порака што Вучиќ ја испрати до ЕУ со тоа што не присуствува на самитот.
Сепак, како што се оценува во написот на германскиот весник, „Брисел ја игнорира клучната геополитичка реалност“.
„Западен Балкан не може да се стабилизира без Србија, а секако не против Србија. Никаков одржлив мировен поредок и никаква економска интеграција не се замисливи на Балканот без конструктивно учество на Белград. Со постојано фрустрирање на најважната земја во регионот, ЕУго прави токму спротивното од она што тврди дека го постигнува“, пишува „Берлинер Цајтунг“.
На крајот, овој германски медиум го презентира заклучокот:
„Наместо да извезува стабилност, неодлучноста на Брисел сее недоверба и создава опасен вакуум во моќта. Актери како Кина намерно ја експлоатираат оваа европска слабост. Празното столче на Србија на самитот во Брисел е повеќе од протест од една земја. Тоа е знак за неуспех на политиката што ризикува да го изгуби сопствениот двор од геополитичките ривали.“
Фото: депозитфотос

