Свет
(Видео) Родители во САД ги оставиле децата сами дома, избувнал пожар, пет деца загинаа

Во саботата околу 17 часот избувна пожар во куќа во Аризона, во близина на границата со Невада, при што загинаа пет деца. Кога пламенот ја зафатил зградата во градот Булхед, децата биле сами дома и не можеле да избегаат.
Полицијата не ги објави имињата на жртвите, само нивната возраст.
Настрадаа деца на возраст од 2, 4, 5, 11 и 13 години. Четворица биле браќа и сестри, додека петтото дете било роднина на семејството.
Причината за пожарот засега е непозната, изјави Емили Фромелт, портпаролка на полициската управа на градот Булхед, а пренесува Дејли Мејл.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Паралелни собири во Србија: студентите во Нови Пазар, власта во Белград

Во Србија денеска ќе се одржат два паралелни собири – еден во организација на студентите и друг во организација на власта.
Студенти и граѓани пешачејќи и возејќи велосипед од Ниш синоќа пристигнаа во Нови Пазар каде денеска се одржува 12-часовниот голем собир „Слободата владее со чаршијата“. Предвидено е да започне во 11 часот пред Државниот универзитет и да трае до 23 часот. На студентите синоќа им беше приреден спектакуларен пречек, а како подарок на градот донесоа бел гулаб, симбол на мирот. Кон Нови Пазар организирано се упатија и граѓани од Крагуевац, но и моторџии од Војводина и Белград.
Паралелно, во Белград се одржува собирот под мото „Не ја даваме Србија“. Програмата ќе започне околу 13 часот, а централниот собир е пред Народното собрание во 19 часот.
Свет
Стапуваат во сила повисоките кинески царини за САД

Кина ги зголеми увозните давачки за американски стоки од 84 на 125 отсто, а одлуката стапи во сила денеска. Тоа е одговор на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно ги зголеми американските царини за кинески стоки на вкупно 145 отсто.
„Доколку САД продолжат да воведуваат царини за кинески стоки што се извезуваат во САД, Кина ќе игнорира“, се вели во соопштението на Државниот совет на Кина, според Ксинхуа. Според властите во Пекинг, наметнувањето на уште повисоки американски царини за кинески стоки „веќе нема да има економска смисла“ и би станало „шега“ во историјата на светската економија, пренесува CNBC.
Откако Кина дополнително ги зголеми царините за американскиот извоз денес, еве брз преглед на тоа како настана оваа ситуација:
• 1 февруари: Доналд Трамп објави царина од 10% за речиси сите кинески стоки што влегуваат во Соединетите држави.
• 4 февруари: Кина одговори со царини од 10 до 15% за одредени американски производи.
• 4 март: САД ја удвојуваат царинската стапка за кинески стоки на 20%.
• 2 април: Трамп објави дополнителна царина од 34% за кинескиот увоз како дел од пошироката глобална тарифна стратегија, со што вкупната царинска стапка (вклучувајќи ги и претходните царини) се искачи на 54%. Кина одговара со идентична мерка – царина од 34 отсто за повеќето американски стоки.
• 7 април: Трамп се заканува со дополнителни 50% царини ако Кина не ги повлече контрамерките – вкупната стапка на царини достигнува 84%.
• 9 април: Кина објави дека ќе воведе царини од 84% за американските стоки почнувајќи од 10 април (наместо претходните 34%). „Реципрочните“ тарифи на Трамп стапуваат на сила, а царините на Кина официјално се зголемуваат на 84%, што вкупно значи 104% царини. Трамп потоа најавува дека царините за кинески стоки ќе се зголемат на 125%, со што вкупната стапка (вклучувајќи ја и првата од февруари) на 145%.
• 11 април: Пекинг ги потврди тарифите од 125% за американските стоки и вели дека нема да одговори на дополнителни зголемувања.
Свет
Рекорд – Американка повеќе од четири месеци живееше со свински бубрег

Педесетгодишна Американка повеќе од четири месеци живеела со свински бубрег, но трансплантираниот орган морал да ѝ биде отстранет бидејќи нејзиното тело почнало да го отфрла, што сепак претставува рекорден период на живот со органот, соопшти болницата во Њујорк каде ѝ била направена трансплантацијата.
На Тована Луни од Алабама, САД, кон крајот на ноември минатата година ѝ беше трансплантиран генетски модифициран свински бубрег, практика која сè уште е многу експериментална, но дава надеж за решавање на хроничниот недостиг на органи.
Охрабрувачки е фактот дека органот ги исполнувал своите функции 130 дена или повеќе од четири месеци, што е рекорд. Досега ниту еден пациент не успеал да преживее повеќе од два месеци по ваквата трансплантација.
„За прв пат од 2016 година можев да уживам со моите пријатели и семејството, без да морам да планирам сè околу третманите за дијализа“, рече Луни во изјавата споделена од болницата NYU Langone во Њујорк.
Луни ѝ донирала еден бубрег на мајка си во 1999 година и била на дијализа осум години откако компликација од бременоста ѝ го оштетила преостанатиот бубрег. Не можејќи да најде соодветен донатор, добила дозвола да добие генетски модифициран бубрег бидејќи нејзиното здравје се влошило.
„И покрај охрабрувачките првични резултати, на почетокот на април таа доживеа пад на функцијата на бубрезите поради акутно отфрлање“, рече нејзиниот хирург Роберт Монтгомери.
„Причината за оваа епизода на отфрлање по долг период на стабилност е под истрага“, објасни тој.