Македонија
Со 25 милиони денари ќе се уредува Капиштец, најави Герасимовски
Со низа предлози, сугестии и конструктивна дискусија на граѓаните и општинската администрација вчера заврши последната сесија на буџетскиот форум за креирање на буџетот на Општина Центар за наредната година.
На завршниот буџетски форум за 2024 граѓаните побараа решение за затворање на улица Боемска и урбанизирање на делот зад Градежниот и Архитектонскиот факултет за да се добие побезбеден пристап на децата до основното училиште „Коле Неделковски“. Градоначалникот Герасимовски посочи дека интензивно се работи за надминување на овој проблем и најави уривање на бараката зад Факултетот како дел од новото сообраќајно решение.
„Остваривме средби со деканите на Градежниот и на Архитектонскиот факултет, како и со ректорката на УКИМ, за да изнајдеме решение. Се согласивме дека треба да се искористи просторот зад Факултетот, да се отстрани бараката и да се направи свртница, која ќе биде функционална“, рече Герасимовски.
Локалната самоуправа го поддржа и предлогот на граѓаните од претходната буџетска сесија, одржана во ноември, за хортикултурно и партерно уредување на населбата Капиштец за што веќе се обезбедени 25 милиони денари.
„Овој проект на потегот од паркингот ‘Зебра’ до паркот ‘Капиштец’ ќе ја разубави населбата со ново зеленило, осветление и со ново партерно уредување. Општина Центар и Капиштец го заслужуваат тоа“, истакна Герасимовски.
На финалната буџетска сесија имаше предлози и од областа на образованието, како што се: дигитализација на училиштата, отворање научно-компјутерски центар, промоција и наградување на училишниот спорт, а се расправаше и за горливите проблеми, како што се паркирањето, бучавата од клубовите, узурпирањето на јавниот простор од страна на дуќаните и кафулињата.
Преку редовните буџетски форуми Општина Центар транспарентно и отчетно ги дефинира приоритетите и проектите за поквалитетен живот на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

