Македонија
Проф. д-р Вело Марковски: На македонското општество му треба професор доктор за да го излечи од агонијата
Затоа што здравството е квалитет на живеење во сегашноста, а образованието е вложување и грижа за иднината. Бев во право за Ковидот. Ќе успеам и како претседател
Професор доктор Вело Марковски прв објави кандидатура за претседателските избори во 2024 година. За себе вели дека има храброст, мудрост и знаење како да ја постигне целта Убеден е дека како Претседател може да се избори за исполнување на политичките, здравствените и економските права на сите граѓани и да ја избегне маргинализацијата од раководствата на најголемите партии..
Професоре д-р Вело Марковски, Вие прв објавивте независна кандидатура за Претседател на Македонија во време кога најголемите партии воопшто не ги споменуваа претстојните претседателски избори. Кој беше Вашиот главен мотив да се впуштите во оваа трка?
Вечната борба на нашиот македонски народ во справување со светските предизвици како што се човекови права, болести, војни, корупција, лажни вести итн., ме мотивираат да се вклучам во оваа трка.
Секој патриот си ја сака татковината. И секој граѓанин е патриот. Затоа не може да седиме и да гледаме како Македонија ни тоне во хаос. Како Македонец, како татко на четири деца, како доктор, како професор, но и како успешен граѓанин во повеќе области сметам дека имам одговорност и знаење во оваа претседателска трка да и помогнам на мојата татковина и на мојот народ, сите заедно да направиме подобро место за живеење и творење.
Сега партиите почнаа срамежливо да спомнуваат претседателски избори, ама сеуште нема конкретни имиња за Ваши противкандидати. Дури ни актуелниот претседател сеуште не кажал дали ќе бара нов мандат?
Македонија влезе во политички и економски ќор-сокак поради безидејноста и политичкиот двопартизам на раководствата на најголемите партии. Претседателот на државата е маргинализиран. На граѓаните им се нуди избор помеѓу лошиот и полошиот.
Сега во партиите има кадровска криза. Затоа не можат да излезат со конкретни имиња за Претседател. Тоа ќе го направат непосредно пред изборите за повторно да му ,,подметнат” на народот и луѓето да немаат време да распознаат што е квалитет, а што подметнување. Последен е примерот од локалните избори и циркузијадата што се случува во нашата главна метропола Скопје.
Од друга страна, имаме прекрасни луѓе со капацитет, со знаење и со минат труд. Меѓутоа, поради разочараност одамна дигнале раце од Македонија. Во нашиот политички систем доминираат поединци во рамките на една партија. Во моменти кога таа партија е на власт, од волјата и способноста на еден човек зависи се. Ваквата поставеност на досегашните владејачки партии доведе до постојана негативна селекција на кадри, барање на послушници и идолопоклоници како основен критериум за доделување на некоја функција.
Вие сте член на ВМРО ДПМНЕ, ама сепак се пријавивте како независен кандидат за претседател. Зошто?
Од повеќе причини. Првата причина е што мојата партија, а и другите партии сеуште не обзнаниле можни кандидати за кои народот ќе има доволно време да ги запознае.
Втората причина е што слепата партизација на сите функции во државата е најголемиот проблем за нас. Вистинска внатрепартиска демократија е единствен излез. Мораме да излеземе од вртлогот кој не влече надоле со поставување на кадри според разни негативни практики. Поставување на функционери мора да биде избор меѓу добриот и подобриот. Главни услови треба да бидат: да е способен, да е одговорен и да си ја сака државата.
Трета причина е што изборот на независен кандидат е демократска придобивка. Гласањето за независен кандидат е врв на демократијата што еден народ може да го достигне.
Се разбира дека очекувам поддршка од мојата партија и од многу мои сопартијци кои ги делат моите ставови.
АКТИВНОСТ И УСПЕХ НА ПОВЕЌЕ ПОЛИЊА

Во јавноста се појавија тврдења дека е подобро Вело Марковски да остане добар доктор и да не биде Претседател?
Во мојот живот освен како доктор, се произнесов и како научник со многубројни меѓународно објавени научни трудови. Предавам на медицински факултет како професор. Татко сум на четири деца, а имав и плодна активност како општествен активист, хуманист, спортист, поет, писател и пеач. Сетоа ова ми влева самодоверба дека имам храброст, мудрост, искуство и знаење како Претседател на државата уште повеќе да му помогнам на мојот народ. И да бидам вистински татко на нацијата. Светол пример ми се претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски кои во судбоносни моменти за Македонија се жртвуваа и се издигнаа над нивните партии, над личните интереси и се залагаа за правата на сите.
Тезата дека треба да бидам само доктор не ,,држи вода”. Впрочем за време на короната им помогав на луѓето затоа што не бев затворен во ординација или на клиника, каде што по сила на законот ќе морав да преќутувам за научни ставови со кои не се сложувам. Професор сум од 2010 година и преку обука на 100 до 150 лекари годишно, го пренесувам и ширам моето знаење и искуство. На тој начин, придобивките од моето докторско и научно искуство достигнува до уште поголем број на луѓе.
И како Претседател повторно ќе се вклучам и ќе помогам со моето искуство. Затоа што здравството е квалитет на живеење во сегашноста, а образованието е вложување и грижа за иднината.
За време на корона кризата бевте мега популарен со Вашите ставови кои беа спротивни на општо наметнатиот наратив на здравствените власти. Многумина во Вас гледаа единствена надеж во тогашната изолација и агонија. И сега Вашите политички ставови се спротивни на партиските власти?
Аналитична личност сум и своите ставови во короната ги темелев на моето научно искуство. Од денешна дистанца се покажа дека бев во право за вирусот, употребата на маските, составот на вакцините, стратегијата која треба да ја спроведуваме, злоупотребата на антибиотиците, употребата на респиратори… Денес тоа го признаваат многу здравствени власти во Светот. На пример Врховниот суд во САД пресуди дека станува збор за генетски материјал, а не за вакцини.
Ова докажува дека имам капацитет да се спротиставам на партиското едноумие. Тоа воопшто не е лесно. Во Македонија е многу тешко да браниш став кој е спротивен на незнаењето. Но, накрај вистината секогаш победува.
Затоа се надевам дека во моите политички ставови ќе се препознаат и ќе се пронајдат многу луѓе и заедно ќе победиме.
Како ги оценувате Вашите реални шанси за успех? Поконкретно како мислите да го разбиете политичкиот дуализам на двете најголеми партии кои досега ги дале Претседателите на Македонија?
За се има прв пат. Земјите со политичка култура и историја тоа го покажале. Ако сакаме позитивен пресврт, мора и Македонија да го отфрли црно белото гласање и изборот меѓу лошиот и полошиот. Луѓето треба да почне да избираат меѓу добриот и подобриот. Народот треба да се ослободи од двопартиската диктатура. Само така сечиј проблем, сечија мака во општеството може да биде препознаена и решена. И тоа е врв на секоја демократија.
Сите анкети покажуваат дека народот веќе не сака да дава бланко поддршка на партиите која не е заслужена. Дури 50 проценти од населението не сака да каже за кого ќе гласа. Од половината граѓани кои се изјасниле дека ќе гласаат, на двете најголеми партии заедно им даваат вкупно 30 проценти доверба. Само пред десетина години довербата во двете најголеми партии беше околу 70 посто.
И тука сметам дека сум вистинска личност да им дадам надеж на сите граѓани кои се разочарани од досегашните состојби во општеството.
ВОДЕЊЕ ХРАБРА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА ВО СОГЛАСНОСТ СО ИНТЕРЕСИТЕ НА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

Претседателот има одредени ингеренции за надворешната политика. Како ја оценувате досегашната македонска надворешна политика?
Со одлуката на ЕУ да отвори пристапни преговори со Украина и Молдавија, се потврди досегашната погрешна надворешна политика на Македонија со која се прифати грчкиот диктат за промена на нашето свето државно име. Дополнително ни се наметнува бугарски диктат за бришење на македонскиот народ и македонскиот јазик ако сакаме да почнеме да преговараме со ЕУ.
А Бугарија и Романија и покрај тоа што не беа спремни, имаа брз прием во ЕУ поради нивните традиционални блиски врски со Русија. И Молдавија која има традиционални блиски културни, политички и економски врски со Русија отпочна брзи преговори со ЕУ без никви ограничувања. Украина која има испреплетена историја, политика, економија и култура со Русија, исто така доби брзи преговори без никакви ограничувања и вето со математички консензус 27 земји членки минус една (Унгарија).
Како никогаш досега, се потврдува тезата дека Македонија и македонскиот народ, ако сакаме да бидеме почитувани во Европа врз основа на декларираните европски вредности и да добиеме брз прием во Европската Унија, треба да ги обновиме и развиеме традиционалните културни, економски и политички врски со Русија, со Кина, со Индија и со другите светски економски гиганти, како и со земјите од Евроазиската Унија и БРИКС чии економии растат во овие турбулентни времиња на светско ниво.
Конечно треба да го искористиме и членството во НАТО за кое се жртвувавме. Пример ни е братска Турција која во рамките на НАТО има свои принципиелни ставови.
За ова сум спремен како Претседател да демонстрирам храброст, мудрост и знаење и заедно со идното македонско раководство да бараме принципиелно решавање на македонските евроинтеграции. Сегашното раководство не доведе во ќорсокак на политички, економски и културен план. А таква потврда деновиве доаѓа од нашиот најголем стратегиски пријател САД.
Ваша констатција е дека Претседателот е маргинализиран. Како Вие мислите да излезете од оваа маргинализација?
Со настапот како независен кандидат, веќе сум излегол од таа маргинализација. Ако бидам избран за Претседател, ќе имам должност и одговорност пред сите граѓани на Македонија, а не пред политичките партии и нивните претседатели.
Последниве децении влеговме во еден недемократски процес во кој сите процеси во државата зависат од 3-4 поединци, кои се на функција претседател на голема партија. Составот на парламентот, владата, функционерите и Претседателот на државата се бира исклучиво по воља на претседателот на партијата. Тоа не е демократски.
Претседател на државата кој е избран најпрвин од претседателот на партијата, а потоа од партиски гласачи, во старт е со минимизирана улога и е во подредена состојба. Многу често во досегашниов период, Претседателот на државата повеќе внимава да биде на линија со партиската политика отколку со интересите на државата.
Претседателот на државата мора да биде столб на одбрана на државните интереси, столб на одбрана на демократските вредности во општеството, и заштитник на правата и независното функционирање на останатите столбови, а тоа се Парламентот и Судскиот систем. Претседател избран од граѓаните, од народот, има целосен легитимитет да биде коректор на политиката на владата особено во доменот на областите определени со Уставот.
Политичките партии нека си избираат премиер, министри и функционери. Претседателот треба да го бира народот. И затоа е добро да се избере независен кандидат.
Терминот на претседателските избори се совпаѓа со терминот на прламентарните избори. Како независен кандидат, тешко ќе ги избегнете партиските агитаторски машинерии. Очекувате ли поддршка од некоја од политичките партии?
Одлуката вториот круг од претседателските избори да биде заедно со парламентарните избори е добра, затоа што постои опасност од недоволна излезност на изборите. Сметам дека 24 април 2024 година требаше да биде вториот заеднички круг, а првиот претседателски круг да биде две недели претходно(10 април). Сепак се утврди 8 мај 2024 година заедно да бидат парламентарните и втор круг претседателски избори. Проблем може да биде што со устав е утврдено дека на Претседателот му завршува мандатот на 12 мај 2024 година, Ако има прегласувања, највероватно ќе дојдеме до сериозни проблеми, а можеби и уставна криза.
Како и да е, сега е потребна сосема нова стратегија од сите учесници на изборите. Партиите секако дека анализираат за можни коалиции, но и за можни влијанија од коалиции во „противничките табори“. Тука очекувам коалиција со повеќе од помалите партии, но секако и поопсежна анализа од мојата партија ВМРО-ДПМНЕ. Секако дека ќе треба да се направи опсежна анализа кои би биле резултатите доколку партијата подржи кој било кандидат (дури 5 според информациите) кој не е добитничка комбинација, ама сепак со надеж за победа на преседателските избори поради општото расположение во државата. Другата страна на таа анализа се резултатите што би ги постигнале доколку сепак се решат да ме поддржат мене. Знам дека за ВМРО-ДПМНЕ е важно да победи на претседателските избори. Сигурен сум дека такви анкети и анализи се прават, па ќе видиме наскоро за што ќе се одлучи раководството на партијата.
Доколку Ве изберат за Претседател, што е она што ќе донесете како новост?
Јасни ставови по однос на надворешната политика. Зацврстување на односите со досега историските пријатели. Отворање на директни разговори со некои од соседните држави за причините за нивниот „непијателски однос“ и надминување на тие причини, но на рамноправно ниво како што доликува на суверени независни држави во интерес на добрососедството. Би помогнал максимално да се осамостои судскиот ситем и да се раздели влијанието на власта преку обвинителството, Ќе се залагам јавниот обвинител да биде независен експерт или да биде од опозицијата. Така би се спречило одложено гонење на функционери откако ќе им заврши мандатот. Во дипломатијата ќе поставувам способни луѓе и секоја година ќе се мерат реланите придонеси во сите области, но пред се во политичкиот и економскиот придонес. На прсти се бројат амбасадори кои успеале да не зближат со некоја држава и/или да договорат поволен економски пакет. Модернизација на безбедносните системи кои по мене најмногу потфрлија во изминативе 33 години и кои наместо да ја бранат државата, повеќе се грижат за волјата на власта.
Секако, независен Претседател најлесно ќе може да го амортизира анимозитетот помеѓу политичките партии. Ќе понудам платформа за виталните интереси на Македонија, која ќе биде заедничка за сите и ќе биде спроведувана во повеќегодишен период, без разлика на тоа кој е на власт, а кој во опозиција.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со донаторска вечер, почна со работа Фондацијата „Фросина Кулакова“
Донаторска вечер насловена „Threads of Light“ официјално го одбележа почетокот на работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“. Вечерта беше посветена на уметноста, креативноста и солидарноста како универзални јазици преку кои може да се зборува за животот, одговорноста и потребата од подлабока општествена промена.
Настанот обедини уметниците, културната јавност и граѓаните околу една заедничка идеја – дека уметноста не е само естетика, туку и моќен простор за сеќавање, дијалог и општествена свест. Во рамки на вечерта беа изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци од различни области – од сликарство и скулптура, до дизајн, мода и применета уметност – создавајќи една жива, разновидна и симболична мапа на современата креативна сцена.
Донаторската вечер „Threads of Light“ ја користи уметноста како начин да се поврзат личната емоција и јавната одговорност, а секое дело што ќе биде дел од аукцијата носи сопствена приказна и сопствен придонес кон една поголема, заедничка цел.
Средствата собрани од донаторската вечер ќе бидат наменети за развој на програмите на Фондацијата, меѓу кои централно место имаат обезбедувањето психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, како и формирањето фонд за стипендирање на млади талентирани уметници кои поради социјални или финансиски причини не можат да ја остварат својата креативност и да ја изградат својата иднина.
На настанот беше претставена химната „Фросина“, отпеана од Хорот ФРИДА под водство на Сузана Турунџиева, со текст на Огнен Неделковски. Баладата е создадена како искрена, лична и достоинствена почит, но и како јавна порака дека музиката, како и уметноста, може да биде форма на паметење, завет и повик за промена.
Фондацијата „Фросина Кулакова“ е основана од семејството на трагично починатата Фросина со цел да создаде долгорочна и одржлива платформа за градење култура на грижа, правда и свесност. Преку кампањи за општествена одговорност, културни и едукативни проекти и директна поддршка, Фондацијата има за цел да го претвори личниот губиток во јавна мисија што создава смисла и општествено дејствување.
Од Фондацијата посочуваат дека зад секоја сообраќајна трагедија не стои само еден трагичен момент, туку долг и тежок процес на соочување со последиците, и дека токму затоа овој настан не е замислен само како еднократна вечер, туку како почеток на една поширока и подлабока општествена иницијатива.
Донаторската вечер „Threads of Light“ претставува прв јавен чекор во работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“ и почеток на една мисија во која уметноста, културата и човечката солидарност стануваат сојузници на промената.
На настанот присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој вели дека Фондацијата носи важна мисија за унапредување на безбедноста во сообраќајот, поддршка за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, иницијативи за подобрување на законската заштита и поддршка на млади таленти.
„Вечерва присуствував на свеченото отворање на Фондацијата „Фросина Кулакова“ – иницијатива што произлезе од огромна болка, но и од уште поголема сила да се спречат идни трагедии. Фросина беше млада девојка со живот пред себе, кој прерано и неправедно беше прекинат во сообраќајна несреќа. Ова не е само лична трагедија за едно семејство, туку потсетник за сите нас колку е кревка безбедноста во сообраќајот и колку сериозно мора да ја сфатиме одговорноста зад воланот. Фондацијата носи важна мисија за унапредување на безбедноста во сообраќајот, поддршка за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, иницијативи за подобрување на законската заштита и поддршка на млади таленти“, напиша Тошковски на социјалните мрежи.
Македонија
Парламентарното собрание на Советот на Европа донесе одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Македонија: „Значаен успех“
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, информираше дека Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска донесе одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот со нашата држава, процес што беше отворен во 2000 година.
Како што истакна министерот Муцунски, оваа одлука претставува важно институционално признание за напредокот и посветеноста на државата кон принципите и стандардите на Советот на Европа, како и јасна потврда за остварениот напредок во областите на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и односите со соседните земји.
Министерот нагласи дека посебна заслуга за успешно заокружување на овој долгогодишен процес има македонската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа, предводена од пратеничките Марија Петрушевска и Иванка Василевска, како и Постојаната мисија на Република Северна Македонија при Советот на Европа.
Одлуката, како што посочи Муцунски, претставува значаен успех и недвосмислена потврда за посветеноста, професионализмот и ефективноста на македонската дипломатија во унапредувањето и заштитата на темелните европски вредности.
Македонија
(Видео) Исмаил до Љутков: Следува милионска штета по буџетот по ваша вина, кога планирате да си поднесете оставка?
Пратеникот Реџеп Исмаил, од Левица, на седницата за пратенички прашања се обрати до министерот за култура Зоран Љутков, оценувајќи дека предупредувањата упатени уште во првите сто дена од неговиот мандат, дека ќе стане најлошиот министер за култура во историјата на државата, денес, на половина од мандатот целосно се оствариле.
Според Исмаил ваквата оценка не е политичка квалификација, туку емпириски факт, поткрепен со состојбата во културата, кршењето на законите и последиците што веќе се мерат во судски спорови и финансиска штета.
Главен проблем според Исмаил е свесното и системско кршење на Колективниот договор за култура.
„Колективниот договор е донесен многу пред вашиот мандат, повеќепати беше оспоруван и секогаш потврден како уставен и легитимен. То сѐ уште важи и вие сте должни да го почитувате“, истакна пратеникот и додаде дека со доаѓањето на Љутков на функција започнало намерно саботирање на колективниот договор преку упатство од министерот со кое биле воведени незаконски пресметки на плати.
„Со тоа упатство директно го прекршивте Колективниот договор. Ова не е политика, ова е правен факт“, рече Исмаил.
Пратеникот посочи дека како резултат на ваквото постапување, во моментов има околу 800 тужби за пресметка на плати низ сите судови во Македонија, а дел од нив веќе се добиени во корист на работниците. „Речиси е извесно дека и останатите тужби ќе имаат ист исход. Прашање е дали сте свесен за штетата што ја нанесовте врз државниот буџет, штета која ќе биде поголема од онаа доколку Колективниот договор се почитуваше“.
Опишувајќи ги состојбите во културата Исмаил се осврна и на случајот со Филхармонија кога на средина од конкурсот името на директорот беше јавно соопштено од коалицискиот партнер во Владата, а конкурсот се претворил во фарса. Дополнително потсети дека во март минатата година над 3.000 работници во културата останаа без плата, што, како што нагласи е директна последица на неспособното и неодговорно раководење со Министерството за култура. Укажа и на фактот дека во два последователни буџетски циклуси се намалуваат средствата за култура, додека истовремено значително расте буџетот за НАТО.
На крај, Исмаил своето обраќање го заврши со прашањето: „После сето ова останува само едно прашање – кога планирате да си поднесете оставка?“.

