Македонија
Koвачевски од трибината „Повеќе за сите“: Поддршка за пензионерите до 15.000 денари за 5 месеци

СДСМ се грижи и за пенизонерите, само со последниот, деветти пакет антикризни мерки, 187.000 пензионери со пониски пензии добиваат значителна финансиска поддршка, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, на вчерашната трибина „Повеќе за сите“ во Прилеп.
Во наредните 5 месеци, како што посочи лидерот на СДСМ, Ковачевски, пензионерите со пензија до 14.000 денари добиваат по 3.000 денари месечно финансиска поддршка, што е вкупно 15.000 денари.
Пензионерите, пак, со пензија од 14.000 до 16.000 денари добиваат по 2.000 денари месечно, а пензионерите со пензии меѓу 16.000 и 19.000 денари во следните 5 месеци добиваат поддршка од 1.500 денари месечно, истакнуваат од СДСМ.
„Кога велиме повеќе за сите, ќе напоменеме дека СДСМ веќе ги покачи пензиите во просек 5.000 денари во однос на тоа што изнесуваа од времето на ДПМНЕ. Со мерките и политиките на СДСМ никој не е оставен сам, а пензиите растат во континуитет. Кога велиме повеќе за сите, ќе напоменеме дека СДСМ веќе ги покачи пензиите во просек 5.000 денари во однос на тоа што изнесуваа од времето на ДПМНЕ“, рече претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски.
Притоа Ковачевски посочи дека просечната пензија денес изнесува 20.100 денари, што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година.
Минималната пензија денес изнесува 13.150 денари и таа е за речиси 50 % поголема од времето на ДПМНЕ, се додава во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре сончево време со температура до 20 степени

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени, информира УХМР.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди и со слаб до умерен јужен ветер. Во среда ќе има локални врнежи од дожд, а од четврток дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
ДИК: До 15 часот гласале 31,16 отсто од гласачите

Од податоците добиени од 3.167 избирачки места, односно 91,16 отсто од вкупниот број, до 15 часот гласале 31,16 отсто од гласачите или 515. 069, соопшти Државната изборна комисија.
Најголема излезеност има во Берово, Богданци, Валандово, Гевгелија, Градско, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зелениково, Кратово, Крушево, Лозово, Македонски Брод, Новаци, Пробиштип, Росоман, Старо Нагоричане и Чашка.
Најмала излезеност има во Центар Жупа, Радовиш, Маврово и Ростуше, Гостивар и Врапчиште.
Во Град Скопје до 15 часот излезноста е 31,16 отсто.
Во Аеродом гласале 31, 50 отсто од избирачите, во Бутел 33, 01, Гази Баба 27,82, Ѓорче Петров 30,11, Карпош 33,37, Кисела Вода 31,58, Сарај 36,33 во Центар 34,40, Чаир 35, 30 и во Шуто Оризари 21,99 отсто.
Од ДИК информираа дека досега нема пристигнато приговори за неправилности на избирачките места.
На едно избирачко место во Карпош се преминало на стариот начин на гласање со УВ лампа и спреј затоа што се заглавила СИМ картичката на уредот за биометриска индентификација.
Македонија
На новинарка сакале да ѝ го земат телефонот, интервенирала и полицијата

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) апелира до Државната изборна комисија (ДИК), општинските изборни комисии, и Министерството за внатрешни работи да продолжат да обезбедуваат непречен пристап и услови за работа за новинарите и медиумските работници на сите избирачки места. Професионалното, навремено и точно информирање на јавноста за текот на изборниот процес е од суштинско значење за довербата во изборите, велат од ЗНМ.
„До ЗНМ утрово беа пријавени неколку случаи на попречување на работата на новинарските екипи:
Скопје: Општина Карпош, (ИМ 2626) на новинарката Елида Зулбеари обид за одземање на мобилниот телефон и непристоен однос од страна на заменик претседателот на комисијата, по што имало интервенција од МВР, за што ќе побараме од ДИК да преземе санкции за службеникот.
Охрид (ИМ 1270): На екипа од јавниот сервис ѝ беше оневозможен пристап во раните утрински часови со образложение дека, покрај новинарската легитимација, треба да поседува и „акредитација од ДИК“. По реакција на колегите и интервенција на лице место, пристапот беше овозможен и работата продолжи.
Тетово: Новинар беше попречен да земе изјава од страна на членови на избирачкиот одбор, со упатување на „недостиг на акредитација“.“, се наведува во соопштението.
ЗНМ апелира до ДИК и МВР итно да ги известат сите избирачки одбори и службени лица дека не е потребна акредитација од ДИК за новинарите, со цел да се избегнат нови недоразбирања во текот на денот.
„Ќе продолжиме да ги следиме случаите, да реагираме институционално и да информираме за исходите.
Укажуваме дека за новинарите и медиумските работници во Македонија, освен новинарска легитимација од медиумот за кој новинарите известуваат, не е потребна посебна акредитација од ДИК за присуство и известување на избирачките места. Затоа, избирачките одбори, полициски службеници, набљудувачи и / или други чинители немаат основ да ја условуваат нивната работа со дополнителни дозволи. Истовремено, ЗНМ повикува на почитување на изборниот ред: новинарите имаат право да снимаат општ амбиент и изјави, без нарушување на тајноста на гласањето и без оневозможување на текот на постапката“, велат од ЗНМ.
Од таму ги повикуваат избирачките одбори од сите изборни места да овозможат непречен влез на новинарските екипи со видлива новинарска легитимација; да дозволат снимање и изјави во просторот каде што тоа не се загрозува тајноста на гласањето; при недоразбирања, прво да побараат насоки од ОИК/ДИК, наместо да го ограничат пристапот.
„Ги охрабруваме и новинарите, фоторепортерите и снимателите: секогаш да ја носат новинарската легитимација и да се претстават доколку тоа е побарано; да ги почитуваат насоките на одборот, кога истите се однесуваат на тајноста на гласањето; при какво било попречување, веднаш да го евидентираат случајот (време, место, избирачко место, лица) и да се обратат до ЗНМ.
За правна и практична помош, новинарите, снимателите и фоторепортерите можат да се обратат до регионалните координатори на ЗНМ во Штип, Струмица, Битола, Охрид, Тетово и Куманово, како и до контактите на ЗНМ во Скопје.