Свет
Хамас ги отфрла разговорите за заложниците додека Израел не ги запре воените напади

Хамас и другите палестински фракции денеска ги отфрлија разговорите за ослободување на израелските заложници, додека Израел не ги запре воените напади врз Појасот Газа.
Во соопштението на Хамас се наведува дека таквиот потег е одраз на „палестинската одлука на национално ниво“, пишува Гардијан.
Како што се посочува, „не треба да се зборува за затвореници или договори за размена на заложници, освен по целосно прекинување на агресијата.
„Тајмс оф Израел“ додава дека неименуван израелски функционер, во изјавата што ја пренесоа израелските медиуми, го обвини Хамас дека се обидува да го условува ослободувањето на заложниците со крајот на војната.
„Тоа нема да се случи“, рече тој.
Околу 120 Израелци се уште се во заробеништво на Хамас и паравоената организација Исламски џихад.
Повеќе од 100 израелски заложници и стотици палестински затвореници беа ослободени како дел од претходниот договор, кој предвидуваше привремен прекин на непријателствата.
Лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, кој живее во Катар, оваа недела отпатува за Каиро на разговори со египетските власти, кои се обидуваат да посредуваат за нов договор меѓу Хамас и Израел, но средбата заврши без резултати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека преговорите со САД во Алјаска биле „многу искрени и содржајни“ и ги приближиле двете страни до донесување на неопходните одлуки.
– Разговорот беше многу отворен и по мое мислење нѐ доближува до потребните решенија, рече Путин на состанок во Кремљ посветен на резултатите од преговорите во Анкориџ.
Тој додаде дека долго време не биле водени преговори од ваков вид на толку високо ниво и дека имал можност „смирено и детално“ да ја изложи руската позиција. Според него, се дискутирало за сите аспекти на билатералната соработка, но главниот акцент бил ставен на можностите за праведно решавање на украинската криза.
На состанокот во Кремљ присуствуваа премиерот Михаил Мишустин, претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин, раководителот на претседателската администрација Антон Вајно, како и секретарот и заменик-претседателот на Советот за безбедност Дмитриј Медведев и Сергеј Шојгу. Присуствуваа и вицепремиери, министри, како и гувернерката на Централната банка, претставници на ФСБ, Генералштабот и Рускиот фонд за директни инвестиции.
Путин најави дека детално ќе ги информира учесниците за разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп. Состанокот во Кремљ продолжи зад затворени врати.
Регион
Црна Гора се бори со пожари

Седми ден по ред пожарите во Црна Гора не стивнуваат, а најкритично е во Подгорица, каде што и покрај тоа што ситуацијата е под контрола.
Началникот на Дирекцијата за цивилна заштита и намалување на ризици од катастрофи, Љубан Тмушиќ, соопшти дека најзагрозени области се Пипери и Кучки Корита. – Во овие подрачја се ангажирани сите расположливи ресурси – 12 возила и 42 пожарникари, рече Тмушиќ.
Посебна закана претставуваат и таканаречените „подземни пожари“ кои се активираат со пораст на температурите.
Во гаснењето се вклучени и армијата, како и помош од странство – Србија испрати хеликоптер, а вчера пристигна и швајцарски тим со 26 пожарникари и четири специјализирани возила. Поддршка дава и хеликоптер од Чешка.
Свет
(Видео) Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл

Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл и за помалку од две минути украдоа накит и луксузни предмети во вредност од околу два милиона долари, соопшти полицијата.
Настанот се случил во четвртокот попладне, а надзорните камери снимија како осомничените со чекани ги разбиваат заклучените стаклени врати и за 90 секунди празнат шест витрини. Меѓу украдените предмети се наоѓаат и „Ролекс“ часовници со проценета вредност од 750.000 долари и смарагдна огрлица вредна 125.000 долари, објави Еј-Би-Си њуз.
За време на грабежот, еден од напаѓачите им се заканувал на вработените со спреј против мечки и електрошокер, но никој не бил повреден.
„Длабоко сме потресени како вработени. Продавницата ќе биде затворена извесно време“, изјави потпретседателот на семејната златарница Џош Минаше.
Полицијата пристигнала веднаш по дојавата, но сторителите веќе избегале со возило и засега се недостапни за законот.