Македонија
Ковачевски: Просечната плата СДСМ ја покачи на 630 евра, а во времето на ДПМНЕ беше 360 евра

Факт е дека остваривме реален раст на платите и пензиите, затоа што ние мислиме за секого, затоа што не носиме популистички предизборни решенија туку системски решенија кои имаат ефект на долг рок, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска на трибината Повеќе за сите во Кочани.
-Просечната плата СДСМ ја покачи на речиси 39.000 денари, тоа се 630 евра. Неспоредливо со времето на ДПМНЕ кога просечната плата беше 360 евра. Просечната пензија денес изнесува 20.100 денари што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година, кога на власт беше ДПМНЕ. Минималната пензија денес изнесува 13.150 денари и таа е за речиси 50% поголема од времето на ДПМНЕ. Тоа се факти. За 2 години пензиите ги покачивме за 25%, најмногу досега и пензиите ќе продолжат да растат со СДСМ. Факт е дека вративме 2,6 милијарди евра кај граѓаните и компаниите. И Факт е дека со СДСМ има Повеќе за сите. Со членство во ЕУ платите и пензиите ќе пораснат и за 70%, рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ направи споредба со, како што рече, лажните ветувања и манипулации на ДПМНЕ.
-Еднаш велат ќе ги покачиле пензиите за 5.000 денари, па после велат дека мислеле на рати да ги покачат по 500 денари. Така лагата за 5.000 денари поголеми пензии стана 500 денари. Тоа е познатото манипулирање и потценување на граѓаните од страна на ДПМНЕ, кое го живеевме 11 години. Нам пензионерите не ни се гласачка машина, ние пензионерите ги почитуваме, не ги манипулираме пред избори, ние им го даваме тоа што им е заслужено за пристојна старост и навреме, не пред избори. Од првиот ден откако сум премиер така функционираме, ние креираме политики за спокоен живот на нашите повозрасни сограѓани. Со последниот пакет антикризни мерки финансиски ги поддржуваме пензионерите со пониски примања и добиваат и до 15.000 денари, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на трибината Повеќе за сите во Кочани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јанчев прогласи победа во Кавадарци

По трет пат Кавадарци избра работа, чесност и резултати, објави досегашниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев на социјалните мрежи.
„Соодноста е неверојатна – 7:1 за работа, чесност и резултати!
Оваа победа не е само моја, ова е победа на народот, на сите кои веруваат во подобро утре, во фер и посветена работа, во силна Македонија“, порача Јанчев.
Им се заблагодари на граѓаните за поддршката.
„Голема чест е повторно да го имам вашиот глас и вашата вера во мене и во тимот.
Голема благодарност и честитки до советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, до сите кои застанаа зад оваа победа, со работа, со идеја, со срце и душа!
Продолжуваме уште посилно, со истата љубов и со уште поголема одговорност.
Кавадарци да биде пример за развој, чесност и успех“, вели Јанчев.
Македонија
Димитриевски објави убедливо водство во Куманово, советничката листа на ЗНАМ во овој град со извојувана победа

Избори според скандинавски модел, ваква е оценката на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски за денешниот изборен ден.
Овој пат како што рече ниту во Куманово, ниту во Македонија не се забележува како кандидатите за градоначалници ги бркаат полициски тимови или дополнително се врши притисок на сите нив.
„Според 80% обработени податоци во нашиот аналитички центар, јас како кандидат водам убедливо во однос на сите останати шест кандидати, или за споредба, колку имаат вкупно гласови останатите шест кандидати толку јас како кандидат на ЗНАМ со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ имам добиено гласови. Дали ќе имаме втор круг или не, во овој момент не можам да ви кажам бидејќи сите податоци не се обработени. Но и да има втор круг, ЗНАМ ќе биде дефинитивно победник на претстојните избори на локално ниво, бидејќи повеќе од јасна е желбата на граѓаните и дека препознаваат континуитет и развој на овој град и сакаат Куманово да продолжи да се развива во тој дух“, рече Димитриевски.
Листата на кандидати за советници на ЗНАМ во општина Куманово, според него, извојува победа и доби најголем број на гласови.
„Веднаш зад нас е и листата на ВМРО-ДПМНЕ и повеќе од јасно е дека мнозинството во Советот ќе го сочинуваат овие две листи и веројатно останатите поранешни партнери во локалната власт“.
.
Македонија
СДСМ победи во три општини во првиот круг, Филипче рече дека резултатот не е каков што посакувале сите, но не е лош

Првиот човек на СДСМ, Венко Филипче, соопшти дека партијата на локалните избори победила во три општини во првиот круг – Крива Паланка, Кривогаштани и Богданци.
Изборниот ден го оцени како мирен, со одредени забелешки кои ќе бидат поднеени со ОБСЕ и ДИК. Тој им ја честиташе победата на сите градоначалници кои победија во првиот круг.
Објави дека СДСМ води во уште неколку општини – Центар, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново, Валандово, Крушево, Лозово, Росоман.
Дополнително, се осврна и на општините во кои се на второто место – Неготино, Македонска Каменица, Ранковце, Дојран, Демир Капија, Зрновци, а очекуваат податоци од уште неколку места.
Тој апелира граѓаните да излезат масовно на гласање во вториот круг.
Овој резултат не е тој што го посакувавме сите, рече Филипче, меѓутоа не е лош резултат со оглед на тоа што во некои од општините имаме зголемување на бројот на гласови.