Македонија
Му заврши мандатот на Јовески: „Во ниту еден момент не престанав да се залагам за повеќе и за подобри резултати“
Јавниот обвинител Љубомир Јовески на крајот од својот мандат писмено се обрати до медиумите коментирајќи дека со гордост, задоволство и чест во изминатите шест години ја извршувал функцијата.
Тој рече дека во овој период Јавното обвинителство го почнало процесот на трансформација од целосно затворена кон институција отчетна и достапна за граѓаните.
„Состојбите не се лесни, но сепак покажавме и покажуваме истрајност во реформите, а тоа веќе го препознаваат и сите меѓународни институции. Во последниот извештај на Европската комисија навистина се ниски оценките за борбата против корупцијата во земјата и од тоа не можеме да бидеме задоволни. Но, ниту една критика не е насочена директно кон обвинителството. Напротив, се инсистира државата да ги обезбеди и да ги зголеми ресурсите за непречена работа на Јавното обвинителство. Сакам да истакнам дека често поради непознавање на реалната состојба или намерно, правосудството, а со тоа и Јавното обвинителство, се цел на неосновани напади.
Со такви интереси секој си правеше анкети и ги презентира како релевантни. Се создаде атмосфера дека довербата во нашата работа е нереално многу ниска. На пример, покрај другите предмети, правосудството постапува и по граѓански, во кои одлуката е во корист само на едната страна. И покрај тоа, во значителен број предмети странките ја прифатиле донесената одлука и не изјавиле жалба. Во Јавното обвинителство, пак, бројот на поднесени кривични пријави од граѓани од година на година расте, што исто така е показател дека довербата на граѓаните во нашата работа се зголемува и е многу повисока од презентираната.
Анкетите, онака како што се прават за политичарите и политичките партии, не се соодветни за мерењето на довербата во работата на Јавното обвинителство. Еве само некоку податоци од стручно и релевантно истражување на Светската банка, кое деновиве и целосно ќе биде објавено, а се однесува на состојбите со јавната перцепција на правосудството кај нас.
Во ова длабинско и суштинско истражување, на пример, на прашањето:
Колку се ефикасни правосудните институции?
Генерално, позитивна оценка дале 28 % од граѓаните и 33 % од бизнисмените. Запрашани за ефикасноста конкретно во нивниот предмет за оние што имале такво искуство, 47 % од граѓаните и 37 % од бизнисмените рекле дека се задоволни.
Квалитетот на работата на правосудните институции позитивно го оцениле повторно 28 % од граѓаните и 31 % од бизнисмените, а во нивен предмет тој процент се искачува на 50 % од граѓаните и 42 % од бизнимените, кои се задоволни од квалитетот на одлуките.
Заслужуваат внимание и податоците на истражувањето на Светската банка на прашањето колку е фер правосудниот систем? Позитивно се изјасниле 24 % од граѓаните и 23 % од бизнисмените, а од оние што имале лично искуство позитивна оценка дале 60 % од граѓаните и 55 % од бизнисмените.
Дали во изминатите шест години можевме и подобро и повеќе? Сигурно да, но во ниту еден момент не сум престанал да се залагам за повеќе и за подобри резултати.
Сакам да упатам една порака и до колегите јавни обвинители.
Стрпливоста и упорноста се столбовите на секоја кариера во правосудството. Потрагата по правда е маратон, а не спринт-трка на кратки патеки и затоа човек мора да одржува темпо и да е истраен. Ве повикувам во секоја можност да ја демонстрирате својата истрајност и решителност во борбата против криминалот. Не дозволувајте поединци да ја извалкаат професијата во која секојдневно се вложувате. Со чесна и напорна работа вашите резултати нема да останат непрепознаени од јавноста.
Би сакал јавно лично да ви се заблагодарам за соработката што ја имавте со мене како прв човек на институцијата.
Ја користам оваа пригода за вам, на вашите семејства и на сите граѓани да ви ги честитам претстојните празници и да ви посакам многу среќа, здравје и успеси“, вели Јовески во писмото по повод завршувањето на мандатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

